недела, 27. септември 2020. Вести денес: 73
home Колумни

Тик-так: Хрониките на очајниот бомбаш

Тик-так: Хрониките на очајниот бомбаш

Си била еднаш една анкета… Само што ја направиле, а новородената силно се израдувала дека, конечно, ќе ја оствари целта на нејзината егзистенција. Така, си се радувала и туфкала пустата анкета, чезнеела за моментот и си мечтаела како ја лиферуваат, а таа така озарена излегува и го гледа светлото на денот.  Па ја читаат, гледаат и коментираат луѓето, ја кажуваат и прераскажуваат насекаде, од канцеларии, преку штабови па се’ до кооперации.

Арно ама, се појавил еден голем проблем. Нелогичен, ама страшен.  За некого. Нарачателите, кои се надевале дека таа со изборот на испитаниците ќе им годи и ќе ги опраи, сфатиле дека и покрај се’ и наспроти сите „намештаљки“, анкетата несреќна не им одговара. Повторно губеле, впрочем, како и секогаш. Греота, а убо ја платиле.

Така, сиротата таа си останала во темната одаја на фиоката, забаталена и заборавена од светот. Т’канди, таксират силен ја фатил судбината нејзина. И анкетата си воздивнувала, плачела и сонувала дека некој некогаш ќе се смилува на неа и нејзиниот фатум проколнат. А згрешила само што била искрена и чесна, оти не знаела да лаже… Боледувала од неизлечива болест, наречена неподобност, лоши резултати за оној кој и го побарал создавањето нејзино…

Но дали ова бил крајот на несреќницата анкетарска? Јок. Не бил.

Спасот пристигнал. Нарачателите промуќурни, соочени со нејзината, за нив грда содржина, си нашле волшебник кој ќе ја „излекува“ и среди пустата несреќница. Да, скап бил, ама одработувал и средувал за сите пари. А тие проблем не биле. Еден тендер – и оп, можеле да платат 5-6 волшебника, не еден…

Навежбаниот, спинерски поткован мангуп, со помош на своите „магии“ и моќи, веднаш се фатил на работа и за неколку часа пустата, резултатски грда несреќница и неподобница  ја трансформирал во лепотица, сега многу посакувана и љубена од принцот-нарачател од  дворецот на екс Бихаќка.

„Ји-хааа!“ викнал од воодушевување и новоразбудена љубов нарачателот, принцот-бомбаш, го гушнал волшебникот кој ја опраил довчерашната анкетна грдотија и рокнал една нумера од Дино Мерлин. Добро, новокомпираната анкетна алиби-невеста малку наликувала на Франкејнштајновата, ама, мање важно, вршела работа.

Веста за наштиманата анкетна направија ги заголицкала ушите и замилувала душите на врхушката на нарачателите, а испаничените лица се смириле и опуштиле. „Јессс, ево алиби за одложување избори“ свикала свитата смотана околу лидеровите нозе. „Е, сеа ќе ни се фатат.  Хехехе! А речат бегате од избори, ние ќе им враќаме – кој бе лузери, кој, па тепаме на анкетата бе, ево види – корпус деликти, хахаха! Јес, то!“

Силна еуфорија завладеала во дворецот на синокрвните, а чуварот на фиоката бил награден со две вреќи азно. Уште подобро минал волшебникот, кој единствено се налутил што славеле со Дино, оти презимето му се поклопувало со името на неговиот британски соперник, со кој лошо стоеле по битката за штимањето на Брегзит. Да, таму Мерлин го добил „контрактот“, ама за македонскиот Референдум не се нафатил. Бил вошебник, ама не месија, тука требало библиско чудо за штимање, па соочен со тежината, дури и тој баталил. По него, никој не сакал ни да проба, а резултатот го знаеме…

Тоа дека дел од медиумите го најавиле„ лажњакот“ анкетен, многу, многу и не ги тангирало. Па не им било првпат. Дворјаните со синокрвна ориентација штимале и со ГТЦ, штимале со Стево, пробале и со референдумот за името. Веќе им преминало во навика. И така, сите во државата знаеле дека анкетата е лага, употребната вредност била во алибито. И така ја фурале, лиферувале, на секој од многуте „независни“ медиуми ја топореле. Ќејфови, големи…

Радоста малку ја пооматил еден нормален „синокрвец“ со троа помал коефициент на виша вредност и поголем на интелигенција, кого не успејале да го опијат со наштелуваната направија. Во редок момент на искреност, несреќникот, комуњарски маркиз, прашал: „Абеееее, ќе успееме ли да ги одложиме избориве? А? Па ветивме, нели, да не испаднеме биљмези? Сигурно ќе можеме?“

Неверицата на лицата сопартијски траела две-три секунди, за да експресно биде заменете со силна смеа. Повеќето паднале на земја и се ваљале од кикотење. Пустите чеда опортунистички возљубени во златото се расплакале од хумористичната изјава на единствениот со недоиспран мозок.

Прв се соземал лидерот бомбаш. Мешајќи на дијалект, ко секогаш кога е возбуден, ја гушнал новокомпонованата анкета и полн со самодоверба и насмејано лице кратко срочил:

„Алооооо! Другарче, ако два пати одложувааме договорени избори ко опозиција, ако „победииме“ на избори и формирааме влада без да победеме, ако успејааме да сменеме се’ шо е свето со уцени и затворе, с’а може шо искаме да прааме! Текнува ли ти?“

Лицето на неверниот Тома светнало и се разведрило, иако, за секој случај го испратиле на доперување на мозoкот, да не случајно повторно му текне да размислува.

А принцот-бомбаш заминал на терапија. Имал силен и страшен проблем, бадијала се правел манга и глумел дека е смирен. Вистината била дека не можел око да склопи, сонот со месеци му бил само пуста желба.

А склопел очи, веднаш го слушал звукот на ономатопејата со која ја започнал својата бомбашка кариера лиферувајќи „бомби“ во дворецот партиски. Сега, несреќниот лидер не можел да заспие од звукот на истата таа ономатопеја во која темпираната експлозивна направија незапирливо одбројува. Само, овојпат, во неговиот скут.

„ТИК-ТАК, ТИК-ТАК, ТИК-ТАК, ТИК-ТАК!!!“

Коронавирус