вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 39
home Колумни

Тие молчат затоа што вие премногу зборувате!

Тие молчат затоа што вие премногу зборувате!

Престанете да прашувате зошто молчеле!

Престанете да прашувате каде биле, со кого седеле и како биле облечени!

Престанете да им кажувате што треба да објавуваат на социјалните мрежи!

Престанете да ги обвинувате за што било, престанете да ги повикувате нивните родители и врсници!

Престанете да прашувате зошто по долг молк, сега решиле да обелоденат што преживеале!

Тие молчат затоа што вие премногу зборувате…

Жртвите на насилство од секаков вид (физичко, психичко, сексуално) најчесто молчат од страв. Се плашат од осуда, се плашат дека никој нема да им верува, се плашат од коментарите на околината или од реваншизмот на насилникот. Се плашат дека нема никој да ги заштити, се плашат дека ќе им се поставуваат многу прашања на кои не сакаат да одговорат.

И сето ова навистина се случува. Оправдани биле нивните стравови. И затоа имаат право да се плашат. Имаат право и да молчат, имаат право да зборуваат, па дури и да врескаат на цел глас. Имаат право сами да одлучат кога ќе прозборат.

Жртвите не сакаат да бидат жртви. И со ништо не заслужиле да бидат жртви.

Дали биле блиски или непознати со предаторот, дали носеле мини бикини или плус-сајз тренерки, тоа е нивна работа. Не е ваше да им судите што ќе облечат. Не може нивната облека и нивниот изглед да биде тема за дискусија зошто биле тепани или силувани.

Прашувате зошто молчеле, а кога ќе прозборат, со вашиот однос, ги терате да се покајат што не молчеле подолго. Вашите осуди се ново преживување на насилството, нови удари и посилна болка.

Молчат затоа што знаат во какво општество живеат. Немаат доверба во институциите и се плашат од реакцијата на околината.

Молчат бидејќи не знаат што да кажат.

Молчат бидејќи не знаат кому да кажат.

Молчат бидејќи не знаат како да кажат.

Молчат бидејќи не знаат кога да кажат.

Молчат затоа што не се подготвени да зборуваат! И само тие знаат колку е тоа тешко!

Жртвите имаат име и презиме, семејство, работа, пријатели, емоции. Имаат и страв, сомнеж, неизвесност, болка, огорченост, немир! Имаат човекови права, имаат законски права. Имаат право да одлучат кога е време да се соочат со хоророт кој го доживеале, со лицето на монструмот, со сите душегрижници кои секогаш имаат што да кажат и што да замерат.

Кога тие ќе одлучат да прозборат, ние мора да научиме да молчиме. Врзете го јазикот кој нема што добро или утешно да каже. Затворете ја устата која плука ако плунката е насочена кон некој што и без вас, доволно е понижен.

Јавната соба ни го исфрли на виделина трулежот на општеството – начинот на кој изреагиравме за лицата кои бараат фотографии од малолетнички, полнолетните кои станаа мета за напади, оние кои молчеле и оние кои прозбореа, оние кои истрчаа да помогнат и оние кои од монструмите направија жртви, а од жртвите направија виновници.

Скандалите од нашето опкружување, кога беа обелоденети силувања многу години подоцна од монструозниот настан, ја исфрлија на виделина сенката на општеството. Излегоа на виделина јавните, темни тајни. Жртвите доживеаја ново насилство, овој пат психичко, од оние кои требаше да им дадат поддршка за храброста или да молчат.

Прашувајќи ги зошто молчеле, сами го дадовте одговорот. Тие молчеле затоа што знаат дека вие премногу зборувате.

Заштитете ги ќерките, едуцирајте ги синовите, не ги осудувајте родителите, верувајте им на децата, кренете го гласот, спуштете ја раката, отворете ја душата и разбистрете го мозокот. Си даваме совети за поддршка или утеха, совети кои самите не ги слушаме или гледаме.

Да направиме нешто денес затоа што утре може да биде доцна.

Утре ТАА може да бидеш ТИ, утре ТИЕ можат да бидат НИЕ.

 

Ивана Ефремовски

ЕУРО 2020

Македонија