четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Тешка артилерија

Тешка артилерија

Не може да помине ни еден ден во нашата држава, а да не се случи нешто спектакуларно. За Зоран Заев тоа стана секојдневие и ако не направи сериозен гаф на дневна основа, тогаш ќе смени иста изјава во ист ден или евентуално наредниот ден. Но уште поинтересно е што иако плаќа стотици советници во разни области, неколкуте од нив кои се дел од ПР тимот, ќе му смислат таква конструкција, која ќе направи експлозија во општеството.

Така почна и постапката пред Уставен суд за оцена на уставноста  членот 11-а од Законот за помилување. Целата јавност знае дека истиот суд е под контрола на власта, што се потврди неколку пати во гласањето 7-2, за неколку иницијативи за оценување на уставноста, кои беа во интерес на власта. Сега после три години се покренува ова прашање, што е веднаш наведува на сомнеж. Зошто баш сега, зошто не пред една или две години. Уште поинтересно е гласањето да се расправа по иницијативата. Уставните судии гласаа 6:3, па оттука секој треба да си помисли дека овие троица се под директна контрола на власта а другите шестмина не се. Затоа веднаш се ангажираат мегафоните и поддржувачите на власта, да нагласат дека тоа не е во согласност со владеење на правото и правна држава, дека не смее да се направи такво нешто. Дури се вклучува и невладино/владиниот сектор и тоа со тешка артилерија- “all mighty” Џабир Дерала, кој наводно и лично ќе излегол на улица ако такво нешто се случело.

Иако прочитани од граѓаните дека и ова е уште една претстава режирана од полу писмениот ПР, тие продолжуваат со сценариото, па “наводно” и претставници од власта ја напаѓаат иницијативата и повикуваат Уставниот суд да не расправа по неа. Во исто време подготвуваат и автентично толкување на спорниот член 11-а, но ја повикуваат и опозицијата да гласа, за да докаже дека е за владеење на правото и против било какви помилувања. Наивноста на режисерите оди толку далеку што тие во Собранието веќе формирале Интер партиска парламентарна група за помирување, на чие чело е марионетата на владејачката коалиција Зеќир Рамчилович, а замислете нема ниеден претставник од опозицијата. Таа група треба да расправа за настаните од “27 Април”, навивчките групи, ЛГБТИ заедницата, монтирани политички процеси, кривичниот законик и други форми на конфликти, и “внимавајте” до 5 Декември треба да излезат со предлог за интеграција и помирување. Се поставува прашање: Кој е овде луд? Како можете да се донесе таков предлог за само неколку дена?

Но во секоја игра има непредвидени потези. Така денес лидерот на опозицијата Христијан Мицковски на прес конференција изјави дека тие ќе го прифатат гласањето за автентичното толкување доколку се гласа за уште две работи, а тоа се: 1.Сите аболицирани политичари да не се занимаваат со политика и 2.Да се укине аболицијата за политичарите во иднината. Ова не е игра на “all in” како што некои играа и изгубија катастрофално, но може да се каже дека е џокер од ракавот. Да видиме сега кој ќе биде следниот чекор на предлагачите на автентичното толкување, бидејќи овој потег со сигурност не го очекувале.

Дали се сериозни за иницијативата и што се крие зад неа или пак сакаат да го свртат вниманието од криминалите и аферите во кои се вовлечени на друга страна. Всушност, најголем дел на актуелните кривични пријави се за нивните актуелни функционери, а кој знае уште колку ќе има.

Она што го направи СЈО и Катица Јанева е најгруб криминал, рушење на правосудниот систем и целосно губење на довербата на граѓаните во него, како што покажуваат анкетите. Досега, ниедна власт, ни во периодот на Социјализмот ни во плурализмот не дозволила вакво сквернавење на правосудството.

Процесот “Рекет” се кочи затоа што како што слушнавме во бомбите во него се замешани многу покрупни риби, иако до сега тие се обидуваат да ги спасат и помалите риби. Јавноста не смее да заборави дека и другите обвинители се соучесници во овој криминал. Не смее да се дозволи тие да се повикуваат на непознавање на прописите за делење на огромните хонорари, бидејќи “Ignorantia legis non excusat” или непознавање на законите не може да биде изговор. Се работи за буџетски пари со кои во ЕУ а особено во САД (нашиот стратешки партнер) нема играње. Но и изјавите дека се заканувале и уценувале некои сведоци, а на други, дури им плаќале да сведочат во нивни интерес, како што имавме прилика да слушнеме, се криминал а не делење на правда. Да се надеваме дека никој нема да се дрзне да ги стави под тепих овие случаи, иако нивниот најголем подржувач е токму премиерот Заев.