среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 39
home Колумни

Тапири, опосуми и големи пајаци – чара во Владата на Заев и Спасовски

Тапири, опосуми и големи пајаци – чара во Владата на Заев и Спасовски

Ниту техничката Влада е во контакт со народот, ниту народот е во контакт со неа. Ефектите од мерките на Владата се еднакви на нула – нуларум. Гротескна слика на кризата на Македонската демократија. Политичкото рулет-танго на Заев прогресираше во “Руски рулет“, кој секојдневно одзема човечки животи.

 

Малку сум збунет!? Не зафати пандемија од корона вирус, Претседателот подржан од “техничарите“ во власта прогласи вонредна состојба, техничката Влада и кризното тело донесоа тони и тони кризни мерки, од типот на изолација, самоизолација, карантин, полициски час…. И наместо работите барем малку од малку да ни изгледаат посредени и поохрабувачки, јас имам впечаток дека, вирусот шета, хара и смртоносно убива. Властодршците бараат, ако воопшто бараат, modus operandi (начин на дејствување/однесување) и наместо да се водат од ars vivend (уметност на живеење) тие ни сервираат суров ars moriendi (уметност на умирање). Насилно не втурнуваат во светот на инверзијата, во светот на наопаку поставените причини и последици за состојбава. А тоа е светот на неправдата. Во него се служат со препарирана оптика, при што camera obscura, потисната од нивниот магионичарски илузионизам и политички волунтаризам, ни дава изопачена слика на светот и реалноста (la monde renversee – наопаку поставен свет, свет во кој вистината е заменета со лаги и измами). И така мрачното време на корона пандемија, го прават уште помрачно и идеално, човек да фати чир на желудникот, да добие нервози и покачен крвен притисок, и хемороиди од карантини и изолации. Море  и интелектуална офтика.

Тука малку би ги потфатил и новинарите, не сите, ами само оној молчеливиот дел. А може и вака да ги опишеме: Ако ги тргнеме оние “осудените“, што поставуваа незгодни (ама вистински) прашања и оние кои “работат против државата“, а во суштина и едните и другите се обидуваат објективно да ја информираат збунетата и исплашена јавност, за остатокот ни останува дилемата: Спонзоруши или новинаруши, имаме сега ние? Или новинаруши асли спонзоруши? Ајде, сега за сега, само ќе им порачам нека не им го земаат лебот на оние вистинските спонзоруши. А во едно идно, не така далечно време, чекор по чекор ќе им направам рамка за личен и колективен портрет, јасен анфас, изострен профил, и ќе им предложам таа слика за нивниот лик, име и дело, да си ја стават до сликите од матурското табло или дипломското табло (за тие што го имаат), да видат какви невини и благонадежни фаци имале, наспроти сегашниве сурати. И, да знаат, САМО МОЛЧЕЊЕТО Е СРАМНО. Наместо да се свестат и едните и другите, ние сме сведоци на нешто многу зачудувачки, до степен на срамно.

Тие, посочените, избраните, како што мислат тие, од Бога дадените,  прават бесчувствителен напад врз својот народ  дека е недисциплиниран, дека пензионерите биле вакви и онакви… дека народот бил крив за се. Ниту зуц, ниту бек за нивна неспремност, нестручност, некомпетентност. Самокритика пак е алка која недостасува во ступидно-злобната позиција на властодршците. А дигањето глас, укажувањето, предупредувањето, критиката е sine qua non, за молчеливците што ја срамат професијата – за да бидат достојни репрезенти на таа благородна професија. Нормално, неодоливо ми е чувството дека со неверојатна, неподнослива леснотија “експертските тимови“ на Спасовски (техничката влада) и на Заев (СДСМ), не манипулираат до максимум, море до бесвест. А ние наивни. Најпрвин им верувавме, потоа премолчно се согласивме од “сјајна-блескава состојба“ директно да влетаме во вонредна состојба. На крајот  им ја дадовме нашата слобода, мислејќи и верувајќи дека се совесни. Се дадосавме од давање. Ама не било така. Не требало така лесно да сме лековерни. Море луѓе, знаете ли дека слободата е доверие! И тоа најголемо. А не узурпација и злоупотреба. Живот лишен од достоинство. Се што беше живот, сега ни изгледа како краток сон што помина. Ова пак што ни го приредуваат владеачките јакобинци и тоа што следува, ќе ни биде грозоморно и долготрајно јаве, кое ниту го посакувавме, ниту пак го сонувавме..

Гледаме и чувствуваме, јад во душата и чемер во срцата и градите на луѓето (работниците, селаните, земјоделците, администрацијата, пензионерите, невработените) се собираат и таложат. А му текнало ли на некој “експерт“ барем да предложи мерка за невработените, кои досега живееја на грбот на вработените, кои сега се на работ на социјалниот и егзистенцијален амбис? Слушаме дека во притворните одделенија и затворите, состојбата била алармантна, до степен на неподносливост. Што, тоа не се луѓе? И да се криминалци, ако се, тие пред се се луѓе, како сите нас, кои не сме во нивната незавидна состојба. Алооо, совест, хуманост, каде сте, постоите ли во Македонија. Да не сте негде другаде. Како и одговорноста и моралот.

Па ова е политички демонизам на дело и за жал, авторитарно (сурово) и тоталитарно (деструктивно до непрокопсаност) однесување во пракса – на штета на сé што е живо во Македонија, а не е власт, или поданик нејзин. Правете се, да не ги коментираме вашите политики и мерки, ја замолчувате критиката, и уживате кога вие самите себе се коментирате и толкувате. Покажувате и докажувате дека политиката не е занимање или професија, туку дијагноза. Ајде доста манипулиравте со народното достоинство, со неговите страданија и трпенија. Ова е најкултурно и добронамерно предупредување. На вас е да се отрезните и опаметите. Еве и зошто: Наместо помош од Владата, само обвинувања од нејзините апаратчици; Поделба на вистински и невистински угостители; Неинформирани експерти на Владата одобриле мерки за кризата, а не биле запознаени со условите кои требале да се исполнат, па да се добие помош во вид на субвенција. Да ви преведам: спасувате бродоломци со чамец кој има дупки и од нив се полни со вода; Кога угостителите го дигаат гласот дека пропаѓаат, министер од власта вели уценуваат. Тоа му е малку, па вели стопанските комори се согласиле со мерките на Владата. Од таму експресно му враќаат дека лаже, и следствено на тоа дека е лажго. А и напаѓа без срам и аргументи; СОНК ја предупредува Владата дека чепка таму каде не треба и драстично ја влошува состојбата на работниците.

Мислам, за доброто на сите, време е за итна дезинфекција, целосна дезинсекција и сеопшта дератизација на малигното ткиво на сите институции што ги раководи Владата, вклучително и нејзе, но и по некој од локалците. Еве и зошто: “Како не ми текна до сега“ директорката (“Миле ми текна“ оди во историја) на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска ступидно изјавува. “Некој што изгyбил работа денес, може ќе се вработи после два дена, тоа нe e гyбeњe на работа“. Те гледа во очи и те лаже. Тоа ти е дама со манири и морал; Неповеќе од тројца“  заменик министерката за МВР, Славјанка Петровска,  сама си измислува карантин-мерки, ја дезинформира јавноста, се покажува тоа дека е лага и мува не ја лази, топ не ја бие; “Цветниот градоначалник“ на Штип купува цвеќе и пијалоци, колегата му “Уништувач на невработеноста“ од Прилеп вработува ли, враборува (за цели 287 805 евра) партиски војници, а со дисциплина на Титови пионери го следат Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба и други општини; “Директорот Мода без душа“,  Ангел Димитров, од Свети Николе, до изнемоштеност ги експлоатира вработените во неговата конфекција, итн.

Некако, таму во врвовите на однародената власт на Заев и забеганите “стручни“ елити на Спасовски (Мила економистка, Славјанка полицајка, Билјанка безработничка), никој никако да сфати  дека преживуваме огромни трауми, доживуваме ненадомествливи трагедии. А и како да сфатат. Имаат стеснета свест, карактеристична за слепа памет, која продуцира слепи политики. Наместо олеснувања, само казни. Чиниш ги пишувале бирократски фишкали од романите на Кафка, а ги читаат, толкуваат(???) и спроведуваат бл’гарски пандури и полицаи. А за грчките трговци од нивните редови, кои Хер флик Оџата си ги однадува, како сака,  кога ќе посака, и не вреди да се зборува. Како да ги прескокнале лекциите од историја, кога голем дел од човештвото од разни природни и неприродни закани и грозомори се претвораше во прав и пепел, па сега, во време на смртоносно пандемија си играат “транге-франге“ (Кажи-ми-да-ти-кажам, дај-ми-да-ти-дадам, јас-на-тебе-ти-на-мене) политики. Да не набројувам во недоглед, да ве спасам, и да констатирам: Доста ни е од нивното јалово бамборење. Метафорично кажано, како тие политики и таквото однесување да се резултат на некакви тапири, опасуми, големи пајаци – тарантули (чии касања се извор на инфекции) и разни други штетни пајаци. Во што се состои метафората. Тапир, ти е нешто како микс од мини жирафа и макси свиња. Што поради изгледот, што поради однесувањето кон средината, постои награда “Златен Тапир“, која се доделува за незнаење, неумеење, не постигнување резултати, за еден вид доведување нешто или некого во понижувачка состојба. Кандидати за оваа “престижна“ тапир-награда, во Владата, колку сакаш. Опосум, навидум е симпатично торбарче, од фамилијата на цицачите, кое има врвни актерски квалитети, да глуми и да се преправа дека е заспан, отсутен, неподвижен, само и само да не биде забележано од  другите. Цела една третина од Владата ти е опосумска, секако предводена од еден лик на кого, пи-ар незнајковците од и околу Владата, му прават имиџ со ефект познат како губење на идентитетот. За пајаците “Тарантули“ и останати, сум пишувал, па не треба објаснување.

 

Чара врви низ редовите на нашите властодршци. Друго чаре нема: Време е за дезинфекција, дезинсекција и дератизација од животинчињата од насловот и слични на нив. Има ли во Македонија Ди-Ди-Ти прашок?

П.С. Благодарност до батко Радован Павловски за позајмените неколку стари македонски зборчиња од неговата “Демократска џунгла“

 

Сотир Костов

Коронавирус