вторник, 22. октомври 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Таен фонд за недај боже во државна институција

Таен фонд за недај боже во државна институција

Таман ќе фатиш некој ред во пишување ќе се случат толку работи, секоја поспектакуларна од другата, што ќе ти го нарушат редот во пишувањето. Но овој  текст е резервиран за нашата институција во распад која  сеуште не е распадната.

Затоа, неколку збора за прераспределувањето на замениците јавни обвинители од СЈО во матичните обвинителства. Имено, на некој “мастермајнд” во редовите на целата спрега во власта која сега се открива пред јавноста, во последен момент му текнува дека ако нема согласност од притворената Катица, ќе нема ни теоретски начин како да се прераспоредат замениците и предметите во СЈО. Бидејќи според Членот 9 точка 7 од тој закон Јавниот обвинител на Република Македонија и Советот на јавни обвинители немаат право да распределат јавни обвинители од Јавното обвинителство во други обвинителства без писмена согласност на јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство. Оттука произлегува тоа драматично писмо од Шутка која наводно Катица му го пратила на Љубомир Јовевски од затворот во Шутка. Па наводно било на компјутер напишано, ама сега од каде принтер, па пола на компјутер, пола на рака, па на мрсна хартија од бурек и на крај никој не го виде. Без тоа едноставно е невозможно да се прераспределат замениците во СЈО. Иако и со тоа писмо нема таква можност, бидејќи на нив функцијата им престанува по укинувањето на тоа обвинителство, а јасно е дека сеуште не е укинато во согласност со член 21 од истиот закон. Поради тоа тие ниту можат да ги водат предметите кои ги воделе во СЈО, затоа што за тие предмети е направен посебен закон кој уште е на сила, ниту пак имаат право да бидат преместувани во матичните обвинителства бидејќи тоа е во спротивност со законот. Најважно е дека името на самиот Закон е за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Тој е направен за тоа и само според него може да се работи, бидејќи во него се предвидени условите, начините и средствата како тоа ќе се направи. Се друго што ќе се презиме спротивно на овој закон е недозволено.

Но, во јавноста веќе излезе информацијата дека тоа било легло на непотизам и вдомување на партиски кадри од СДСМ, веќе добро познати од медиумите. Ако најголем дел од обвинителите си ги вработувале своите блиски роднини на тој начин ја злоупотребувале службената должност, не смеат да водат предмети од таа институција додека не се расчисти нивната инволвираност во тоа. Ако нивната шефица им излегувала во пресрет за нивните блиски роднини, нормално е тие да и возвраќале и да потпишувале се што ќе се побара од нив. На пример, заменичката Елизабета Јосифовска си ја вработила ни повеќе ни помалку својата ќерка во СЈО, тоа не е мала работа и како може да се очекува објективност од неа ако Катица и побара да направи нешто што не треба да го направи. Па за волја на вистината таа го потпишала решението за укинување на притвор во случајот “Империја” за кој бил земен рекет од 1.500 000 евра, нешто што сите го видовме на интернет. Ако таа еднаш или повеќе пати, така постапила треба веднаш да се испита нејзината работа, а не да се прераспределува.

Анкетната комисија на Собранието можеше да ги расчисти тие работи, но ете нема согласност од владејачката партија, што пак остава поголем сомнеж дека работите таму се сомнителни. Конечно како може оваа институција и овие луѓе да бидат непристрасни кога вработувале партиски кадри само од една односно од две партии кои сега се на власт.

Поентата на ова обвинителство беше да се утврди ВИСТИНАТА. Значи да се утврди дали некој е виновен или не и ако е виновен да одговара, за да профункционира правниот систем, а не целосно да се сруши. Секое жигосување на луѓе поради политичка припадност е контрапродуктивно на тоа што требаше да се постигне со законот. Но, веќе имаме нов исказ на сведокот Зоран Верушевски во предметот “Таргет- Тврдина” во кој тој тврди дека неовластено прибавените материјали доживеале страотни модификации и компромитирање, односно материјалите кои ги дал Заев во СЈО се изменети и монтирани, што ги отвора прашањата во постапките и по другите предмети. Понатаму тој изјавил, дека амбицијата на одделот со кој управувал бил да обезбеди валидни документи со кои партијата СДСМ ќе го оспори легитимитетот на власта. Ова претставува сериозен удар врз демократијата, бидејќи ако така се симнува од власт легитимна влада избрана од законот, парламентарната демократија ќе нема никаква смисла. Затоа, мора да се направи ревизија на овој процес, кој и така СЈО го однесе во неповрат.

Дознаваме исто така, дека во СЈО постоел таен фонд во кој сите давале средства секој месец. Тоа правење на паралелен систем, спротивно на нивниот закон и на Уставот на државата. Што би било следно? Правење на револуција, или купување на оружје, бидејќи според проценките во фондот се собрале преку 100 000 евра. Ако е тоа така веднаш треба да се поведе истрага. Дири сега Катица си бара пари од тој фонд за нејзината одбрана јавно. Да биде уште позамрсено и покриминално тие имале тајни примања со договор за дело, кој се склучувал за чување на деловна тајна. Замислете да се направат такви договори во целата држава? Затоа што, чувањето деловна тајна е задолжително за сите јавни и приватни институции и кој оддава таква тајна треба да биде отпуштен од работа и да одговара. Ова што го правеле е незамисливо за полуписмени луѓе, а тие беа надеж за враќање на довербата во правосудството. Колку бизарно! Додека не се испитаат сите овие работи незамисливо е тие да работат било што, а камо ли да ги застапуваат овие предмети кои сега се доведени во прашање. Најмалку што би требало да им се изрече после спроведување на постапката е забрана за вршење професија, дејност или должност.