сабота, 10. април 2021. Вести денес: 86
home Колумни

СТРАВОТ ГО ЧУВА ЛОЗЈЕТО, АМА НЕКОГАШ И ГО СОКРИВА КРИМИНАЛЕЦОТ

СТРАВОТ ГО ЧУВА ЛОЗЈЕТО, АМА НЕКОГАШ И ГО СОКРИВА КРИМИНАЛЕЦОТ

Можеби некој да го нарече политичко неискуство она што, во текот на вчерашниот ден, кога Зоран Заев „мака мачеше“ да дојде до збор и да предложи барање за (не) доверба на Владата, објавив статуси на facebook и со истите предизвикав дузина реакции и критики. Јас, сепак, сметам дека добро е јавноста да знае за хазардерскиот потег на Заев во време кога пандемијата се влошува, а се’уште немаме ниту една купена вакцина и во време кога се издава уште една еврообврзница.

Можеби некој и да се почувствува изненаден од сето ова, но јас искрено ќе бев изненадена вчера Заев да предложеше итна точка на дневниот ред да биде расправа по однос на состојбата со Ковид-пандемијата или можеби расправа по однос на состојбите во образованието, здравството, економијата или земјоделството.
Имаше мноштво на грешки во вчерашното водење на седницата од страна на Талат Џафери, но и на тоа како да се навикна народот, па не реагира за тоа што се кршеше Деловник, што се даваше предност на Премиерот како предлагач, а не на пратениците, што на побарана пауза од страна на Алтернатива Талат ни порача на нас од опозицијата да си одиме на пауза, а останатите ќе си продолжат со работа, што спроведе неделовничко гласање за закон, без да побара гласови против и воздржани, што направи таков хаос, што дури ни самото парламентарно мнозинство не можеше да се снајде. Капак на се’, вчерашното конечно собирање на сите пратеници од мнозинството, толку ги изненади, што десет минути пред да започне продолжението со закажаната само една седница за вчера, ни стигна известување за продолжување со уште шест заостанати седници. И, не, ние не останавме зачудени што вчера имаа мнозинство. Ние само се чудиме како на ова самото мнозинство се радува, а сепак е свесно дека дише на шкрги.

За чудење ми е, исто така, како пратениците на мнозинството кои редовно доаѓаат на работа и без кои не може да се бранат неодбранливите закони, поднесени од Владата, не реагираат на ваквото нивно деградирање?!? Како за нив не е деградирачки што никој нив не ги есапи?!? Зоран Заев повеќе ги цени и им се тресе на оние пратеници од неговото мнозинство кои збор немаат земено и кои е реткост да се видат во Собрание, освен кога за тоа се немаат дебело испазарено, токму со Заев. Тој на ваквите им удоволува секакви барања и уцени, а оние кои се постојано во Собранието не му се битни. Според неговата хазардерска политика, овие првите – послушните му се сигурни или безопасни. Ама, затоа овие вториве – непредвидливите маста му ја исцедија.

Околу режијата за барање (не) доверба, сигурна сум дека истата е зготвена од страна на новите соработници на Заев кои побрзаа веднаш со статуси дека и за ова е виновен Христијан Мицкоски. Да беа толку загрижени за ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа го тврдат, истите имаа можност да се кандидираат за претседател на партијата во декември 2018-та. Бидејќи тоа не го сторија, можеа да дојдат во партијата и одвнатре да се изборат за она што сметаат дека недостасува или дека не е во ред. Сепак, тие одлучија да му слугуваат на Заев, а само и само заради нивен спас од судски процеси.

На сите барања за напуштање на Парламентот и излегување на улиците, треба да сте сигурни дека токму тоа од нас и го очекува власта. Кога би го напуштиле ние Парламентот, тогаш истиот ден ќе се донесе популарниот закон за марихуана, истиот ден ќе се смени Деловникот и истиот ден ќе поминат сите нивни договорени пазарџиски закони. Што се однесува до излегувањето на улица, токму тоа и го чекаат, за да испоапсат уште дузина нивни неистомисленици, кои веднаш после тоа ќе затропаат на вратите на ВМРО-ДПМНЕ и ќе бараат помош од нас. Тоа се случи со 27-ми април, тоа се случи со Вевчанскиот карневал, тоа ќе се случи и истиот ден кога ќе се излезе на улиците, без претходна добра подготвеност и организација.
А, ВМРО-ДПМНЕ излегувало и ќе излегува, секогаш кога за тоа ќе процени дека се создадени услови.

Прашање е дали facebook-патриотите ќе ни се придружат или и тогаш ќе фатат кусур дека е ладно или премногу топло, дека е работен ден или дека ќе им се поремети викендот, дека никогаш не е вистинското време за протест. И, не, за ова не е виновен Христијан Мицкоски. За ова е виновен стравот кој ви го всади во коски оваа власт, па се плашите да не ве видат со небањатите, па сакате да се потпишете за вистински попис, ама да не ве фотографираат, па сте со нас, ама од дома, па сакате да си го задржите раководното место во институцијата, ама сепак сте со нас, па ќе го молите шефот за привелегии, ама нема да го критикувате јавно неговото неработење, ќе стискате повремено само по некој лајк, ама никако да споделите ваш став или мислење. Ама, затоа, оној ден кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на избори, токму вие ќе бидете првите кои ќе се протуркате да се сликате со нас, да седнете први во партиските штабови и да не’ убедувате колку се радувате со нашата победа.

Победа, почитувани, се добива со пенкало, на избори. Затоа, сите оние кои со ваучери или со класичен поткуп, со некое добиено работно место или со избришана казна, со полтронство или со премолчување, сметате дека сте се спасиле од овој уриет, запрашајте се самите себе дали сето тоа ви вредеше? Дали ваучерот ви стигна за два месеци да преживеете или само за еден? Дали поткупот го купи вашето достоинство? Дали вработувањето е вредно за вашата понизност? Дали вашиот страв ви помогна позади параваните во јули минатата година да ја донесете вистинската одлука или и тогаш останавте дома, верувајќи дека ништо не е до вас, дека се’ имаат договорено оние од „горе“?

Никој не може и не смее да ви повлијае на вашата конечна одлука. Прашање е на време кога истата вистински и цврсто ќе се одлучите да ја донесете. Зашто, дозволивте државата да ни ја води криминалец со мафија околу него. Дозволивте еден потпросечен „интелектуалец“ да му се обраќа на еден универзитетски професор со: „А, бе, човек!“, на што вториот му возвраќа со: „Господине!“. Дозволивте да ве манипулираат и да мислите дека за се’ е виновен Христијан Мицкоски.

Напротив, Христијан Мицкоски е можеби симболично еден генерал на војска, но војна не се добива само со генерал, туку со војската. Колку побрзо војската се разбуди, толку поскоро војната ќе се добие. Разбудете се и почнете вие да давате насоки, а не само да чекате насоки „од горе“ и после истите само да ги критикувате. Разбудете се и почнете да војувате. Доста анализирате и споредувате. Почнете да делувате. Време е за ваша акција.

Што се однесува до споредбата со „шарената револуција“ и начинот на кој Зоран Заев стигна до власта, истата е навистина погрешна. Зарем очекувате Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да демолираат споменици и државни институции? Да повредуваат полицајци и да ја сквернават државата? Напротив, од Христијан Мицкоски треба да очекувате фер и демократска победа на избори, а после тоа не очекувајте возвраќање со ист аршин, туку возвраќање строго по закон и Устав. Тоа е она што никој лидер досега ниту го ветил, ама ниту го спровел. Затоа е толку големиот страв од опстојувањето на Мицкоски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Стравот од одговорност е тој кој ги плаши сите кои сакаат да се протнуваат на мала врата. Стравот го чува лозјето, ама некогаш и го сокрива криминалецот во секој еден кој се огрешил и станал зависник и полтрон на актуелнава власт.

Христијан Мицкоски не попушти пред ниту една закана, не премолчи ниту еден криминал и затоа останува трн во око на сите. Едноставно, изгледа дека не сме навикнале или не сите веруваме дека постојат и вакви луѓе. Тоа е она што му одговара на актуелнава власт моментално и тоа е она што треба на многумина да им стане јасно. Оној ден кога ќе сфатите дека не сме сите исти и дека има луѓе кои работат строго по закон, тој ден ќе станете храбар војник кој ќе застане рамо до рамо со сите чесни граѓани на Република Македонија, без разлика на верата и убедувањето, и ќе ја извојува победата за чест и достоинство на сите нас.

Дафина Стојаноска – пратеничка

Коронавирус