сабота, 20. јули 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Стратегија

Стратегија

Да се има национална стратегија како долгорочен план и документ со кои ќе се насочи државната политика во сите области, а со тоа ќе се гарантира опстанок на нацијата и нејзин просперитет е основа за напредокот и пред се опстанокот на една држава и нација. За жал, Република Македонија од својата самостојност нема ваков стратешки документ преку кој ќе можеме апстрактно, но реалистично да ја видиме нашата татковина за следните 50 или 100 години или пак ете барем за следните десетина години.

Недостигот од ваков стратешки документ кој пред се мора да биде флексибилен во мерките и активностите преку чија реализација ќе се постигнат темелните цели на нацијата, не доведе до состојбата во која сме денес како држава и нација. Кога велам флексибилен, а во исто време и цврст мислам на цврстината на крајните цели кои треба да се постигнат, но флексибилен во контекст на реалната политика и општествениот момент во кој се наоѓаме.

Токму тоа е формулата за опстанок на малите нации „мудрост и флексибилност со многу разум, знаење и национална мобилизација на сите ресурси“.
Некаде кон крајот на 2017 година напишав еден есеј кој во три продолженија го објави мојот драг пријател Сотир Костов на сајтот svest.mk. Истиот есеј може да се најде и на крајот во мојата книга „Премрежијата на едно судбоносно време за Македонија“. Текстот на околу дваесетина страници токму предупредува на немањето Македонска национална стратегија, а во контекст на јавно промовираната стратегија на Република Бугарија кон Република Македонија уште во 2008 година. Препорачувам да го прочитате посочениот есеј за да ви бидат јасни денешните случувања во односите на Македонија со соседите, особено контекстот на однесувањето на Бугарија и резултатите од добрососедскиот договор кој Заев го потпиша на 2-ри Август 2017 година. Едноставно нели (што би рекол некој), да си бидеме ние на чисто што самите себеси (односно СДС и Заев) си сторивме.

Тоа што денес го живееме е de facto состојба во која политичката прагма и стратегиите на соседните држави и големите сили ги остваруваат своите цели на долг период или се позиционираат за остварување на крајните цели. Она што ние го правиме во моментот како држава се вика „НИШТО“. Си чекаме и си траеме ние без и чекор да се поместиме да се обидеме да најдеме решение. Лично и не очекувам СДС и Заев да најдат решение, не дека се глупи, туку едноставно зафатени се ( а и секогаш биле) со дневно-политички стратрегии како да натоварат уште некоја паричка на личната сметка и како максимално хедонистички да ја трошат власта која им ја дадоа.

Знаејќи ја оваа состојба и поаѓајќи од актуелните состојби во Македонија, поединечно во односите со секој од соседите, регионот и геополитичките влијанија, потребно е да се подготви национална стратегија која ќе го детерминира правецот во кој ќе се движи Макеоднија и ке се реорганизира нацијата и државата со едноставна цел „опстанок на Македонската нација и држава“.

Пристапот кон создавањето на една ваква стратегија (не поголема од 25-30 страници) треба да биде сеопфатен, реалистичен со јасно определена стратешка цел, подцели, задачи, мерки и активности кои пак ќе доведат до постепено остварување на главната национална цел. За реализацијата на стратегијата неопходно е да се размислува флексибилно во дадениот општествен и геополитички контекст. Ние мора да бидеме дел од процесите, не да ги следиме или не дај Боже да бидеме надвор од нив. Како дел од процесите можеме да влијаеме врз истите, секако во онаа мерка во која ќе создадеме државни и општествени капацитети.

Констатирајќи од веќе видливите последици кои ги трпиме како нација и држава, дека СДС не е политичката сила која е способна да подготви национална стратегија и од нив нема што да се очекува освен штета врз државата, останува (а и природно е така) ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе таа улога. Пред се ВМРО-ДПМНЕ историски и ја има таа задача и несомнено е дека треба да ја реализира. Во реализацијата на создавањето и операционализацијата на националната стратегија неопходно е да се мобилизира целокупниот интелектуален и академски потенцијал со кој ВМРО-ДПМНЕ располага и кој секако е подготвен да се стави на располагање заради интересите на Македонија и Македонската нација. Овој процес ќе биде тежок, бидејќи ќе бара редефинирање на некои сознанија, ќе бара флексибилност и изнаоѓање на решенија, но секако процесот најмногу ќе бара соодветно објаснување за целите на оваа „нова“ стратегија кај граѓаните на Македонија, а особено кај Македонскиот народ, но и пред меѓународната заедница.

Токму тука е моментот и тоа најтешкиот момент со кој ВМРО-ДПМНЕ како политичко лидерство и политичка структура ќе мора да се соочи со сите потешкотии да биде разбрана и прифатена од граѓаните една стратегија која ќе одговара на актуелната состојба, но ќе има тенденција за исправање на историските грешки и штети кои ни се направени. Секако дека реализацијата нема да биде лесна и ќе се соочиме со многу спротивставувања пред се од соседите, бидејќи со наша автохтона стратегија ќе ги попречиме нивните стратегии, но да запаметиме едно: „Битката за Македонија е битка на генерации и трае засекогаш“.

Доколку го знаеме ова и сме подготвени да ја водиме таа битка со сите сили и ресурси (секако на мирен начин), тогаш да бидеме подготвени на прифаќање на многу работи колку и да се горчливи, но во исто време да работиме на нивно отстранување.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов