Колумни

Сто дена Влада

Да потсетам: Мора да има ред, закон, одговорност. Сегде! Сообраќај, бучава, јавен ред и мир, узурпација, злоупотреби… Тоа е основа за се‘! И да, урбанизам! Мора да се стави крај на урбанистичкото дивеење и дивоградбите. Како човек кој најголемиот дел од животот го поминал во Чаир, ќе речам само едно нешто: Ова вака веќе не може!

Сто дена Влада

Владата поднесе отчет за се’ она со што се соочила, и како се справила со предизвиците во изминатите сто дена нејзино владеење.

Целата нација има огромни очекувања од ветувањата кои беа дадени, но и број наталожени фрустрации од „цунамито“ кое не снајде, во режија на ДУИ и СДСМ. Едноставно, се што направија е распродавање на државните и национални интереси, трошење на ангро и дегенерација на институциите и севкупниот државен систем. Ова што новата Влада го прави изминатите сто дена е едноставно кризен менаџмент, и обиди да се вратат нештата во колосек.

Каде е лутината на незадоволните? Претпоставувам кај брзината и интензитетот на справувањето со предизвиците. Народот бара крв, бара одговорност и отчетност од минатите, сменетите, бара строги казни, конфискација, одговорност. Интересно е што толку меѓународната заедница не дозволува да се стави рез во судството и обвинителството, чиј рејтинг е на ниво на статистичка грешка. Едноставно, никој не им верува, па ни авторот на овој текст. Жално, затоа што, убеден сум, дека туморот инсталиран во системот, не е поголем од 10-20 отсто. Сигурен сум дека огромен дел од вработените во фелата се чесни, објективни и вредни лица. За жал, веќе никој не им верува. Очигледно ќе мора самите да ја водат битката внатре, во нивната фела. Народот ги презира, од дното на душата. Правда сакаме.

Да се вратиме на работењето на Владата. Мерките кои се донесени, пред се’ се однесуваат на намалување на трошоците за живот на обичниот граѓанин, преку намалување на одредени давачки и трошоци со кои сите се соочуваме. Враќање на долговите и побарувањата на институциите, кои претходниците ги довеле до нула, а некаде и наталожиле огромни долгови.

За мене лично, позитивно е што после долги години конечно учениците ќе добијат учебници, и веќе нема да има импровизации. Програмата не смее да е експериментална, да не обезличи, да е полна со киксови и грешки, лажни и полу информации, и со етнички и јазични делби. Сега останува да се направи и по строга контрола на тоа како и што им се предава на учениците, и како истите се оценуваат. Целодневната настава сметам дека одлична, дека децата треба домашното да си го напишат на училиште, а дома да си играа, и поминат време со родителите, другарчињата и најблиските. Ја оздравувам и идејата да секое населено место и по селата, и приградските населби добие градинка, за да мајките бидат и по слободни, а дел и да се вклучат во работниот процес.

Здравството добро почна со укинување на еден куп измислени и небитни функции, пред се во Клиничкиот центар. Здравството, но и другите стручни ресори, не смее да влезат во играта на селекција на етнички и партиски кадри. Само квалитетот мора да се критериум. И таму е потребна сериозна контрола. Големи пари се трошат, а пак луѓето плаќаат еден куп нешта од џеб. Потребни се големи ревизии и реформи. Секако и заживување по сериозно на секундарното здравство во центрите во внатрешноста. Не може матичните одма да праќаат пациенти во Скопје, пред да ги посетат специјалистите во најблиските градови. Тука ќе мора многу што да се преземе.

Ајде малку околу идентитетот, црвените линии, евро интеграцискиот процес. Драги мои, првата голема битка се изгуби 2016-2018, за жал. Како човек кој окапал по улици, пишувал и се бунел, пак ќе ви повторам на сите, кованицата Северна, за жал, ќе не грди во годините кои следуваат. Ни ги накалемија во документите и институциите, и ќе ја трпиме уште десетици години. Прашање е дали ќе дозволиме да ни ја натоварат и да ја прифатиме, или свесно, активно и масовно ќе ја бојкотираме. Преку ноќ нема да ја смениме. Ама да не заборавиме кој ја донесе, кој ја поддржува. „Северџаните“ се уште се гордеат со својата одлука. Еден куп се покаеја. Борбата не е денес за утре. Сите активно треба да го живееме и промовираме македонството, јазикот, името, грбот, државното знаме, етничкото исто така, фолклорот, народната музика. Тоа не прави Македонци, така живее Македонија.

Транспорт е еден од најактивните ресори. Се работи турбо на патната инфраструктура, а очекувам и железницата да заживее. Резултатите ќе ги видиме сигурен сум за само неколку месеци од сега. Македонија мора во секој правец да се помине за два до три часа. И да, се уште сметам дека патарина треба да се плаќа транзитно на граничните премини, а нашите возачи да со регистрација плаќаат вињети.

Иако премиерот Мицкоски вели дека не треба апсолутистички мерки и чекори, сепак огромен број на народот верува дека за многу позиции треба да има рез. Не само во раководните структури, туку и внатре во хиерархијата, затоа што повеќе од очигледно е дека актуелната власт е опструирана е од внатре, од тие хиени, кои едноставно роварат и саботираат. Без цврст и одлучен рез, чаре нема, ќе тапкаме во место. Став и заби ќе мора да се покажат.

Собранието функционира конструктивно. Опозицијата прави тоа што и е работа, опструира, става сопки, власат ја има задачата тоа да го хендла, да се справи со истото. Законот за бранители треба да се донесе многу одамна, блокадите на ДУИ и ВЛЕН е шизофрено. Финансиско обесштетување на припадници на безбедносни сили е логично и обврска на државата. Да во ист кош се стават луѓе кои ја нападнале државата е навредливо, понижувачки и антидржавно. Тука нема простор за преговори. Нека политичките елити од албанскиот фактор соберат пари, па нека ги обесштетат, нека им вработат деца, или било што, но државата да даде пари за ликови кои се кренале со оружје против институциите на системот, е фарса. Нема логика. Мора да излезат од филмот каде ги поларизираат односите меѓу народот на етничка и верска форма. СДСМ пак покажа дека е една клета структура која живее од сплетки. Допрва ќе тонат.

Севкупната оценка, барем од мене е преодна. Сите во државава бевме свесни со што ќе се справи новата власт, но тоа не значи дека истото треба да не обесхрабри и демотивира. Мора сите расположливи структури во државата кои имаат што да дадат и да придонесат да се стават на располагање на Македонија, и секој да помогне во областа во која е квалификуван и компетентен. Да дадеме шанса на оние кои се низ светот да се вратат и тука да градат кариера и семејства. Да се заживее внатрешноста на државата, со услови, со урбанизација, парно, школи, градинки, болници.

Да потсетам: Мора да има ред, закон, одговорност. Сегде! Сообраќај, бучава, јавен ред и мир, узурпација, злоупотреби… Тоа е основа за се‘! И да, урбанизам! Мора да се стави крај на урбанистичкото дивеење и дивоградбите. Како човек кој најголемиот дел од животот го поминал во Чаир, ќе речам само едно нешто: Ова вака веќе не може!

Очекувам уште поголеми резултати во периодот кој доаѓа. Нема простор за изговори!

 

Александар Ристевски

To top