понеделник, 14. јуни 2021. Вести денес: 0
home Колумни

СРАМОТА Е, ДИМИТРОВ! СРАМОТА Е!

СРАМОТА Е, ДИМИТРОВ! СРАМОТА Е!

Старо-новата влада на Зоран Заев, во најголемиот број на министерства и ресори, има старо-нови имиња, – некои на истите, а некои на различни позиции. Па така, Никола Димитров, од министер за надворешни работи стана вицепремиер без ресор, ама задолжен за европски прашања. Ова е една од многуте „иновации“ на Заев кои никако да вродат со плод. Можеби и за ова да е виновна корона кризата или пак опозицијата предводена од Христијан Мицкоски???

Навлеговме во трет календарски месец, откако ја поднесовме интерпелацијата за Димитров и конечно, власта дури вчера се одоброволи да ни го овозможи нашето право да дискутираме за тоа, зошто бараме интерпелација за работата на заменикот претседател на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања. Ако воопшто и може да се каже дека ни го овозможи, бидејќи од вкупно 62 пратеника пријавени за збор, зборуваа само 19.

Како прво, тоа е односот кој димитров го негува, односно односот кој воопшто и го нема кон Собранието на Република Македонија и кон пратениците, пред кои тој е должен да одговара, зашто нели тие и го бираат. Конкретно, членот 92 од Уставот на Република Македонија вели дека секој член на Владата за својата работа одговара пред Собранието. Или уште поконкретно, бидејќи се работи за вицепремиер за европски прашања, според европската демократска пракса, секој член на Владата има обврска да се одзве на поканата на работните тела на Собранието и да размени мислење, да одговори на прашања или да реферира за својата работа.

Како второ, Димитров години наназад манипулира со македонската јавност, изјавувајќи дека споровите со нашите соседи се решени, како резултат на што сме добиле безусловна одлука за датум за почеток на преговори со Европската Унија и дека во текот прво на 2019-та, па потоа испадна 2020-та, ќе се одржела првата македонско-европска меѓувладина конференција. До ден денес истата не е одржана.

И како трета причина за нашата интерпелација за работата на Димитров беше неактивноста на Секретаријатот за европски прашања кој го води токму Димитров и од кој изминативе месеци на негово раководење не излезе ниту еден реализиран проект.

Во секоја европска држава ваков пример на неуспешен заменик-премиер завршува со оставка од морални причини или, доколку нема оставка, тогаш Заев, водејќи се од она мандатно писмо кое му го додели на Димитров, како и на сите останати старо-нови членови на старо-новата Заева влада, требаше да го разреши Димитров од оваа измислена функција.

Не видовме досега ни тронка морал кај ниту еден член на Владата, почнувајќи од Заев, а ниту во скора иднина треба тоа да го очекуваме. Оваа Влада единствено во што е можеби „добра“, тоа е во медиумските кампањи кои се полни со лажни ветувања и себефалења.

Република Македонија не доби датум за отпочеток на преговори со Европската Унија, а за сметка на сите отстапки кои оваа Влада со двоецот Димитров-Заев ги направи токму во име на датумот, македонските граѓани се’ повеќе ја напуштаат државава или се подготвуваат за тоа, веднаш штом конечно ќе заврши опасноста од ковид-кризата.

Инаку, од биографијата на Димитров може да се види дека кариерата ја започнал уште од далечната 1996 година, како меѓународен адвокат за човекови права. Тогаш на власт беше сдсм. Понатаму, во 2000-та година станува заменик министер за надворешни работи. Тогаш на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, станува и советник за национална безбедност во кабинетот на тогашниот Претседател на Република Македонија – Господинот Борис Трајковски. Во 2001-ва година Владата на ВМРО-ДПМНЕ го назначува за амбасадор во Соединетите Американски Држави. После владата на СДСМ од 2002-ра до 2006-та, Премиерот Никола Груевски во 2006-та година го назначува Димитров за свој советник за национална безбедност. Понатака, од 2009-та до 2013-та година Никола Димитров е амбасадор на Република Македонија во Холандија.

Дури во 2014-та година Симитров одбива понуда да биде амбасадор на Република Македонија во Москва, добиена од тогашниот премиер Груевски, за да веќе во 2015-та година јавно застане против политиките на тогашното ВМРО-ДПМНЕ и преку т. н. амстердамска тројка да повика на оградување од истите. Оваа тројка за кратко време стана двојка, а на крајот остана само еден од тројцата. Се разбира, тоа беше Никола димитров и истиот, наместо да им ги исправи главите и да ги одважи тогашните членови на ВМРО-ДПМНЕ, тој „храбро и одлучно“ си се префрли во редовите на сдсм.

До ден денес си е тука, нормално како експерт, но се прашувам за што? Дали е експерт по продавање магла или е експерт по избегнување одговорност?

Ќе издвојам една од последните изјави на Димитров, дадена како вицепремиер задолжен за европски прашања, на 08 јануари оваа година, цитирам: „Пристапниот процес е алатка за европеизација. Меѓутоа, нас никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација, ако веќе немаме пристап до пристапниот процес. И мислам дека, што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со европската унија.“ Можеби, да беше оваа изјава кажана од некој друг висок владин функционер, и ќе поверувавме на кажаното или дури и комплетно ќе се сложевме со изјавата. Но, Димитров да соли памет и да кажува дека дома треба да сработиме, а од друга страна тој е првиот и најповиканиот кој ништо нема сработено дома, ова е навистина премногу, па макар било и од димитров. Убаво звучат некои негови изјави, но никако убаво не изгледа неговиот арогантен однос наспроти неговата апсолутна неработа и негрижа за она за што е назначен и поставен.

Едноставно, Димитров е најмногу заинтересиран за тоа постојано да биде на некоја висока позиција, да покажува сила и моќ, да понижува, а во истовреме да нема никаков доказ дека нешто навистина сработил. Ова е впрочем и одлика на сите останати владини функционери во Владите на заев, па затоа и можеби конечно Димитров си се пронајде во ова опкружување.

Во 2019-та, кога многумина очекуваа, а најмногу Димитров самиот, да биде кандидатот за Претседател на Република Македонија, Димитров остана со реалноста дека сепак не може да го добие тој примат и да стане Претседател на Република Македонија, и покрај сите таканаречени напори и ангажмани за тоа. Ударот од оваа шлаканица Заев проба да го избалансира со доделувањето на носителската позиција на листата на пратеници во првата изборна единица на последните парламентарни избори минатата година за Димитров, после што истиот станува вицепремир задолжен за европски прашања.

Денес се навршуваат точно пет месеци откако Димитров е на оваа позиција, а немаме никаков резултат од неговото сработено по дома. За овие пет месеци Димитров избегна да дојде во Собранието на Република Македонија, на барање на собраниската комисија за надворешни работи. Повеќе од јасно е зошто Димитров не дојде на овие седници, како што е исто така повеќе од јасно дека Димитров останува запишан на македонската политичка сцена како политичар и висок функционер кој, во име на „европеизацијата“ на Македонија, ги понижи најмногу сопствената држава и сопствениот народ. До ден денес немаме никаков датум, освен лажни изјави и прослави, на кои прв беше секако димитров.

Ова е лажниот лик и профил на никола димитров и, ако не заради друго, барем заради сопствените корени и потеклото кои никако не може да се сменат, Димитров треба да биде свесен дека треба да се срами најмногу пред овие зборови, цитирам: „Раката да му се исуши на тој кој ќе стави потпис на најавената спогодба“.

Вчера овој арогантен лик во Собранието предеше како изморен мачор. Дури немаше ни силина во гласот или цврстина во одот до говорницата и назад. Интерпелацијата не му помина и овојпат, но останаа забележани сите негови нервозни гестови и несреќни изјави од типот: „евтина медиумска кампања“, „театар на картони“, „циркус од државни институции“, „пизма“, „сејачи и растерувачи на магла“, „пожарникар и пиромани“…

Конечно, непочитувањето на сопственото минато многу добро објаснува зошто димитров така лесно не си го почитува и минатото на сопствената држава и народ, поради што јас ќе ја завршам денешнава колумна во негов стил, дека е навистина срамота! Срамот има име и презиме денес, а тие се: Никола и Димитров! Срамота е, димитров! Срамота е!

Дафина Стојаноска – пратеничка

ЕУРО 2020

Македонија