четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Сменивме Устав и Име, а датум за преговори нема?!?

Сменивме Устав и Име, а датум за преговори нема?!?

Протестирам! Со ДИКТАТ ни сменија име што го имаме ОД ИСКОН, а не не удостоиа со датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Што е тоа? Што да мислам? Од политичките првенци на ЕУ повеќе и не очекував(Ете и претседателот Пендаровски се враќа со празни раце од гости кај мсје Макрон. Очекувам господин Нано Ружин сега да не насмее со нешто од Луј XV, XVI….). Ама од европските интелектуалци – ДА! Ама, ете, нив ги неме, не се огласуваат, како да не постојат. Дали сме сведоци на колапсот на (Западно) Европскиот дух. Се прашувам што се случи со европските интелектуалци? Го заборавивме ли “златниот период“ на европската интелектуална сцена, кога честа на интелектуалците ја бранеа Зола, Сартр, Ками, Кундера. КАДЕ СЕ ДЕНЕШНИТЕ НИВНИ НАСЛЕДНИЦИ?

Паметиме, подоцна се појавија Фуко, Дерида, Барт, Брикнер и многу други. Сите тие ја сочинуваа славната плејада на интелектуалци и ангажирани мислители кои беа во состојба со својот авторитет да влијаат на чувствителните јавни прашања во Европа. Денес такви интелектуалци во ЕУ нема. Денешниот тип на интелектуалец како да ја изгуби токму оваа одлика: чувствителност на јавните работи. Го бранеа достоинството на животот и гинеа за дигнитетот на човекот.  А токму тоа е одликата што ги красеше мислителите од Русо, преку Зола, до Ками, Сартр и подоцнежните ангажирани интелектуалци, како што се Хавел, Конрад, Михник и други. Мораме да признаеме дека времето во Европа се промени. Го доживеавме падот на Берлинскиот ѕид, а комунизмот отиде во историјата. Денес, на дело имаме измешаност, недефинираност и замагленост на идеологиите. Не опфаќа тажно чувство дека типот на ангажиран интелектуалец како да ја исцрпил својата историска улога.

Истовремено, сведоци сме дека новиот тип интелектуалци, не е профилиран, а улогата нивна недоволно дефинирана. Чиниш крајот на вториот  и почетокот на третиот милениум означија смрт на поединецот. На неговата индивидуалност, независнот и слобода на дејствување. Тоа како да повлече и слабеење на индивидуалниот револт за сметка на институционализираниот и контролиран активизам. Денес на сцена се невладините организации, банкарските конзорциуми, осигурителните системи и инвестиционите фондови. Сите тие  ги потиснаа слободните и независни интелектуалци. Така ги добивме професионалните општествени активисти. Без сомнение за оваа криза на индивидуален револт допринесоа случувањата на глобалната политичка сцена кои се случуваа како на филмска лента. Во име на “хумани интервенции“ доменот на човековите права е превземен и ‘‘освоен‘‘ од големите сили. Така, човековите права, станаа идеологија која се зло/употребува заради голиот интерес на политичките моќници. Во ваква констелација на односите и “распоред на силите“ индивидуалниот ангажман од интелектуален тип стана бесмислен. Жално е што историското “протестирам“ на Ками нема повеќе кој да го повтори.

Затоа, обвинувам! Го обвинувам европскиот интелектуалец што дозволува да владеат елитите(политички, финансиски, бирократски), а не законите и правото засновано на нив. Сообразноста помеѓу зборовите и делата е неговата најслаба точка. Моето обвинување е против неговиот замолк. Европеецот-интелектуалец не е ниту сенка на неговиот горделив и непомирлив претходник. Општата интелектуална клима во Европа е исполнета со дефетизам и потопена во скептицизам. Не постои одговорност на изговорената реч. Судот на јавната сцена повеќе не заседава. Поротата е бледа и неубедителна. Чувството за одговорност е спржено, а смислата за праведност закржлавена. Непомирливоста со состојбите е исчезната состојба. Научна фантастика во вселената. Протестирам против лицемерните политички елити на Европа. Тие газат и мелат се што ќе дојде во допир со нивниот систем. Устата им е полна со демократија, а ја суспендираат. Приговарам на нивната неспособност да дадат креативни одговори на предизвиците на времето.

Обвинувам што европската цивилизација стагнира. Обвинувам за отворањето на Пандорината кутија и разорното ширење на финансискиот и техничкиот инжинеринг. Наместо остварени сништа на некаков рај, Европа е во пеколот на бесмислата – опскурно секојдневие и хедонистички беспризорен ‘‘сјај‘‘. Обвинувам за двата погубни принципа: Принцип Запад (Occident) и принцип Исток (Orient). Исклучувачки и дијалектички спротивни. Се прашувам дали Европа ќе најде решение за сопствениот манихејски суицид. Ме плаши продирањето на свеста дека ѓаволот ја однел шегата. Во една ваква тмурна интелектуална состојба многу се прашуваат дали Европа дојде до самото дно? Многу одамна Валтер Бенџамин има запишано: “….Оние кои се уште се надеваат, бидејќи ’тоа веќе не може така понатаму’, ќе научат еден ден дека за прашањето на поединците, како и за општествените заедници, постои само една граница преку која понатаму не може да се оди: уништувањето“. Зад нас се времињата кога Европа беше замаец на цивилизација и култура.

Поминаа периодите кога во нејзиното духовно крило се раѓаа монументални филозофски, уметнички и научни достигнувања. Денес Европа повеќе не може да биде парадигма на планетарна иднина. Се случува ли ‘‘Залезот на Западот‘‘, како што предупредуваше Освалд Шпенглер. Да не е во прашање “Крајот на историјата“, како што предвиде Фукујама. Или пак поверојатно е ‘‘проклетството на Ниче‘‘ дека ‘‘Господ е мртов!‘‘, не само од времето кога тој го кажа тоа, туку од моментот кога нововековната научна мисла изврши преврт на логиката во логистика, а науката ја трансформираше во техника. Ја загубивме аналогната смисла на животот, па така нашите животи попримија дигитален вкус.

Крајно време е интелектуалецот во Европа, да се погледне самиот себе и да се запраша: “Кој сум, и каде ме водат“. ‘‘Запознај се самиот себе!‘‘, тоа е натписот на влезот во храмот на Аполон во Делфи. Синоним за филозофија на самоиспитување и саморефлектирање. Висока духовност, длабочина и ширина на размислување и преиспитување. Поучно упатство за сите што дошле по совет од боговите во религискиот центар на античка Грција. Крајно време е да се преиспита смислата на европската духовност на модерното време. Претпоставувам и денес, после две до три илјади години, важи истото упатство за сите граѓани на Европа. Вклучително и за  нашата Балканска маленкост, затоа што бевме и останавме творци на својата судбина, својата историја и својата иднина. Време е интелектуалецот во Европа врз себе да ја превземе одговорноста за сопствениот живот и општеството во целост.

И немој да мислете дека домашните интелектуалци – молчеливци ги заборавив. Со нив ќе се допишувам во првата следна прилика.

 

Сотир Костов

П.С.

Колумната е еден вид рефлексија на мислите што ги запишав и објавив во март 2015г.