среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 1
home Колумни

Ситна душа

Ситна душа

Сега сите пишуваат дека Денко го знаеме отсекогаш, ама никогаш никој не напишал ништо за да се “забетонира” тоа, што би рекле неговите. Секогаш кога треба да се реализираат најниски страсти, тука е поранешниот ”југоносталгичар”, кој поради подарените функции треба да делува авторитативно, додека целокупната јавност не разбра дека е тоа мизерно и дегутантно.

Ако се вратиме назад, а сега сите го тврдат тоа, дека сите титули и функции му се дадени поради татко му, кој нели ја напишал химната и поради тоа и самиот добивал највисоки места во СРМ и СФРЈ. Знаењето на англиски јазик, кое му помогнало да стане министер за надворешни работи, се должи исто така на кариерата на татко му. Владо иако не успеал да заврши факултет, бидејќи почнала војната, со средно училиште бил член на претседателството на СРМ и три пати амбасадор на Југославија во Либан, Етиопија и Полска. Оттука и познавањето на англиски јазик на Денко. Како професор не сме слушнале дека нешто посебно се истакнал, освен со провокаторски анализи, особено во време на “шарената револуција”, кога веќе беше во пензија, иако и самите шарени револуционери се оградија од неа. По последните испади, кога јавно се откажа од своето етничко потекло и од сите принципи и професионални функции кои во животот ги извршувал, треба да се размисли и за одземањето на неговото звање, бидејќи отиде толку далеку што го доведе во прашање самото добивање и извршување на тоа звање.

Тој е еден од најнеуспешните министри за надворешни работи, кој цело време беше во конфликт со тогашните членови на владата. Неговата министерска кариера беше постојано со тензии и оставки, кои ги нудеше поради тоа што беше против независноста на Македонија. За среќа го сменија после три години. Во таа желботека, во која му се исполнуваа сите желби, стана амбасадор на Република Македонија во САД. Тој мандат си го помина до крај, од 1993 до 1997, иако противник на независноста на државата која го плаќа. Но и покрај тоа, во најтешките моменти за Македонија, кога Грција ни воведе економска блокада и кога проблемот требаше да се решава во ООН, него не можеа да го најдат, бидејќи секој ден трчал на кејот покрај “Battery” паркот на Менхетн.

Но да се вратиме во сегашноста. Дали е Денко “пробен балон”, на перманентната комунистичка елита, која владее во Македонија од времето на Киро Глигоров, кој исполни некои од неговите најважни желби. За неговите изјави во домашната јавност не треба да се дискутира и не треба да им се дава значење, затоа што тој или “тие” тоа и го сакаат. Знаеме дека Крсте Мисирков секаде се пишувал како Македонец. Неговото капитално дело се вика “За македонските работи” и во него тој пишува за македонскиот народ – како посебен. Знаеме и дека Гоце Делчев се борел за Македонија во тогашната Отоманска империја, кога целиот географски дел на Македонија бил под нејзина власт, а македонската нација не ја признавале, така што сигурно не би се декларирал како Турчин.

Неговите ставови во Македонија можеме да ги игнорираме, но Денко се појави на странска – “бугарска” телевизија каде што искусниот новинар не го интересираа неговите ставови, туку само го праша дали Крсте Мисирков бил Бугарин, истото и за Гоце Делчев, дали Илинденското востание го подигнале и се бореле Бугарите и дали Македонците постојат како народ или се Бугари?  На сите овие прашања тој му одговори потврдно. Неговите одговори ги пренесоа сите грчки медиуми, тој како професор по право (сеуште) треба односно мора да знае, дека тоа претставува загрозување на уставниот поредок на државата, во смисла на кривично дело загрозување на независноста, според кое, “граѓанин на Република Македонија кој ќе ја доведе во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор најмалку пет години”.

Ако уставобранителите испровоцирани од настаните во Собранието влегоа внатре два часа, барем да го спречат противуставното однесување и не направија поголема материјална штета, а дел од пратениците поминаа со лесни телесни повреди, како на пример “влечење за коса”. Но сето тоа е третирано како терористичко загрозување на уставниот поредок, па сите добија драконски казни, овде се очекува барем надлежното обвинителство да отвори случај и да ги разгледа доказите. Ако можеше за градоначалникот Максим Димитриевски експресно да се поднесе кривична пријава, наместо парична казна од триста евра, со која му се заканува затворска казна, тогаш ова е далеку посериозно. Конечно, ова не ги зацврстува позициите на Македонија за влез во ЕУ, туку драстично ги ослабнува. Доколку прифатиме дека не постои македонскиот јазик и историја, односно македонскиот народ, што произлегува од изјавата на Денко, тогаш како што рече претседателот Стево Пендаровски “не ни треба ЕУ, ако цената е да не бидеме македонци и јазикот што го зборуваме да не е македонски ”.

Не треба да се заборави дека Денко во овој случај, како официјален советник има поголема одговорност, одколку да беше обичен пензионер. Самата функција го обврзува да внимава што зборува, бидејќи тој со преземањето на таа обврска, треба да работи во корист на државата, па некои работи и да ги мисли, не треба да ги каже поради тоа.

Замислете што би се случело некој да го загрози уставниот поредок на САД, или на Бугарија да речеме. Санкциите за тоа се големи и неизбежни. Но гледаме дека во конкретниот случај, од другата страна тоа никој не го прави.

Секој има право на награда поради своите заслуги, но никој нема право да го загрозува правниот поредок и уставот на државата во која живее. Да се надеваме дека нема и овде да има двојни стандарди.

 

Проф.др.Александар Даштевски

 

Коронавирус