Колумни

Што можеби се случува зад очите на јавноста

Дали можеби со ова, судирот меѓу Израел и Иран останува во регионални рамки, со можност, после денешната посета на иранскиот министер за надворешни работи на Москва, скоро да биде завршен со посредство на Руската Федерација, со потпишување нов договор за неразвивање на нуклеарно оружје од страна на Иран и, искажано задоволство од страна на Израел со “дисциплинирањето“ на “режимот“ во Иран. И волкот сит и овците на број.

Што можеби се случува зад очите на јавноста

Иранскиот теократски режим има многу пријатели, но ниту еден воен сојузник, додека израелскиот ционистички режим има многу непријатели и еден моќен воен сојузник. Ова е првиот дел од приказната, кој е битен само како предупредување, а во кој се увери целиот свет.

Но, секогаш, после настан кој го потресува светот, како последното бомбардирање на иранските нуклеарни постројки од страна на САД, светските медиуми ни нудат осмислени информации со кои треба да се изгради јавното мислење и нештата да се примат здраво за готово. Па, се создава психоза на воен судир кој ќе ескалира до можна Трета светска војна, се навестува економска катастрофа заради енормно покачување на цената на нафтата која тешко ќе пристигнува до потрошувачите, се создаваат “ангели и демони“ во зависност од аголот на гледање…

Но, дали можеби работите, некаде зад очите на јавноста, не се одвиваат сосема поинаку? Дали не треба да се запрашаме зошто после бомбардирањето на нуклеарните постројки, армијата на САД се повлече и не продолжи со натамошни активности, а претседателот Трамп даде јасна изјава дека нападот го извршиле со една единствена цел – “демилитаризација на држава од која се чувствува загрозеност за националната безбедност на САД“. Истовремено, веднаш после нападот, Иран одговори со напади врз цели во Израел а не врз американски воени или какви да се цели.

Дали можеби со ова, судирот меѓу Израел и Иран останува во регионални рамки, со можност, после денешната посета на иранскиот министер за надворешни работи на Москва, скоро да биде завршен со посредство на Руската Федерација, со потпишување нов договор за неразвивање на нуклеарно оружје од страна на Иран и, искажано задоволство од страна на Израел со “дисциплинирањето“ на “режимот“ во Иран. И волкот сит и овците на број.

Но, што е овде уште поважно? Нели изгледа сосема возможно сценариото кое во моментов се одвива да е веќе напишано во телефонските контакти меѓу претседателите на САД и Руската Федерација, Доналд Трамп и Владимир Путин. Прво, Иран да претрпи незначителни оштетувања но да биде предупреден дека не смее да продолжи по патот на создавање нуклеарно оружје. Второ, ционистичкиот режим во Израел да биде задоволен со постигнатото и да не продолжи со натамошно вовлекување на САД во непотребна војна. Со овие две точки и обете страни би биле задоволни и би го сочувале своето достоинство.

Но, најважно од се’ е што Трамп со својата изјава за воена интервенција “заради демилитаризација на една држава која претставува закана по националната безбедност на САД“, целосно го фрли режимот на Зеленски низ вода, оправдувајќи ја и руската специјална воена операција во Украина “заради демилитаризација на една држава која претставува закана по националната безбедност на Руската Федерација“.

Со тоа, нели се фрлаат во вода и милитантните заложби на преостанатите либерални елити, се поразува нивната жестока потреба од ескалација на војната во Украина заради сопствен опстанок и, се отвара пат за директна средба на претседателите на трите светски сили – САД, Руската Федерација и Народна Република Кина.

Со еден збор, дали не ни се чини дека ограничениот напад врз нуклеарните постројки во Иран, претставува успешно сценарио со кое дефинитивно “умира“ униполарниот светски поредок. Со тоа и се отвора простор на Руската Федерација да се справи со режимот на Зеленски, со што на Доналд Трамп ќе му помогне да се ослободи од мечот кој цело време му висеше над глава – реорганизирани либерални елити присобрани на европскиот континент со цел продолжување на војната во Украина, како оружје за негово симнување од власт, а со цел зачувување на униполарниот светски поредок во кој тие ќе продолжат да бидат владетели од сенка.

И, доколку е тоа така, на Доналд Трамп му останува уште да се справи со прокси обоената револуција која му се случува дома, а во која либералните елити ги користат диво вселените мигранти како прокси изведувачи на нивниот обид за уривање на неговата администрација.

Ваквата претпоставка нема поткрепа во медиумските објави што го преплавија светот, но има поткрепа во логичното размислување откако со сопствена глава ќе ги приберете сите можни податоци до кои може да дојдете. Па, станува повеќе од сигурно дека ова што се случува е дел од борбата меѓу либералните остатоци желни да го сочуваат униполарниот свет во кој тие ќе бидат неприкосновените владетели, од една и, мултиполарниот светски поредок кој станува реалност, од друга страна. Со изјавата за потребата заедно со Руската Федерација да се формира Г-8 и, ненадејното напуштање на самитот на групата Г-7 во Канада, од страна на претседателот на САД, тој, на своите довчерашни сојузници, им праќа јасна порака за нивната важност во новиот светски поредок.

Текстов, ваков како што е, претставува обид да се поттикне и поинакво размислување, спротивно на она преџваканото и сервираното.

Страшо Ангеловски
Претседател на МААК

To top