вторник, 18. септември 2018. Вести денес: 117
home Колумни

Сепак докажавме чија е Македонија

Сепак докажавме чија е Македонија

Николоски со цитат на Чакаларов: Сепак докажавме чија е Македонија и дали ние Македонците заслужуваме слобода, за која умиравме, умираме и ќе умираме

Спроти најголемиот македонски национален празник Илинден, можеби како никогаш претходно над сите нас надвиснува загриженоста за иднината на Македонија, за иднината на оваа со многу човечки животи платена слобода и држава на само еден помал дел од географска и етничка Македонија. Со последните потези на двоецот Заев-Димитров и потпишувањето на срамниот т.н. преспански договор за преименување на Македонците и промена на името на Република Македонија со уставни измени над сите нас надвиснува стравот дали е ова последниот Илинден што го дочекуваме како Република Македонија? Ќе биде ли ова некоја нова држава од следната година?

Зашто според т.н. преспански договор не само што се менува името, туку се прават и низа други интервенции кои се катастрофални за Македонецот. Така, според договорот, терминот Македонец, како и македонски јазик, може да се однесува само на територијата на Република Македонија, што значи дека нема Македонци надвор од Република Македонија и никој надвор од границите на државата не говори македонски јазик. Така стануваме единствена држава која нема малцинства ниту свој малцински јазик говорен во соседните или други држави.

Сите сме свесни дека тоа не соодветствува на реалноста, но соодветствува на големодржавните пропаганди кои цели два века се обидуваат да докажат дека нема Македонци, па соодветно не може да има и македонска држава, и дека таа е вештачка творба. Тоа тврдење, покрај што е навредливо, има сериозна намера да го загрози постоењето на македонската држава. Зборовите кажани од митрополит Теодосиј Гологанов, еден од првите црковни дејци кој се бори за возобновување на Охридската архиепископија, и денес силно нè потсетуваат што е суштината на сето ова што се случува. Митрополитот, меѓу другото, вели: „Ние си немаме толку мака од османлиите колку што си имаме од Грците, Србите и Бугарите, кои како орли на мрша се нафрлија на оваа многострадална земја“.

За да се разберат работите денес мора да се вратиме назад и да погледнеме во историјата, која има многу одговори за иднината. Тоа го прават сите сериозни држави. Кај нас двоецот Заев-Димитров зборува дека историјата не е битна и дека треба да се гледа напред. Тоа е апсолутно погрешна теза, зашто ако не се знаат опасностите од минатото тие ќе се повампират во иднината во многу полоша форма. Всушност, не е случајно што Грција инсистирала на такви одредби во т.н. преспански договор. Имено, ограничувањето на Македонците и македонскиот јазик само на територија на денешна Република Македонија, бришењето на грижата за малцинствата, како и прифаќањето да се променат сите учебници и научни книги со цел да се отстрани некаков си иредентизам, јасно зборува дека Грците сериозно си ја проучиле својата историја и добро ја знаат.

Затоа на овој Илинден треба да сме свесни дека имаме огромна опасност не само од следната година државата веќе да не се вика Република Македонија, туку и да не смееме да ја кажеме вистината, а таа е многу едноставна и јасна – Илинденското востание беше за формирање засебна македонска држава во своите етногеографски граници на територија која се протега покрај во денешна Република Македонија и во деловите од Македонија кои се денес под Грција и Бугарија. При што најголем дел, повеќе од половина, е под Грција.

Читателите треба да знаат дека по формирањето на грчката држава се појавува т.н. „мегали“ идеја, која има јасна цел да освои негрчка територија на север од тогашна Грција, која треба да обезбеди храна за остатокот од државата, а за тоа најпогодни се Пелагонија и солунските полиња. Таа политика има сериозна организација која оди на две испреплетени нивоа – црковно преку Грчката црква и нивниот најистурен претставник, владиката Германос Каравенгелис, кој во 1900 година ( три години пред востанието) доаѓа во Костур – и воено, преку регрутација на војска од Грција, но и од локалното население, кое е потплатено да служи на грчките интереси.

Од таа 1900 година почнува сериозен терор врз македонското население во денешна Егејска Македонија. Затоа мора да се потенцира фактот дека Илинденското востание колку што било против Отоманската империја многу повеќе било против грчкиот терор. Не случајно востанието било најмасовно во Егејска Македонија и траело од 2 август до крајот на октомври. Во него била организирана локална власт по примерот на Крушевската Република, а траела многу подолго од Крушевската Република. Целиот народ бил на нозе, четите броеле меѓу 500 и 600 луѓе секоја, се држеле слободни неколку градови и сите села во Костурско, Леринско, Воденско.

Најактивен во сузбивањето на востанието е токму владиката Каравангелис, кој преку свои луѓе организира да му се отсече главата на Лазар Поп Трајков, еден од апостолите на востанието во овој дел од Македонија. Во октомври 1903, кога било јасно дека востанието ќе биде задушено, војводата Васил Чакаларов ги собира востаниците на планината Вичо, истата планина на која четириесетина години подоцна синовите и внуците на востаниците ќе се борат за човечки правдини во рамки на граѓанската војна во Грција и за жал никогаш нема да ги добијат туку ќе бидат протерана и иселени од своите огништа. Таму на Вичо, Чакаларов им вели: „Сега сè е завршено, сепак докажавме чија е Македонија и дали ние Македонците заслужуваме слобода, за која умиравме, умираме и ќе умираме. Одете си по своите домови, ве распуштам, горе главите!“

Сето ова погоре напишано е значајно затоа што грчката држава многу добро го знае. Да сме на чисто – јас не мислам дека треба да живееме во минатото, напротив, мора да гледаме во иднината, но доколку грчката држава е искрена дека сака да градиме добри односи, мора да го почитува она што е наше за да го почитуваме она што е нивно. Тоа е основната причина зошто т.н. Договор од Преспа е штетен и мора на овој наш најголем празник да ѝ се погледне на вистината во очи, да се знае дека е неодржлив и час поскоро треба да биде отфрлен.

Александар Николоски за Независен весник