среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 126
home Колумни

Сега е наше време – Македонија е жива

Сега е наше време – Македонија е жива

Се случи чудо. Во една одвратна година, во година со пандемија, во година со катастрофални изборни резултати со кои политички преживеа оној кој не зацрни,  во година кога не добивме ништо од она што се очекуваше. Година во која сега трпиме уцени и закани ко народ, се случи чудо, БЛЕСНАВМЕ!

Нај битната работа на светот, фудбалот, е обединувачкиот фактор. Скопје, а и цела Македонија татнеа по мечот. Илјадници луѓе по улиците, автомобили свират. Еуфорија. Ниту стравот од опасниот вирус не ги спречи граѓаните да прослават. Очигледно дека овој народ се крева кога е најтешко, макар тоа било и во спортот.

Уште еднаш, по кој знае кој пат, спортистите докажаа дека заедно со културата и уметноста се оние кои се вистинските легенди, амбасадори, но и обединители на народот, а некои кои ни се наметнуваат преку мас-медиумите.

Фудбалската репрезентација е навистина една Македонија во мало. Нај етнички разнолика. За разлика од кошарката, ракометот или одбојката, во неа значаен дел се Македонци по нација, но припадници на другите етнички заедници, пред се албанската. Не ретко токму поради тоа, и дел од публиката и љубителите на спортот водат опширни дебати, користат секаков говор, го величаат или оспоруваат сечие потекло, не сфаќајќи дека само го прават притисокот и товарот на плеќите на играчите уште поголем.

Селекторот состави тим кој не се дели, кој е компактен, сплотен и дише во еден здив. Искрено, сите кои напнуваат за тоа дали и кој и колку ја пее химната, треба да олабават. Пејачи нека ја пеат, пејте ја вие, играчите нека играат. Секоја им чест. Јас ќе сфатам и некогаш да играат слабо, но никогаш без срце. На секој меч треба да се гине за секоја топка, да се става и главата, каде некој не би поставил нога. Македонија и целиот народ, тоа го заслужува.

Мојот најголем херој е Аријан Адеми. Човекот кој никогаш и не живеел во Македонија, кој е роден и израснат во Хрватска, кој во репрезентацијата дојде убеден од неговиот братучед, поранешниот репрезентативец Агим Ибраими. Адеми ја докажа својата човечност и лојалност, цел живот е во Динамо Загреб, гине за националниот дрес, иако беше дел од сите категории, па дури и сениорскиот состав на Хрватска. Играше повреден, имаше две годишна суспензија и пак, секогаш е тука.

Херои се сите. Димитриевски, Пандев, Спировски, Ристевски, Ристовски, Алиоски, Бејтулаи, Муслиу, Барди, Тричковски, Николов, Трајковски, Велковски, Елмаз…сите до еден. Секоја чест и за селекторот Ангеловски, човек кој го рушеа, менуваат, ровареа, но тој остана доследен и упорен дека знае што прави. Браво за начинот на кој се справи со сите предизвици. И тој и целиот стручен штаб им ги затворија устите на сите кои ги плукаа и потценуваа.

Останете единствени и сплотени и не летајте на небо. Изгазете ја и Естонија во недела и работете посветено. Политичарите нека тераат политика, вие играјте фудбал. И сакајте си ја земјата и државниот дрес, а народот ќе ве носи на раце. Заборавете на „северџанење“, величајте ја МАКЕДОНИЈА и по вас еден ден улици ќе носат имиња. Ние сме мала земја, со ограничени ресурси и тешко дека секој циклус ќе испорачуваме вакви резултати. Играјте и за себе, ни и за својот народ.

Сега е наше време! Жива е Македонија!

 

Александар Ристевски

Коронавирус