понеделник, 9. декември 2019. Вести денес: 41
home Колумни

Самоуништување

Самоуништување

Постојано кога пишувам се трудам да внимавам на речникот, на емоциите и пораката која ја пренесувам пред пошироката популација, затоа што сметам дека како што се вели „зборот е посилен од мечот“ и дека критичката реторика доколку е премногу агресивна и експлицитна, наместо да укаже и подобри, може да направи штета.

Секојдневните случувања човека не може да го остават рамнодушен. Последниве глупости кои се случија при чествувањето на Илинден, само докажуваат за паниката во која е актуелната власт, и желбата присилно и насилно да се наметнат стандарди, вредности и идеологија кои наместо да сплотат и покажат инклузија, само делат, иритираат и продуцираат гнев и омраза.

Сфаќам и разбирам дека живееме во тешки времиња, со поларизирани односи и дека со години бевме и се уште сме под пресија од Западот да на спорот со Грција се стави крај. Се преговараше дваесет и кусур години, но она што се стави на тацна и истрча преку ноќ, а беше одбиено од страна на гласачите, едноставно е исклучително високо над границата која секоја поранешна политичка гарнитура ја постави.

Но, да заборавиме на она што е политика, и на она што ни се наметнува што мора да се испорача како дел од тоа попуштање за да влезе во НАТО, и да не лажат дека за некои 15-20 години ќе станеме дел од ЕУ.

Народот! Оној обичниот. Оној кој очигледно заради некои свои ситни интереси го загуби и компасот и образот и го достигна дното. Оној кој завчера скандираше гордо СЕВЕРНА, СЕВЕРНА, СЕВЕРНА!!!

Го гледам видеото и не ми се верува ни на очите ни на ушите! Владините гласноговорници, некои до скорешни портпароли, рипнаа да бранат и удрија со контра напад обвинувајќи дека е лажна вест, дека монтажа, до тоа дека членови на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ самите скандирале за да направат „намештаљка“.

И ги потопи нивен човек. Лик од Велес, кој доколку го отворите неговиот фејсбук профил ќе видите и самите дека е човек со минат труд во владеачката СДС, учесник на шарените протести и бројни други настани. Самиот тој на профилот на владиниот службеник напишал (парафразирам): „Не е точно дека е лажна вест. Ние скандиравме Северна, затоа што 20тина ликови од дијаспората скандираа никогаш Северна!“

Е па драги мои, подолу од ова нема! Плус и ликовите кои беа снимени со камера, кои даваа изјави како ги носеле масовно со автобуси а не знаат зошто се таму, ни зошто е важен Илинден, ни… ПА не спомнувањето на Македонија, туку форсирање на Крушевска Република, па потоа наметнувањето на секоја реченица Република Северна Македонија. Па Премиерот на источниот сосед кој не нарече Северномакедонци, сега се извини и рече дека сме граѓани на Република Северна Македонија. Па, нели идентитетот и јазикот не се допрени и загрозени? Нели сме и си остануваме МАКЕДОНЦИ?

Кој ме знае и познава лично, знае дека сум прв за мир, интеграција, соживот, добрососедски односи со сите, наше целосно интегрирање кон Западот и ЕУ, но ова е одвратно. Ова е таква „бљувотина“, која не може да се голтне и соџвака.

Не ми се јасни поранешните Македонци, денес пејоративно наречени Северџани. Каде со тој памет? Зарем до толку се одродени од својата нација и народ? Зарем дотолку им е сеедно за се она што е дел од нив, од нивниот бит, култура, наследство? Зарем сите ги купија евтино или толку голема лоботомија им е извршена?

Срам ми е што делиме исто парче леб, искрено. Не може политичката и партиската припадност и идентификување, да биде повисоко од националното чувство. За мене секогаш на прво место ќе бидат моето најблиско семејство и саканите, па Македонија, па се останато. Како ќе терате со овој памет, навистина не ми е јасно. Очекувам според агресијата која ја покажувате, потценувањето и навредите кои ги ширите кон сите оние кои не попуштаат во ставот да до крај останат по секоја основа МАКЕДОНЦИ, вие на следниот попис да си се пишете тоа што и сте. Смислете си самите име. Јас почнувам од себе. Јас не сум никаков „граѓанин на Република Северна Македонија“. Тоа може во најлош случај да ми биде државјанство, но не етничка припадност.

Доколку не можам да се изјаснам како МАКЕДОНЕЦ, ќе бојкотирам се во овој фашистички режим кој етнички ме репресира. Ги гледам изводите од матично и државјанствата нови. Коси цртички?! Роден во Република Северна Македонија??? Извинете, јас и татко ми сме родени во СФРЈ, јас во Социјалистичка Република, тој во Народна Република. Внук ми е роден во Република Македонија. Како сега сите комплет сме во Северна?
Лоботомија и фалсификат. Ова е класична форма на геноцид врз еден народ. Вакво самоуништување не знам дека некаде и некогаш се случило. Ова мора да заврши.

#никогашСевернасамоМакедонија

Александар Ристевски