четврток, 28. јули 2022. Вести денес: 181
home Колумни

Сагата на скопскиот Аквадукт

Сагата на скопскиот Аквадукт

Од кога Македонија стана независна држава, на големо се зборува за скопскиот Аквадукт. Претходно, иако дел од населението знаеше за него, во медиумите не се зборуваше многу за истиот, пред се’ затоа што истиот се наоѓа на земјата која беше во владеење на тогашната ЈНА, на армијата.

Со независноста, плурализмот и развојот на медиумите, темата за аквадуктот, доби на актуелност. За жал, цели триесет години само се зборува, а речиси ништо не се прави.

Со пробивањето на булеварот Словенечка пред нешто повеќе од 15 години, се даде надеж дека нешто ќе се смени, како и со процесот на демилитаризација на касарната, и намалувањето на воените капацитети во срцето на Скопје. За оваа локација имаше бројни идеи, да се градат станови за армијата, да се направи елитна населба, да биде универзитетски комплекс, шопинг комплекс, до последното, да биде седиште на нов клинички центар.

Тоа што ја разгневи јавноста, беше најавата дека би близина на Aквадуктот се прави мотокрос патека. Некако незабележано проаѓа тоа дека веќе се гради стамбен комплекс со 4 згради од страна на населбата Топанско Поле, на неколку стотина метри од самиот Aквадукт.

Самата касарна Илинден е поделена помеѓу две општини, и граничи со трета. Општина Чаир (помал дел, дел по должината на улицата Македонско косовска бригада), додека најголемиот дел е во општина Карпош, и претпоставувам дел околу булеварот Словенечка е во Општина Бутел, со оглед дека Визбегово е во нејзин состав. Самата држава треба да излезе со проект, а општините да го предвидат и заштитат.

Немањето визија и концепт на државата за развој сиве овие години, за мене е запрепастувачки. Прво немањето идеја, за колкав дел треба да биде земјиште во државна сопственост, и заштитен појас околу самиот Аквадукт. Потоа пристапен пат, обезбедени паркинг места и сувенирници, малечок музеј и слично. Можеби и некаква идеја за некаков парк, шеталиште, и дополнителни активности. Со ситни интервенции и некакви студии, не правиме ништо. Треба неколку годишен план, конзервација, санација, заштита на простор околу него, пристапен пат, дополнителни содржини, цел еден комплекс во функција на самиот Аквадукт, па дури и една летна сцена, парк, партерно уреден простор, кафетерија, ресторан…

Имам впечаток дека дека на локалните шерифи, најубаво би им било Аквадуктот воопшто да не постои, да падне да се сруши, да го нема, за да можат да градат станови, куќи и мали бизниси. Локацијата им е топ, булевари од сите страни, на височко, со поглед…

Тоа е реалноста. На позиции кои се одлучува се намаат луѓе со свест и интегритет, кои можат да пресечат. Затоа сме и ваква скапаница од држава.

Секој странец кој ќе дојде во Скопје знае за Аквадуктот, прашува како да стигне до него, кој автобус води до таму, колку чини посетата и слично, а ние околу него градиме станови, погончиња и мотокрос патека. Едноставно, не ми се верува колку ниска свест имаме во политичкиот врв кога е во прашање историски и културно наследство. Но, потоа ќе ми текне кој ја води државата, кој и какво договори потпиша, и од што се’ се откажа, па тогаш се радувам што не им текна да го срушат, исто како што се силеа дека ќе рушат објекти. Од луѓе со талибански менталитет во душа, повеќе и не очекувам. Само се надевам дека ќе им текне на Америка, Холандија, Англиски, Италија или некој друг од странците, тие да вложат и да го одржуваат, како што до сега правеа на многу места, затоа што од овие, аир нема.

 

Александар Ристевски

Коронавирус