четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 117
home Колумни

„РЕКЕТ“, лаги и видео ленти

„РЕКЕТ“, лаги и видео ленти

Исклучително е тешко во овој момент да се пишува, а да се избегне допирањето со перверзијата на политикантите. Да се избегнат сите сцили и харибди на ПАТОКРАТИЈАТА и нејзините пермутирани вредности, односно она кога како што би рекол Гете: „Доброто вчера-зло е денес, умното таму – глупост е ваму“.

За ова што ни се случува на сите нас, во изминативе три години, народецот наш би рекол „село без кучиња“. Простете на вулгарната терминологија, но едноставно друг израз не постои. Живееме во време на мноштво не разоткриени тешки кривични дела, убиства, насилие, палење на возила, тешки кражби, разбојништва, напад и омаловажување на службено лице, не законско користење на оружје (пукање по свадби со тешки телесни повреди), in flagranti фатени коруптивни зделки ја предизвикуваат, погоре наведената, народна мудрост како констатација на една општа состојба во целата држава.
За мене, најголем проблем претставува навредата на интелигенцијата на вистинските професионалци, а ги има доволно многу кои работат во безбедносните служби и ЈО. Ова во континуитет навредување продолжува како навика, а во исто време се промовираат, секако под маската на експертство некои „чудни“ лица. Отворањето на безбедносниот систем како пупка, а како резултат на политичкиот и безбедносен волунтаризам на властодржците (да се потсетиме на пример на „порошенко“) доведе до тоа, чувството на сигурност на граѓаните да биде на најдолно можно ниво, подолно и од времето на раздвојувањето со СФРЈ. Чудно, но зад параванот, некако токму СФРЈ се провлекува во целиот филм снимен на видео лента од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Следејќи ги последните случувања, посебно актерите кои почнаа да се појавуваат на сцената неизбежно ми се наметнува мислата дека „децата на комунизмот“ во ликот на старите кадри се враќаат на сцената. Дали тоа ја согледаа неспособноста на нивните инфантилни наследници, па мораат и јавно да се промовираат за да спасат што може да се спаси?

Немам друг одговор на отвореното ангажирање на последниот, комунистички подсекретар за ДБ да биде контролор-ментор на изјавата на Катето СЈО (а ви кажав дека Катето ќе оди „под лед“). Во тој контекст го гледам и назначувањето за Директор на АНБ на комунистичкиот началник во ДБ, со јавно неразјаснетата организаторска улога за транспорт на црните вреќи од „ТАТ“. Да не го заборавиме и професорот по „непријателска емиграција“ (оној де што беше и на протестите на шарените прдери и упаѓаше во редакцијата на „Република“-онака демократски да се пресмета со медиумите кои не се по негов терк), за кого најголем успех беше да разоткрие, во комунистичко време, структури на македонски национализам, долгогодишен комунистички функционер во ДБ, сега прв советник на т.н. Премиер. И да, патем само да прашам. Каде исчезна Заев вчера во текот на целиот ден, вообичаено ќе се истопореше на конференција за новинарите за да се саморекламира како демократ и борец против криминал и корупција, или пак тоа нашите партнери од САД и ЕУ му кажаа да „седи мадро да не оди модро“?

Токму овие „деца на комунизмот“ се задолжени за реформите на безбедносниот сектор. За жал во кројката на овие „реформи на безбедносниот сектор“ свој затскриен удел имаат и некои лица од опозицијата, но за нив и нивната улога во друга колумна, се во свое време. Нема реформи и на тоа предупредив уште на почетокот на овој процес, а зборував и во Собранието на Република Македонија при јавна расправа за законите од областа на безбедноста и изнесов конкретни предлози и секако сомнежи за искрените намери на СДС за реформи. Дури и на Спасовски низ метафора му порачав дека „ничија није горела до зоре“ и дека реформите во безбедносиот сектор се спроведуваат и безбедносните слуижби се формираат заради интерес на државата, а не на поединци и групи. Не, не, нема да има реформи, следуваат и ќе се случат наводни реформи во духот на идеологијата на нејзините креатори. Се подготвуваат списоци за „лустрација“ на вработените во УБК, секој оној кој, барем некогаш изјавил дека е Македонец ќе замине, а процесот веќе е во тек. Во најдобар случај, доколку се смилуваат „господарите на нашите животи“, можеби ќе добие место во некоја полициска станица. Потоа следува и „ветинг“ во МВР, односно расчистување со искрените и посветени професионалци кои гледаат што се случува, а во иднина ќе бидат непотребни сведоци за криминалите на оваа власт.

ЕУ, Прибе и останатите реномирани експерти од ЕУ, за нашите реформатори се „исфрустрирани неспособни гњаватори“, повторно ќе бидат превеслани,„жедни преку вода“, барем во оксиморонските глави на нашите „докажани стручнаци“, Тие си ја знаат „славната комунистичка школа“.
Секако реформите во безбедносниот сектор, како и во правосудството се правопропорционални на количество видео записи кои ќе бидат објавени во странските медиуми. Секако нема да недостасуваат и видео ленти од продукцијата на „Застава филм приказује“ во режија на властодржците, но само за внатрешно политичка намена и замајување на македонските граѓани. Единствено реакцијата, секако зад параванот, на меѓународните институции, како што беше случајот на специјалната, е спасот за правата на граѓаните на Р. Македонија.

Драги мои пријатели, во претходната колумна Ви спомнав дека добро ќе поминеме доколку сето ова се заврши со не добивање датум за преговори со ЕУ. Но, сега би сакал да Ви посочам и притоа јасно да укажам дека „парадигмата ЕУ е наша насушна потреба како прифаќање на цивилизациски вредности и приклучок кон останатиот цивилизиран свет“. Ова е исклучително важно за нас, за нашите идни поколенија и треба да се гледа низ призмата на опстанокот на Македонската нација и државата Македонија. За остварување на оваа стратешка и долгорочна цел, не треба постојано да ја бараме ЕУ,. Тие немаат волшебно стапче кое нас ќе не престори од „крастава жаба во принц“. На нас самите е да се организираме, согласно Тие цивилизациски вредности чии фундамент се човековите слободи и права. Според некои дефиниции тие никогаш не можат да бидат целосно дефинирани и ограничени. За жал нам ни се случува токму обратното, она што го изоставив од оргиналниот наслов. Всушност целта ми е да го зачувам дигнитетот на порталот, а нам ни се случува „coitus per sanus cerebrum”, иако кажано по „нашки“ појасно звучи и прецизно ја отсликува нашата состојба.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов