петок, 26. ноември 2021. Вести денес: 152
home Колумни

Рапсодијата на Пинокио

Рапсодијата на Пинокио

По локалните избори уште токму се продлабочи севкупната институционална криза. Сите сме на „стенд бај“ и во очекување на промени, сеедно какви. Дали тоа ќе биде нов мандатар, со истите соработници, нов мандатар со целосно нова влада и програма, дали ќе се најде некое времено преодно решение до избори во догледно време или ќе се оди веднаш на избори. И сево ова е во рацете на Пинокио.

Во време кога актуелната власт во огромна мерка е делегитимирана локално, кога Премиерот вели дека ако изгуби и во вториот круг си оди, во време кога 60 пратеници, или точно половина се спремни да падне Владата, покажувајќи дека се нема поддршка и за актуелната Влада, Пинокио купува време. Исто како и пред два месеци, кога неговото здравствено другарче рече дека ќе си оди, па направија „пу-пу“ не важи.

Јас навистина не можам да сфатам како личниот интерес и личната кариера можат да се по битни од просперитетот на една држава, на една нација, на народот во неа. Политиката е варијабилна, менлива и доколку вредите повторно ќе се качите горе, и ќе се вратите можеби како уште поголем победник. Но, само доколку вредите, а знаете кога е доста, за да се повлечете во моментот!

Доколку знаете дека сте избербатиле многу места, сте направиле триста глупости, предавства и што ли уште не, го правите токму спротивното: се борите грчевито, купувате недели и денови, и се надевате дека ќе забошотите и прикриете се што сте правеле, а истото да биде искористено против вас.

Кажете ми, што функционира во државава?

Читајте што ви кажуваат матичните доктори. Целиот систем е на колена. Почнете од себе самите. Термини за прегледи нема, КОВИД19 текст да државно нема. Добар дел од моето семејство помина низ овој пекол. Се убивме од пари давање по доктори, прегледи, лекарства.

Репресијата сега ќе се тера со закана дека кој не е вакциниран нема да може да оди на работа. Ќе го банкротираат со тестови на приватно или избркаат. Што да прават оние кои го прележаа вирусот скоро, а доктор им вели да не се вакцинираат во следните 9 месеци? Дали имаат идеја и решение, или ќе одат со кршење на човекови прва и основно право на избор? Вакцинирај го на работа, а дозволи концерт и журки во дискотеки, и скитање по молови!

Како ли се справуваме со енергетската криза? Се даваат милиони екстра за струја. Што изгради оваа власт за 5 години? Чебрен, Галиште? Бошков мост и Луково поле заборавени! Стимулираше ли фотоволтаици и други алтернативни форми и кај малите фирми и кај индивидуалците, со загарантиран откуп на вишоците? Производството на електрична енергија до толку падна, што сме сега целосно енергетски зависни.

До каде е гасификацијата, до каде сме со топловодната мрежа за парно греење. За цели 5 години не успеавте да донесе цевки за врела вода од РЕК до Битола, ниту да го затворите прстенот од трите топлани во Скопје. Битно на сиромасите им ги зедовте печките и ќумбињата и ги ставивте на струја со инвертери. Сега ко ќе им ја качите здраво струјата, ќе испоцрка сиромаштијата.

Образованието никогаш не било по хаотично. Никогаш. Книги нема, децата да учеле електронски. Не одат на школо кога има малку заразени, одат кога има многу заразени. Контрадикторно, хаотично, неспремно. Без план и идеја, ама битно се бришат историски теми и факти, се редефинира семејството, прашањата на пол и род …едноставно, хаос!

Културата си каска и стои во место. Ги заќутеа повеќето со платите, дел ги направија мајмуни и деградираа (поздрав од еден од нив), пола институции тераат само фиктивни и про форма проекти и тоа е тоа. Прогресивните културњаци да не ти биле толку прогресивни, само сакале некој денар несработен. Уживанција.

Надворешната политика е приказна за себе. Како беше: „Дур го дишам овој македонски воздух, дур… племето, семето, загубен во времето …мојата македонска жица!“ Ех, и после сето тоа, и после сите глупости, и после сите лаги и измами, се уште да се верува дека народот те сака. Страшно. Како беше она: „Гласајте на референдум за бесплатно здравство во ЕУ. Гласајте за ЕУ.“ Што добивме, гледате и самите!

А вака ко сега, навреден, понижен, скршен, не сум веќе за ништо. Сега сум само за ресет, целосен, комплет. Со целосна професионализација, за целосно чистка од плевелот, од баграта, од неспособните, од гнидите кои го подриваат системот. Од лажговците кои прават едно, а ветиле друго. Кај нас нема чест, нема образ.

Затоа драги мои, престанете да размислувате низ призма на личен интерес, на ќар, на корист, засукајте ги ракавите и почнете нешто да работите. Почнете да учите, да се надградувате, да растете секојдневно. Од дремење на социјални мрежи и по кафани, напред нема. Од гледање турски серии, и реални и талент шоуа, напред нема. Улежани сте и во комфортна зона, и за сите ваши лични неуспеси, некој друг е крив. Заради вашето вакво однесување Пинокио е се уште на тронот, и ве лаже и купува. А тие околу него, не го даваат. Знаете ли зошто? Затоа што ако го нема Пинокио, тие никогаш нема да бидат на местата на кои се.

Тешки времиња. Веќе не е смешно, а ни Пинокио не е веќе интересен. Тврдам дека дента кога ќе се повлече целосно, дека против него најмногу ќе зборуваат ние кои деновиве не го даваат.

 

Александар Ристевски

Коронавирус