петок, 16. април 2021. Вести денес: 0
home Колумни

РАДОСНА ВЕСТ ЗА ВЛАДАТА-МИЛОСТИНА ЗА МАКЕДОНИЈА!!!

РАДОСНА ВЕСТ ЗА ВЛАДАТА-МИЛОСТИНА ЗА МАКЕДОНИЈА!!!

Деновиве имавме “чест” да го слушаме на пресконференција Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Васко Ковачевски. Тема беше  потпишувањето на  договор за неповратна помош-грант од пријателската држава Германија во висина од 2.4 милиони евра за отпочнување на постапки за реализација на проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија како составен дел од т.н. зелено сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Истовремено, Ковачевски изрази голема благодарност и до Владата на Македонија за севкупната подршка кон АД ЕЛЕМ за реализација на грантот.

Сето ова е за поздравување, како гест од  пријателска Германија за давање на неповратни средства на нашата држава и државното претпријатие Електрани на Македонија.

Но, мораме да се запрашаме каква е помошта што ја доби Владата на Македонија за развој на енергетиката? Дали Владата на Македонија навистина се залага за развој на енергетиката,  дали т.н. зелено сценарио кое предвидува инвестиции од 14 милијарди евра во следните 20 години, односно 700 милиони евра на годишно ниво  може да се реализира доколку чекаме неповратна помош само за отпочнување на постапките за одредени проекти, нивно планирање и документирање. Ако АД ЕЛЕМ чека грантови за отпочнување на постапки за одредени проекти од 500 милиони евра кои треба да се реализираат во следните 5 години, сосема е јасно дека Владата и државната компанија за производство на електрична енергија немаат финансиска конструкција како составен дел на планот за проекти за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката.

Постапките за реализација на одредени проекти требаше да бидат отпочнати и завршени одамна, а сега да се држеа пресконференции за одржани успешни тендери и избрани изведувачи на истите, или за почетна реализација на истите. Од Васко Ковачевски и Зоран Заев досега се изнаслушавме како блескаат во енергетиката и како ветуваат инвестиции во нови производствени капацитети, но за жал од нив и после четири години владеење Македонија нема добиено ниту еден произведен kWh електрична енергија од нивните проекти. Само лажни ветувања и манипулации.

Како Владата на Зоран Заев и Генералниот директор Васко Ковачевски планираат да инвестираат во нови производствени капацитети од обновливи извори на енергија кога не се способни да ги одржат постоечките капацитети?  На почетокот на зимската сезона  хидроцентралите престанаа да произведуваат електрична енергија затоа што акумулациите неплански се трошеа во летниот период, со цел продавање на вишоците на електрична енергија, но за жал тоа се правеше во период кога цената на берза беше најниска. Оваа екскурзија на неспособниот кадар на СДСМ подоцна доведе до увоз на елекетрична енергија со одлука на Владата затоа што АД ЕЛЕМ не беше во состојба да испорача електрична  енергија за ЕВН ХОМЕ. Оваа обврска за ЕЛЕМ, донесена од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги како  одлука на штета на граѓаните, беше направена  за други, туѓи интереси.

РЕК Битола во моментов работи само со еден блок. На почетокот на февруари   во вториот блок имаше тешка хаварија. Тоа е  блок за кој што се фалеа дека инвестираат во ревитализација. Потрошени се милиони евра за ремонти, но и потрошени се милиони евра за увоз на електрична  енергија, потрошени наши пари, а како благодарност ни испрачаа поскапа струја.

Стратегија за развој на енергетика не значи само планирање и реализација на проекти во следните 20 години, истовремено е потребно и одржување, ревитализирање и модернизирање на постоечките капацитети како носители на енргетскиот столб без кои нема да можеме да ја реализираме најавуваната транзиција од конвенционални во обновливи извори на енергија. Народот има една паметна изрека:„ копај нов бунар, но не го затварај стариот“!

За жал оваа Влада на Зоран Заев раководи недомаќински со државата, а такви директори  поставува за управување со нашите државни претпријатија. Сликата е иста насекаде, тонеме по сите основи, енергетика, здравство, економија, образование, слобода на медиуми, насекаде само корупција. Живееме во време на фалби за донации за вакцини, грантови за отпочнување на постапки за планирање на проекти. Кога Владата ќе престане да нẻ понижува, до кога ќе бараме милостина за нашето здравје, за решавање на проблемите во државава?

Треба нови предвремени избори во Македонија, нова Влада со развојна и домаќинска програма, со Стратегија за правилен развој на енергетиката, која ќе придонесе за  “обнова на Македонија”.

 

Стевче Антовски, дипл.ел.инж.

Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ

 

Коронавирус