четврток, 22. јули 2021. Вести денес: 204
home Колумни

Рацин и самобитноста македонска, како зборуваше Коста…

Рацин и самобитноста македонска, како зборуваше Коста…

Овој пат нема да пишувам.

Некои зборови се премногу значајни за да бидат прераскажани. Некои зборови одекнуваат со истиот интензитет и важност низ времето, уште од моментот кога биле кажани. Пред формирањето на македонската нација, држава. Пред кодификацијата на македонскиот јазик.

Во оваа прилика ќе замолам да замолчиме, да се стишиме за момент и да дозволиме зборовите кажани еднаш, да ги слушнеме повторно.  Повторно со исто значење. Повторно со цел самоодбрана на македонското.

Рацин за Македонците.

По повод нападите од страна на српскиот археолог Никола Вулич, 3 декември 1939 г.:

„… За мене е важно дека оваа земја се викала Македонија и дека извесни народи кои за таа земја оставиле спомен. Ние видовме како ниту Србија ниту Бугарија под Турците не се викале со денешното име, туку со некои општи имиња. Ние сега доаѓаме во време кога тие не се појавуваат кога кај народите се јавува ренесансата. Народот почнува да станува национално свесен. Тогаш настапува времето кога тие историски имиња се извлекуваат од ризницата на историјата. Србите го извлекуваат од својата историја она што го имале некогаш. Тоа истото го прават и Бугарите. Што прават нашите Македонци! Тоа го прават и тие! Во периодот на националната преродба кога доаѓа таканареченото граѓанство свесно за својата положба дека треба да создаде национална држава, тоа настапува под паролата на сплотување на народот, со намера да ја обнови својата некогашна стара држава. Во тоа време од историската ризница извлекуваат тие називи. Кај Србите националното движење се јавува не само во Србија туку и таму каде што можеле слободно да се движат… Тие луѓе го зеле српското име бидејќи видел: ние бевме Срби… Тие луѓе тогаш српското име го обновиле и почнале да го обединуваат својот народ. Тоа е кога се обновуваат тие стари држави извлекувајќи го од својата историска ризница своето старо минато, врз основа на кое можат на другите народи да им кажат дека тие не се тоа што тие го сметаат, туку се тоа Срби, Бугари итн… Кај Македонците постоело сознание дека оваа земја некогаш се викала Македонија. Тие го извлекле од својата историска ризница своето име како и српските и бугарските идеолози. Во тој поглед на знамето на својата национална преродба го испишале своето македонско име. Мислам дека нашето македонско револуционерно движење под Турците го направило истото што го сториле, борејќи се, и Вашите Срби и Бугарите. Во тоа време се формирале овие две први држави и ја имаме нивната пропаганда, дека таа земја е нивна. Факт е дека на нашето знаме е запишано името Македонија. Вие веројатно помисливте дека е тоа влијание на туѓа пропаганда и во тоа е Вашата грешка. По тоа ја имаме борбата на македонскиот народ и борбата на Бугарите и Србите за превласт над оваа земја. Таа борба се водела за копањето на историската тапија. Се работело на тоа да се владее над овој народ. И Србите и Бугарите создадоа цели научни институти да го докажат правото да владеат над нашата земја. Македонците имаат нешто заедничко и со Бугарите и со Србите. Базирајќи се врз тоа, и Вие сте дошле до погрешен резултат. Националната преродба не се врши врз основа на историските натписи, туку дека таа земја е еднаква со другите и по својата етнографска положба и свест што постои кај народот….“

По повод 78 години од смртта на македонскиот великан, Коста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943)

Д-р Христина Серафимовска

Коронавирус