вторник, 20. август 2019. Вести денес: 114
home Колумни

Qvo vadis domine?

Qvo vadis domine?

Газдата Заев оди на средба со своите чифчии. Знае ли газдата каде оди за да одговори на прашањето од насловот од оваа колумна?

Како на друг начин да се објасни неговата силна желба да оди на Мечкин камен и да го слушне поздравот од оние кои самиот тој ги умртви. Каков ли поздрав посакува Заев е второто прашање. Третото прашање е хипотетичко и може да го поставиме во облик на полу констатација. Дали можеби газда Заев оди со подготвено сценарио за одговорот од оние кои ги умре?

Со оглед на тоа дека за чествувањето на Илинден на Мечкин камен се подготвува посебен безбедносен режим и голем (невообичаен) број на ангажирани полициски службеници, како и фактот дека Заев досега покажа дека тој е оној кој е најголем ризик врз државата Македонија и спроведува државен тероризам против сопствените граѓани, може да очекуваме сценарио од кое во хаосот и безбедносниот ризик кои ќе ги продуцира, единствено самиот Заев ќе се обиде да го закрпи од сапуница направениот меур од лаги и спинови кој веќе трета година ни го продава.

Состојбата е едноставно видлива. Чествувањето на Илинден на Мечкин камен оваа година е настан со особен ризик, како од контролирани и насочени провокации (за кои опозицијата треба да биде обвинета), така и од неконтролирани изливи на револт и поздрави до Цезарот-газдата (за кои повторно опозицијата треба да биде виновна).

Во вака видливо подготвена состојба на наелектризираност и висок ризик, упорноста на газда Заев да оди на Мечкин камен може да се разбере единствено како намерна провокација. Повторно се наметнуваат прашања кои остануваат без одговор од самиот кабинет на Заев или од него лично, намерно или од некапацитетност не е важно, сепак нема одговор заснован на реална безбедносна проценка. Кој има интерес од интра етнички (меѓу Македонски) судир во зовриена атмосфера? Дали целта е да се обвини опозицијата, или можеби е потребна дефокусација од рекетарско-коруптивните и другите скандали на власта, или пак сето тоа треба да биде демонстрација на сила, застрашување на плебсот и покажување на политичка моќ дека Заев е тој што пали-гаси низ Македонија, односно ја „контролира масата“? Несомнено е дека СДС и самиот Заев на Мечкин камен ќе донесат свои симпатизери, бидејќи и конкретно им е потребна поддршка, но во исто време истите тие треба да имаат доволен потенцијал за други активности, според планот на газда Заев.

Ова претставува опасна игра, во која емоциите и чувствата на народот тешко може да се контролираат во даден момент. Трагедија ќе биде доколку и едно дете го „скрши ноктот“ на Мечкин камен во некоја исценирана или поттикната гужва, а не пак потполн хаос и интра етнички судир помеѓу Македонците.

Токму со своите постапки Заев ја провоцира оваа состојба, во услови кога се соочува со мега коруптивни и криминални скандали, покажува некапацитетност за водење на државата и се обидува да наметне сосема други теми во општеството за да го отргне вниманието од неговите афери.

Знае добро Заев какви се ризиците и заканите врз безбедноста со неговото појавување на Мечкин камен. Во исто време атмосферата е се по напната и тензична помеѓу граѓаните и тоа не само поради прашањата кои се однесуваат на националниот идентитет и Македонија, туку и по прашањата за личен опстанок и егзистенција на граѓаните од социјален и економски аспект. Во една вака запалива атмосфера кога сите индикатори на Заевата „red alert“ или поточно индикаторите за проценка на ризик и рано предупредување укажуваат на висок ризик врз безбедноста пред се лична и јавна, но со силни импликации врз националната безбедност, потполно е ирационално да се оди на еден ваков настан. Буквално да се биде пион (свесно или не, доброволно или не) во играта на газда Заев.

Свесноста за опасноста од ескалација на интра етнички конфликт ме мотивира да упатам силна порака до граѓаните на Македонија, посебно до Македонците за кои Илинден е празник на генетскиот код. Пораката е во врска со претходната моја колумна и поздравот кој треба да го слушне Цезарот. Тој поздрав треба да биде ИГНОР. Потполно игнорирање на обидот на Заев за предизвикување хаос, едноставно не присуство на Мечкин камен. Потполно игнорирање и молк за говорот – монологот на газда Заев.

Знам дека ова е тешко изводливо, пред се затоа што Заев ќе донесе свои симпатизери. Но, колкумина ќе бидат? Колкумина ќе стојат на големото пространство на Мечкин камен пред бината од која газдата ќе зборува? Тоа не е спортска сала па да може да се глуми масовност со медиумско-технички креирани перцепции, едноставно потребни се многу луѓе за да се покрие тој простор, а Заев не е во состојба да го покрие, бидејќи неговата (СДС) слепа војска е анационална, хермафродитна и е позаинтересирана како впрочем и самиот газда Зеко за плажите кај кумовите им во Платамона, Олимпик бич, Порто Карас, исто како и во 2001 година, а сега е и уште убав топол продолжен викенд. Токму тоа ќе ја покаже целата беда на газдата Заев кој незнае или свесно знае каде и со која цел оди, а благодарение на Спасовски ќе има 3000 исто облечени припадници на МВР кои во најголем дел ќе бидат принудени да го слушаат и поздравуваат Цезарот.

Затоа сите вас достоинствени, чесни и загрижени граѓани на Македонија ве повикувам да го игнорирате газда Заев и не се појавувате на Мечкин камен со што нема да му дадете задоволство да прави сценарија, а во исто време на Цезарот ќе му го дадете поздравот кој го заслужува.

Едноставно е, да се обидеме да покажеме достоинство, љубов кон татковината која е ранета и да не дозволиме да не злоупотреби газда Заев, а Цезарот ќе биде поздравен од пристојна далечина со гласен молк за да не може да го злоупотреби поздравот.

Последното прашање кое ќе го поставам директно до Заев, а за чии одговор ќе почекам, е: „Дали ти друже Заеве си подготвен да ја преземеш потполно и целосно одговорноста врз своите „намачени“ плеќи за евентуалните инциденти, распламсување на интра етнички судир помеѓу Македонците и последиците од недај Боже ескалации и инциденти на 2-ри Август на Мечкин камен“?

Честит и вековит 2-ри Август Илинден
Ура за Македонија!

Вонреден професор д-р Оливер Андонов