Каде одиш, Господе? Или: Каде одиш, Заев? Ти не си Господ. Не си ни Г од Господин. Не си ни Премиер. Или си? Само еден Господ би знаел што си ти. И, најмалку си битен, како Заев. Битно е што направи со Македонија? До кој степен ја доведе државава? Ако и воопшто може да се смета веќе ова парче земја за држава. Зашто, овде веќе не се знае ни кој јаде, ни кој пие. Се знае само дека за сите заеви перформанси и криминални дејанија, плаќа народот на Македонија. Секој еден изминат ден, се’ повеќе и повеќе, народот ги отплатува сметките на заевиот башибозук.
Криминалот ни е секојдневно добро утро. Корупцијата ни е за добар ден. За добра ноќ следува некој прес или изјава на некој од заевиот клан, кој ќе ни порача на сите дека се оди по прав пат, дека реформите продолжуваат, дека Македонија блеска. Правиот пат одамна е прекинат. Не е ниту асфалтиран. Веројатно не остана асфалт, заради оние 600 км нови автопатишта?!? Реформите, тие се веројатно тука негде, само што народот има лоша перцепција и никако да ги види. Не дај Господ, да ги почувствува. За блесокот, од него ослепевме. Не можеме очи да отвориме.
А, очи не се отвараат. Очи печат од солзи. Очи болат од очај. Очи, како без очи. При очи слепи не’ направија. При стабилна и просперитетна држава, станавме пример за корупција и криминал. Во “нивната земја“ криминалот е всаден во институциите. Во нив работат најголемите криминалци на владата на Заев. Институциите веќе не го штитат криминалот, туку институциите го прават, го продуцираат, го мултиплицираат. Срам и брука.
Не остана пора од оваа скапоцена земја, а да не е контаминирана од заевизмот. Децата на властодршците уште од градинка се фалат со нивните родители. Па, така, едно такво се пофалило дека за неговиот татко не важат сообраќајните правила и знаци. Дека тато си врвел и на црвено светло на раскрсница, зашто бил на власт. Друго пак, во основно училиште, и’ запретило на учителката со богатиот татко, дека не смее да има никакви забелешки за учењето, оти тато бил многу богат и се’ ќе средел. Ете, тоа се најновите „вредности“ на нашите златни дечиња, контаминирани од заевизмот уште од најрана возраст. И кој е овде виновникот? Воспитувачот/учителот, кој останува без одговор на ваквите тврдења или родителот кој на ваков начин го подготвува сопственото дете на живот. А, животот, пак, само што не стасал. Кај да е, ќе го биде и него.
Што се однесува до вредностите, до мерит-системот и до професионализмот, тие се сегде, само не во границите на „нивнава земја“. По нив заминуваат нашите квалитетни млади луѓе. Заминуваат и не вртат глава. Заминуваат и одат таму негде, да обезбедат живот за себе, за своите идни деца и за своите родители. И нив ќе си ги земат за година-две. Заминува се’ што е квалитет во оваа држава. Останува на нас, упорните, да се избориме против ова зло.
А, како? Прашање со огромен прашалник после него. Пред некој ден, еден долгогодишен приватник ми вели: „Исто ми е мене, Дафина, кој и да е на власт – јас морам да работам, за да заработам. Само што, овие пет години не ми е се’едно да гледам како никој не се грижи за ништо друго, освен за личен профит, на сметка на сите останати. Е, тоа е разликата во изминативе пет години.“ Друг пак, приватник-угостител, лани ми се јави и ме прашува како да се радува на одложувањето на плаќањето на ратите за кредит, кога тој е угостител и не работеше ни ден во тој период. А, вели, куќата ја дадов под хипотека за тој кредит. Сега, не работам и како ќе заработам за да ги плаќам тие одложени рати? Останува да се самоубијам или да избегам како најголем криминалец од државава?!?
Има многу вакви примери, на приватници кои, наместо да го имаат посебното место во оваа држава, тие се оставени самите на себе и на милоста на Заев и неговите анти-кризни мерки. А, патем, кризата кој ја доведе до овој степен? Пандемијата или недомаќинлукот на завиот клан?!? Наместо странски директни инвестиции и капитални проекти, заевите „експерти“ делеа социјални пакети. И буџетот за следната година е само за тие намени. Нема ништо или има значително малку за дигитализација, за капитални инвестиции, за гасификација, за инфра-структура. Уште помалку има чаре за енергетската и здравствената криза. Целиот свет и Европа се справуваат со нив на време и со реални проекти, само кај нас секојдневно броиме жртви и чекаме да ни снема струја.
„Европските вредности“ на заевизмот остануваат на криминалот, корупцијата, на неразрешените судски спорови, на мајтапењето со човечки судбини. Ласкарци, Тетово, Струма… се’ се тоа резултати на човечката и институционалната негрижа. На функционирањето по теркот: мој човек, наше дете, блиски до овој или до оној… Никаде и никој не се повикува на законите во оваа држава. А, нив ги има и се одлично оценети од сите меѓународни експерти. За жал, нема кој да ги спроведува и да ги почитува. Кај нас законите се толкуваат во зависност од личностите. За едни важи едно, за други друго.
И пројдоа и метли, и сфатени пораки, и ветени, па депонирани, оставки… Пројде се’, само не и заевизмот. И после последните локални избори, на кои токму заевизмот беше казнет, продолжува истото. Во Домот на демократијата се ускратува правото за присуство на седница и искажување на јасен став од страна на пратеник. Во медиумите се гонат критички настроените новинари, а се наградуваат оние кои му пеат хвалоспеви на заевизмот. И не се однесува ова само за Момировски и за ТВ Алфа. Напротив, се однесува за секој еден од нас. Се однесува за нашето битисување како народ, а под јаремот на заевизмот.
Нема европска земја, каде нема морална одговорност од страна на совесен и професионален функционер. Нема европска земја, каде се силува демократијата и каде се спречува слободата на говор. Во „нивнава земја“ само заевиот клан може да прави се’, па и противзаконски, и притоа да не сноси никаква одговорност. Судовите се приврзок на заевиот клуч, а јавните обвинители се негови понизни послушници. Работат строго по нарачка и селекција. Во акции на ДЕА се откриваат вработени во МВР, замешани во криминал. И – ништо. Молк. Молк од институциите. Молк од медиумите. Молк и стиснати заби. Оти, ако некој се обиде да проговори, како Момировски, е тој ќе биде предмет на истрага и закана од затворска казна. Пак ќе повторам, не се работи само за Момировски. Во Македонија има многу како Горан, кои не му се плашат на заевизмот. Има многу такви. Се покажа и докажа тоа на последниве локални избори. Со пенкало. Не со насилство и шарени бои.
И, ако на сиот овој револт кој е се’ поочигледен меѓу народот, Господинот Црпнат од Господа се’уште мисли дека е Господ, многу се лаже. Не му помага веќе ни оставка во најава, ни оставка во одложување, ни вистинска оставка со назначување на некој нов лик. Му помага само поглед во огледало. Таму се’ ќе види. Ќе го види својот уплашен поглед, своите несмасни гримаси и гестикулации, своето Его. Егото, поради кое не ја виде реалноста. А, реалноста му се случи пред еден месец. Колку повеќе одложува со неговата перцепција за истата, толку повеќе се задлабочува во сопствената каша. Возрасните велат: „Што си дробел, ќе сркаш“. Оваа заева каша, за жал, ја сркаме сите ние. Ама, веќе замирисува. Не се трпи смрдеата. Па, не само очи, туку и носот треба да се затвори. И, што ни останува? Очи и нос затворени, устата стисната, ушите веќе се изнаслушаа се’ и сешто… Останува само пркосот и достоинството. За нив знам дека нема поимник во заевиот речник, ама нив ги има во секој чесен, слободоумен и храбар човек. Кога пишувам храбар, мислам на храброста да му се спротивставиме на заевизмот. Оти, вака веќе не оди. Нема излез. И не може да има, кога за решение ни се токми повторно некој од заевиот клан. Не може решение за проблемот да биде оној кој го создал. Напротив, решението е во народот. А, тој одлучи.
Затоа, наместо да се прашуваме каде оди Господ и да го повикуваме него на помош, а Господ се повикува најчесто кога нема друго решение, да тргнеме сите ние против заевизмот и да започнеме со градење на рушеното, со почитување на законите и на Уставот и со личен пример за сето ова. Зашто, доста му е на народот од посочување како треба. На народот треба да му докажеме со личен пример дека никогаш повеќе нема да се направат истите грешки од различни луѓе. На народот треба да му докажеме со личен пример дека не сме сите исти и дека може поинаку. Дека може Македонија да се сака со дела и со работа, а не со лажни ветувања и со неисполнети планови. Македонија заслужува да се сака со докази, а не само со зборови.
Затоа, наместо да се прашуваме каде оди од Господа црпнатиот, ајде сите ние да му покажеме каде му е вистинскиот прав пат. Патот до одговорноста е многу близу. Прашање е на време и на истрајност. Македонија „издржала“ многу ликови. Го издржа и Заев. Сега вистинското прашање останува: „Каде одиш, Заев?“ Одговорот е повеќе од јасен.
Дафина Стојаноска – пратеничка