понеделник, 1. јуни 2020. Вести денес: 17
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Првоаприлски снег – врв на се’ што ни се случува!

Првоаприлски снег  – врв на се’ што ни се случува!

Веќе во два наврати пишував околу тековните случувања поврзани со светската пандемија од Корона вирусот, со осврт кон случувањата кај нас, на македонско тло. За жал, како времето минува, на површина испливуваат сите наши општествени фалинки, недостатоци, мани, проблеми…

Снегот кој денес истура токму за Први Април, е смешен како се што се случува во нашата ни Македонија. И тој, како и се во нашево секојдневие, е наопаку! Го немаше цела зима кога го чекавме, ни се појави сега, кога пола држава ставија летни гуми. За памет! За да не сфаќаме ништо на мајтап, да не опомени дека нема играње со природата, и дека сите органи и тела кои постоеле во државата, а се дисфункционални, постоеле со причина.  

Мислам дека самиот Корона вирус нема да остави траги толку врз здравјето на народот колку што ќе го осакати во целост нашиот систем и ќе не банкротира. А се е поради две нешта, нашиот менталитет и политичката неодговорност, преку системските недоследности. 

Ајде за почетокот за нас самите. Едноставно, не не’ бива! Себични, хистерични, арогантни ….на знам како да го опишам однесувањето, на купување купишта тоалет хартија, брашно и бисквити? Не знам! Им велиш на вработени во продавници да бидат заштитени, тие или со голи раце фаќаат се, и на каса примаат кеш пари, па продуктите, или носат ракавици, цел ден работат си исти, и излегуваат да палат цигара и истите ракавици ги лепат до лицето. Дури од кога ги напнаа, од пред некој ден, почнаа да се придржуваат кон кажаното, дури и да ги дезинфицираат производите на сталажите и корпите и количките.

Не ми се јасни ни „камиказе пензионерите“. Најзагрозени се, им кажуваш немојте, ако ви треба воздух, слезете пред зграда, едно крукче и дома, тие по автобуси додека некој мора да е на работа, се туркаат, каде одат не знаат ни сами, кашлаат, киваат, хаос. 

Не ми е јасна мерката кафани, кладилници и продавници да не работат, во фабриките илјадници незаштитени  еден до друг, плус со заеднички превоз на купче. Наместо ред и координација, и работа со помал обем, хаос. 

Сево ова е доказ, колку и самите по себе сме хаотични. Не слушаме доктори, не слушаме реални авторитети, споделуваме наслови на фејк сајтови, и истите ја шириме како вистина и се караме, јавно и на социјалните мрежи. Дури и еден Васко Ефтов, кој ги масакрира гостите пред камера, а се труди да им угоди на неговите следбеници, очигледно и него му пукна филмот, па во последните две изданија избриша под со нив и со севкупната јавност. Им кажа во лице зошто сме трули сите како нација, и зошто не не’ бива. Алал! Конечно и тој нешто од срце, без калкулирање.

Златко Кескоски во своето последно ТВ гостување, конкретно посочи каде се греши, недоследностите кои се прават, но и целосно уништениот систем за превенција на катастрофи. Тоа што во социјализмот постоеше, темелно се уништуваше во плурализмот, по 1991 година. Тука меѓу другото, се уништија и навиките на народот за одговорно и дисциплинирано однесување.

Оваа криза покажа и докажа дека одредени кадри примаат плата „про форма“. Исто како што во 2001 година, еден куп војни лица отидоа на боледување или одмор во Грција, така и денес еден куп ликови едноставно исчезнаа. Не можам да верував дека одредени здравствени работници во Скопје, Охрид, Тетово, Битола и други места, ја брукаат докторската фела со своето однесување. Делуваат приучено, некомпетентно, индолентно и целосно неспремни да излезат во битка со предизвиците кои ги носи оваа кризна состојба. Од друга страна, секоја чест на дел млади доктори, оние од Асоцијација на специјализанти и млади лекари, како Ненад Лазаров, Александар Каревски, Бојан Трајковски и сите останати кои прават чуда, при едукација на народот, но и иницијативата за изработка на заштитни визири за своите колеги низ целата држава.

И секако, тоа нема да пројде така, доколку не опструкции, токму внатре, во фелата. Па гледаме сопки на лична основа, од претседателки на некакви здруженија, директори на болници  и слични ликови кои фатиле место и мислат дека се вечни. Тие, место гордо да излезат, да кажат дека целосно стојат зад овие млади кадри, кои се во нивните триесетти, и треба да се темел на здравството следните 30 години, ставаат ситни сопки, роварат и тезгарат. Арам да ви е на таквите! Народот гледа и ќе ви памти. А јунациве, не смеете ни попреку да ги погледнете. Не сте ни пола, од тоа што се дечкиве. За нив потпишувам секаде и секогаш, со две раце. Способни, вредни, непоколебливи и решени да ги средат нештата од корен.

Малку и за политичарите

Искрено, добар дел од вас, за греота сте! Место при прогласувањето на вонредна состојба да направите техника влада, каде сите политички ресурси ќе беа вложени, власта и при целото лошо раководење со состојбите, се чувствува загрозено од секој конструктивен предлог, дури и ја обвинува опозицијата за пропаганда и ловење на политички поени. Не знам само што очекуваат? Дека некој во време на вонредна состојба нема да реагира кога се примаат договорци нови по општините, се прават договори каде не победува нај ефтината или нај конкурентната понуда, или пак кога место да се санира здравството, на министерот му прават стикери, мемиња и кавери за на фејсбук. 

Драги мои, состојбите се многу по загрижувачки, од вашата гола борба за власт. Оправете се, на ништо не личи ова што се случува. Опозицијата даде и посочи сет на мерки, имам впечаток дека свесно се игнорираат, иако добар дел од нив беа повеќе од добри и сосема конструктивни и разумни. Факт е дека е време за штедење и стегнување на ременот, но имам впечаток дека истовремено повторно енергијата е насочена кон изборите кои се неизбежни или во јуни или во најлош случај на есен. 

Купувајте македонски производи

Во време на криза, да си ги зачуваме работните места, платите, буџетот, живеачката. Да ја стегнеме локалната економија, доста ги богатиме трговците и прекупците. Секој оној производ за кој има адекватна замена со македонски, купете го домашниот. Има избор, а има и квалитет, тоа знам и сум сигурен. Да покажеме малку свест. А еве и еден друг момент. На уште повисок пиедестал ставете ги производите на кои пишува Македонија или Република Македонија. Ќе видите и самите како самите производители преку ноќ ќе го тргнат она С или целото Северна. Доколку за производи кои одат за извоз, и некако ќе имав разбирање, поради вадењето извозни дозволи и декларации, но за брендови кои целосно функционираат на македонскиот пазар, немам воопшто, и нив би ги вброил во категорија странски.

Ајде, сите ние како народ, сложно, да им покажеме на сите дека знаеме да си ја сакаме и чуваме државата. Да почнеме од ова, па преку кревањето на нивото на општата хигиена, преку менталната хигиена од селекција на лаги и фабрикувани информации, преку барање за силно и строго образование,  преку систем на кариера, преку професионален развој, почитување на редот и законот, и секако, преку безмилосен однос кон сите оние кои го нарушуваат редот и поредокот. Да, оние кои пријавуваат криминал, прекршок, бучава, загадување, насилство… не се кодоши, туку чесни и совесни луѓе, а сите вие кои ги поддржувате тие кои ги прават овие недела, сте исти како нив, еднакво сте одговорни. 

Вака веќе не може!

 

Александар Ристевски

 

Коронавирус