понеделник, 23. септември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Проклетството на негативната селекција

Проклетството на негативната селекција

Сето ова што се случува во оваа наша напатена државичка, не нешто што се провлекува низ цел овој процес на промена на општественото уредување од 1991 наваму… И секој пат, кога некој ќе рече „Не може полошо“ или „ Не може подолу“, во пракса одма ни докажуваат дека може.

Лично сум човек кој смета дека за време на социјалистичкото уредување имало многу недоследности, дека Македонецот по многу аспекти стагнирал национално и дека имало многу ситуации на прогон и измачување, но морам да симнам капа за фактот дека вредните и учените добивале шанса да направат нешто и дека барем никој не ни го оспорувал идентитетот.

Негативната селекција е основата за сите проблеми. Негативната селекција дозволи да кодоши, медиокритети, ситни профитерчиња и ликови бес скрупули се инфилтрираат во образовниот систем, од долу, до горе. Од учители, наставници, па преку средното образование, се до универзитетите. Во научните и истражувачките институции, во јавниот и државен сектор, во целите пори на системот.

Единствен кадар кој вреди остана во дел од индустријата и приватниот сектор, се друго си замина или допрва ќе си оди. Македонија се сведе на евтина работна рака, трговија и добар маркетинг, и да, експлоатација на природни суровини.

Сите мои пријатели на возраст од 30 до 45, со научни звања се веќе на страна. Кај добар дел постои волја и желба за враќање, но нема ни мотив ни верба во самата држава, ниту во системот. Не веруваат, како што не верувам ни јас самиот, дека квалитетот и знаењето ќе биде услов и критериум за раст. Луѓето повеќе трошат време на анализирање на дневна политика, отколку на својата професионална определба затоа што или немаат желба, или услови, или едноставно немаат капацитет за да нешто истражат, пронајдат, откријат.

Ние сме држава во која средношколците штрајкуваа против систем за контрола и верификација на нивното знаење. Ние сме држава во која државните службеници беа против внатрешна евалуација и услови за раст во кариера (познавање јазици, одредени тестови и слично). Ние сме држава каде на универзитетите се смислуваат предмети кои одговараат на пожелен лик, а не според потребите. Ние сме држава каде се формираат Универзитети за да се усреќи коалициски партнер. Ние сме држава во која оној кој открива законски недоследности е крив, а не тој кој ги прави. Ние сме држава во која ликови кои треба да тераат правда, едвај завршиле школо.

На цело мое опкружување секојдневно им објаснувам дека за успех треба многу работа, пожртвуваност, упорност, истрајност, инвестирање во себе… дека нема успех преку ноќ, и дека се што брзо расте, брзо тоне.

Џабе! Сите бараат некоја тезга, некој бизнис, можност за „брзи пари“.

Колкумина познавате кои што 90% од тоа што го работат, го работат од идеализам и родољубие? Јас лично доживеав да бидам исмеван дека сум „патриот“, како да е тоа нешто лошо, сељачки, немодерно, затуцано, ретроградно, дека не гледам напред и не сум си го гледал интересот.

Тоа е таа матрица која ни се продава. Што е уште по трагично, тие кои денес промовираат некаков „бизнис ориентиран“ светоглед, ниту сакаат да работат, ниту да остварат нешто, туку само да наплатат. Затоа и врие од мешетари, кодоши, измамници, РЕКЕТАРИ и други нови современи форми за паразитско битисување.

Порака до сите вас кои ги читате овие редови:

Престанете да размислувате што е добра за вас лично и тесниот интерес, туку што е добро за народот, за државата, за општеството, за вас во иднина, за вашите деца. Се додека не воспоставиме систем на компетенција, знаење и исполнителност, наместо на подобност …НЕМА НАПРЕД!

Ни треба целосен ресет, прочистување од баграта, ветинг и систем на внатрешна контрола.

Или ќе се оправиме или нема да не биде.

Клинциве кои се по дваесетина години веќе не простуваат. Спремни се за работат, ама за пари и кариера. Во феудализам и полтронски систем не седат. Ќе останете сите само со пензионерите и оние кои немаат три чисти.

Време е за НОВА НАДЕЖ!

 

Александар Ристевски

 

П.С. Не гледам поента да пишувам за Владата, СЈО, ОЈО, судството, образованието, здравството, спортот или било што за што гледаме и слушаме секојдневно. Нема потреба од анализа. Основата на проблемот е лоцирана во самата моја денешна колумна. Доколку правите луѓе се на правите места, оваа фарса која ние секојдневие, немаше да ни се случува.