недела, 18. август 2019. Вести денес: 66
home Колумни

Предвремени избори – за „Рекет“ да не стане нов „ТАТ“

Предвремени избори – за „Рекет“ да не стане нов „ТАТ“

На истите овие страници пред две недели пишував дека на врвот на ледената санта наречена корупција и рекет во Македонија е лично „капо ди тути капи“- Зоран Заев. Тоа беше во екот на избивање на аферата со рекет на многубројни бизнисмени во Македонија. Две недели подоцна, работите се јасни и за жал, онакви какви што ги предвидовме – не бил рекетиран еден туку многу бизнисмени во износи што може да надминат, на пример, изградба на еден магистрален пат помеѓу Прилеп и Охрид, или меѓу Штип и Струмица, или меѓу Тетово и Дебар. И исто така дека одговараат само ситните риби, а се прави сè крупните риби да се заштитат. Нема граѓанин на Македонија кој верува дека така моќни бизнисмени со многубројни бизниси кои опстојуваат со децении и големо богатство, како и голем број вработени ќе се согласат да дадат тешки милиони евра на сега двајцата првосомничени, ако зад нив не стои не само специјалниот јавен обвинител туку и лично најмоќниот човек во државата – премиерот! Обидот целата одговорност да се префрли на овие двајца е манипулација на системот и ме потсетува на една слична афера која се случи исто така во време на СДСМ – аферата „ТАТ“ кога десетици илјади македонски граѓани беа искрадени во таа пирамидална штедилница. И тогаш одговараше само сопственикот на „ТАТ“, а кратко под истрага беше тогашниот градоначалник на Битола (сегашен бизнисмен исто така рекетиран). И тогаш одговараа само ситните риби! Иако на цела јавност ѝ беше познато дека сопственичката на штедилницата „ТАТ“ само една година претходно беше прогласена за менаџер на годината лично од претседателот Киро Глигоров, мотив да ги доверат своите тешко заштедени пари баш на таа штедилница, како и тоа дека зад штедилницата стои целиот врв на СДСМ, тогаш на чело со Бранко Црвенковски. Тогаш се обелодени дека многубројни министри добивале високи камати за своите штедни влогови или поволни кредити кои не ги враќале, а никој не одговараше! Сè се сведе на сопственичката на штедилницата, а како резултат на таа афера, на десетици илјади граѓани им се уништија животите, а дел од нив во очај и си го одзедоа животот. Тогаш Бранко Црвенковски, слично како Зоран Заев денес, одржа еден познат говор во Собранието во кој кажа дека во Македонија владее криминален октопод на кој тој ќе му ги отсече пипалата. Слично како Заев сега, кој вели дека има криминал и дека тој ќе се справи со него. Бранко не се справи со октоподот затоа што лично тој беше главата на тој октопод, исто како што сега Заев е „капо ди тути капи“ на оваа рекетарска мрежа и секако дека нема да се справи со неа, затоа што тој е на нејзиниот врв! СДСМ тогаш плати политичка цена и ги изгуби изборите во 1998 година, при што дојде до првата демократска промена на власт од падот на комунизмот, но за жал, таа влада на Љубчо Георгиевски не реши до крај да се позанимава со криминалот на „ТАТ“ и да побара кривична одговорност од Бранко Црвенковски и неговите министри. Постоеја многубројни шпекулации зашто тоа беше така, но факт е дека правдата не стигна, исто така како што е факт дека таа влада направи многу штедачите на „ТАТ“ барем делумно да се обесштетат. Ја правам оваа аналогија со „ТАТ“ затоа што аферата „Pекет“ го има истиот потенцијал како „ТАТ“, само во друга форма. Доколку „Рекет“ не се расчисти до крај и не одговараат сите вмешани, ќе стане правило кое со децении нанапред ќе ја јаде Македонија, државата ќе тоне во корупција и криминал, а граѓаните ќе се иселуваат и ќе ја напуштаат. Меѓу другото, затоа се потребни предвремени избори! За нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги ослободи институциите, да го тргне притисокот кој сега го има Републичкото обвинителство и да им дозволи непречено без политичко мешање да ја истражат работата до крај. Таму има способни и чесни луѓе во кои веруваме, луѓе кои се патриоти, кои не сакаат Македонија да тоне во корупција и кои сигурно ќе го расчистат овој свој криминал до самиот врв! На Македонија не смее да ѝ се случи нов „ТАТ“ кој ќе остане неказнет, во кој ќе настрадаат ситните риби, а крупните ќе се спасат.

Во оваа насока очајно изгледаат обидите на Заев да дефокусира со теми како нов закон за јавно обвинителство, преку кој сака да ги спаси Катица и сите нејзини стрини, вујни, братучеди, девојки на синови и какви не кои работат таму. Сака да ја спаси и затоа што таа е незгоден сведок во евентуален судски процес против него. Замислете да каже какви сè нарачки добивала од Заев и за политичка пресметка со политички неистомисленици, пред сè, со ВМРО-ДПМНЕ и нарачки за уцени кон потенцијални коалициски партнери, на пример, ДУИ и нарачки за уцени и притисок врз бизнисмени, со цел рекет и финансиска корист. Затоа Заев сака да ја спаси Катица по секоја цена! Секако дека ние не сме наивни да го дозволиме тоа! Но во исто време, за повторно да не глуми жртва ниту да нè оцрнува неосновано пред меѓународната заедница, подготвивме наш предлог на закон за јавно обвинителство преку кој ќе се овозможи законска рамка за силна и бескомпромисна борба со криминал и корупција. Исто така, на експертско ниво подготвени сме и разговараме за пописот и Изборниот законик. Како што кажав, за трите можеме да се усогласиме и ако има добра волја, ќе се усогласиме. Но, услов да поминат е да се определи датум за предвремени избори!

Зошто толку инсистираме на предвремени избори? Може да се донесе совршен закон за јавно обвинителство или за попис. Доколку продолжи овој политички притисок, за корупција и рекет нема да одговараат крупните риби, а пописот ќе стане бурлеска. Заев покажа дека е подготвен да злоупотребува институции, пред сè, Специјалното обвинителство за политичка пресметка, политичка уцена и рекет. Исто така, покажа дека е подготвен да коленичи пред Еди Рама и Али Ахмети само за да остане на власт. Тоа мора да запре! Тој знае дека на следните избори ќе изгуби и затоа бега од нив. Но, како што кажав, за да не стане “Рекет” нов „ТАТ“ во кој крупните риби ќе се спасат од одговорност, а Македонија ќе тоне во криминал и корупција, потребни ни се избори! Нив може да ги договориме на разговори со СДСМ околу датумот на нивното одржување или граѓаните да ги определат преку едни масовни протести во есенва која доаѓа. Изборот е на Заев!

И за крај – знам дека има многу разочарани! Многумина што велат – ни едните ни другите. Лути на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ за грешките, особено во последните две години од мандатот, а гневни на оваа на СДСМ затоа што е најкорумпирана и најнеспособна во историја на државата! Но, надеж има и овој нов тим на ВМРО-ДПМНЕ може тоа да го понуди. Знам дека ќе речете дека ова се само зборови за политичка пропаганда, но верувајте, ние што си ги потрошивме најубавите години од нашата младост за Македонија да биде пристојно место за живеење на горди граѓани, сега кога добиваме шанса, кога таа е на повидок, нема да ја испуштиме. Наша врвна цел е Македонија способна, витална и слободна. Врвна цел е искористување на сиот потенцијал на нашата опљачкана и понижена татковина. На крајот на краиштата, на Македонија досега не ѝ била дадена вистинска шанса да ја покаже сета сила со која располага поради корумпирани, уценети или слабокрвни слаби поединци. Но, не повеќе!

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ за Независен Весник)