четврток, 6. август 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Предизвиците на локалната самоуправа

Предизвиците на локалната самоуправа

Теоријата и реториката на децентрализацијата ветуваат подобро управување и поширока демократија во општините, кои во рамките на своите надлежности како локални самоуправи, потребно е целосно да се посветат и да се приспособат кон реализација на стратешките приоритети и цели на државата како целина, а стратешките промени да ги вградат во сопствените стратегии и стратешки планови за забрзан и одржлив развој.

Трансформацијата на административните процеси и процедури, односно начинот на кој владините институции и локалните самоуправи комуницираат со граѓаните, со бизнис секторот и меѓу себе, претставува реформска задача која што треба да им даде живот на техничките решенија, што дополнето со овозможување на пристап до финансиски фондови на домашни и меѓународни финансиски институции, ќе придонесе општините да дојдат до потребните средства за реализација на капиталните проекти, како подобрувањето и модернизирањето на патната, комуналната и енергетската инфраструктура,  подобрувањето на квалитетот на услугите, намалувањето на сиромаштијата, перспективи за натамошен развој, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните.

Во основа, способноста на локалните самоуправи „подобро да пројдат“ во изнаоѓање соодветни патеки за конкурентност и ефикасна испорака на јавните услуги, во голема мера е содржана во нивниот институционален капацитет. Локалните самоуправи и централната власт се меѓусебно зависни за спроведување на капитални програми, за кои е неопходна интеграција врз програмски основи меѓу државно и локално ниво. Во овој контекст, клучот за предизвиците на локалната самоуправа е, да се погледне во начинот за подобрување на капацитетот и координација меѓу јавните чинители на различни нивоа на власт, како да се зголеми ефикасноста и ефективноста при обезбедување влез на нови инвестиции, при креирање на нови слободни работни места, развој на економската инфраструктура, изградба и реконструкција на патната и железничката инфраструктура (автопати, регионални патишта, локални улици и патишта), модернизацијата на аеродромите, на енергетските капацитети, комуналната инфраструктура (водоводи, фекална канализација, системи за зафаќање, одведување и третман на отпадните води, системи за зафаќање и одведување на атмосферските води), инвестиции во информатичко-комуникациските технологии – ИКТ, како до поквалитетно образование и инвестирање во образовниот процес, науката и во информатичката технологија, инвестиции во образовна инфраструктура, згрижување на деца од предучилишна возраст и др., се приоритети кои што придонесуваат за забрзување на економскиот раст и за зголемување на вработеноста, и секако, тие се предуслови за пораст на животниот стандард на граѓаните и за подобар и поквалитетен живот.

Водечките индикатори за одржлив локален економски развој на Општина Илинден покажуваат зголемување на бројот на инвестиции, отворање на нови, реални, слободни работни места и зголемување на вработеноста, со што во континуитет тече инвестицискиот циклус карактеристичен за Општината. Новите членови на бизнис семејството кои во изминатите години ги реализираа своите инвестиции во Општина Илинден, го следат континуитетот на инвестицискиот циклус во кој од 2008 година до денес реализирани се вкупно 190 видливи инвестиции, од кои 37 странски директни инвестиции (СДИ).

Инвестициските патишта водат кон Општина Илинден, како резултат на прогресот во привлекување и ефектуирање во реализација на инвестиции, оптимално искористување на можностите и ресурсите, како и резултат на спроведувањето и реализацијата на реален и ефективен концепт во овозможување на поволни услови за влез на нови инвеститори и поддршка на постојните стопански субјекти. Во овој контекст, и промовирањето на силните страни на локалната заедница како инвестициска дестинација, со тенденција брзо да напредува, расте и се развива, има потенцијал, има квалитет да се движи напред со пропулзивниот ритам на инвестициите.

Градењето на локалната самоуправа претставува постојан, континуиран, перманентен процес полн со предизвици и само со правилен избор на областите за развој и имплементирање на надлежностите во кои е можно да се постигнат најголеми ефекти, се постигнуваат и целите.

 м-р Жика Стојановски

Коронавирус