четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 158
home Колумни

Пописот треба и мора да биде статистичка операција и ништо друго

Пописот треба и мора да биде статистичка операција и ништо друго

Деновиве повторно на дневен ред е темата за пописот, статистичка операција, од која поради икс причини, од 90та навака ја направивме невозможна мисија, процедура поради која и имаме ваква дефектна општествена состојба.

На територијата на денешна Република Македонија попишувањата се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19от век.

Првиот современ попис е спроведен во 1921 година, а по Втората светска војна се спроведени пописи: 1948, 1953, 1961, 1971 и 1981 година. Се потоа, почнувајќи од пописот во 1991 кој беше со нецелосен, па повторениот во 1994та, па пописот во 2002та, се во голема мера фалични и дефектни, заедно со неуспешниот 2011 година. Излегува дека последен меродавен попис кој се спровел на овие простори е 1981ва година, пред 40 години.

Бев дел од пописот во 2011 година во раководството на реонската пописна комисија во Чаир. Тоа кое тогаш се случуваше воопшто не беше пописна операција, туку своевидна борба за живот и смрт за некои, се со цел да се прикажат очекувани, а нереални бројки.

Прво хаосот настана со попишувачите. Стотици луѓе постојано се откажуваа, пред се‘ од администрацијата, во најголем дел етнички Македонци. Потоа, кавгата беше дали во секоја екипа од двајца ќе има задолжително Македонец или етнички Албанец, и дали во местата каде е ромско или турско население, со попишувачот Ром или Турчин ќе оди Македонец или Албанец.

Следната драма настана околу тоа кој и што се попишува. Најголемиот проблем беше дали се попишуваат документи или лица. Членови од комисијата настојуваа дека за секое лице за кое ќе се покаже документ дека треба да се попише. Џабе беа објаснувањата дека луѓе кои не се тука, не се бројат. Имаше бројни небулозни ситуации каде попишувачка ми посведочи дека во
куќа во која затекнала 9 лица, морала да евидентира дури 43 лица. Мислам дека утрото, поточно доцна во ноќта кога се одлучи пописот да биде прекинат сите тоа го дочекавме со олеснување и молевме Бога никогаш повеќе да не бидеме дел од еден таков хаос кој го искреираа дел од политичарите.

Не можам да ја заборавам една ситуација кога еден повозрасен господин (етнички Турчин), од преку 70тина години, дојде со плачење, и ми се пожали дека не сакале да му го попишат семејството, синот, снаата и внуците. Кога го прашав каде се и од кога, ми рече дека живееле во Виена, од 1989 година. Му објаснив дека тие се попишуваат таму. Старецот беше убеден и некој му рекол дека ако не ги попишат тука, дека веќе ќе ги нема, и дека потоа тие за Македонија ќе бидат странци и без земја. Ете драги мои до каде оди политичката манипулација врз народот.

Да биде болката поголема, одредени политичари многу добро знаат што е пописот. Тој е вкупен процес на: прибирање, обработка, оценка и анализа, и дисеминација на податоци за населението, домаќинствата и становите во една држава. Целта на пописот е да обезбеди целосни, квалитетни, ажурни и меѓународно споредливи статистички податоци за населението, домаќинствата и становите за задоволување на потребите на корисниците во државата и во странство, а притоа мора да се обезбеди континуитет и споредливост со податоците од минатите пописи. Од самиот пописот се обезбедуваат податоци за бројот на населението и неговата територијална разместеност, како и за неговата структурата според демографски, географски,
етнички, економски и социјални белези. Потоа, за бројот на домаќинствата и нивната територијална разместеност, како и податоци за структурата на домаќинствата според нивната големина, типот, семејниот состав и генерацискиот состав. Исто така, и за бројот на живеалиштата според видот и нивната територијална разместеност, а за становите, во градежна смисла, се обезбедуваат и податоци за големината, опременоста со инсталации и помошни простории.

Тоа е драги мои, операцијата Попис. Тоа треба и мора да биде. Реално, проблемите настанаа со воведувањето на Рамковниот концепт на проценти и колективи. Ние тука немаме индивидуални права, туку колективни, изразени во проценти, што е жално и самото по себе дисфункционално.

Македонија има над 2.500.000 државјанства. Сега не интересира колку од нив се домицилни во самата Македонија, каде се, што се, што, учат работат, каде реално живеат. Не секогаш тоа што е на хартија и тоа што е во реалноста е исто.

Во целост го поддржувам она што опозицијата, преку ВМРО ДПМНЕ го предложува, да се набават 10.000 терминали за отисок од прстот. Исто така, сите оние податоци кои лицето ќе ги даде, да бидат компарирани со сите други прибрани податоци и да видиме каде некој си Трајче на едно место е Македонец, во Бугарија за пасош е Бугарин, на факултет за упис е Влав, а за вработување државно е Ром или Албанец. Мораме конечно да расчистиме со квотите, со лажната позитивна дискриминација, секој да е она што се чувствува, а мерилото за напредок во животот да е личното знаење и квалитет, а не тоа што проаѓа.

Овој попис ќе мора да се спроведе коректно, професионално, со целосен консензус од сите политички субјекти, но самиот ќе мора да се спроведе од професионалци, и без дневна политика. Попишувачите треба и мора да се лица кои во ниту еден случај нема да влијаат врз населението, а лица кои тераат нечија етничка, верска или партиска агенда. Овој попис е своевиден референдум за тоа дали сме спремни да бидеме држава, или само територија или нечиј иден протекторат.

Александар Ристевски

Коронавирус