недела, 31. мај 2020. Вести денес: 0
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Политичко решение

Политичко решение

Несомнено дека добивањето на датум за преговори е долго очекувана награда за Македонија по платената исклучиво висока цена. Сепак, сакам да напоменам дека се уште не е се завршено. Знам дека ветриштата од Брисел во моментов ги стоплија политичките шанси за преживување на Заев и СДС, но и на ДУИ па токму затоа и истрчаа да се пофалат дека сме добиле датум за отпочнување на преговорите и тоа благодарение на нивните „храбри“ одлуки. Храбро е да се откажеш од историското наследство, од нацијата и да обезличиш еден цел народ, многу е храбро да ја редефинираш државата, ептен е храбро. Храбро е тоа кога те водат како слепец низ коридорите на Европската унија и светските политики, а да при тоа незнаеш ниту пак имаш претстава што се случува, бидејќи си слеп и чекаш милост.

Милоста дојде, додуша, споро ќе оди и доста нејасно поради француската нова методологија, но за волја на вистината го минавме КОРЕПЕР 2 што е потешкиот дел и еве денес или утре го минуваме КОРЕПЕР 1 што е формална одлука и каде што тешко дека некој ќе го блокира процесот. Но, тоа не значи дека уште денес ќе ни го определат датумот за преговори кој ќе започне со меѓувладина седница и најважно од се отворањето на поглавјата 23 и 24, туку Европската комисија ќе треба да изготви таканаречена „рамка за преговори“ и потоа да започнат преговорите.

Тука лежи главниот проблем, во трката со времето по онаа старата „фали ме усто оти ќе те расчепам“, а јас ја разбирам „техничката“ влада на Манџурискиот кандидат Спасовски, го разбирам и него лично, како што ја разбирам и се надевам како што и тој ја разбира колумната на Ордановски која е пораката од Муртинскиот кандидат. Чиј е тоа амбарот, на Заев, на Спасовски, на Димитров, на Османи? Има ли тука наш на Македонија на сите граѓани амбар или како што теравте изминативе години така продолжувате и сега. Кога е тешко и кога ќе не доведете во тесно тогаш треба да ја споделиме одговорноста „народот греши, или е во право и кога греши“, а кога треба да си го наполните политичкиот амбар пред избори, тогаш вие сте тие кои носите „храбри“ одлуки.  Да ги прашавте тие кои ги чувствуваат последиците од вашите храбри одлуки што имаат да ви кажат, не сум сигурен дека би ве глорифицирале како Ордановски или саркастично утешно ќе ви кажат „да сте живи и здрави“.

Но, да се вратам на суштинското прашање на колумната. Дали Бриселското политичко решение за давање привремен ветер во грб на владата на Спасовски и СДС на Заев, односно излегување во пресрет на онаа што Заев го молеше да го добие уште во Октомври претставува завршена работа?

Пред да продолжам со елаборацијата на тоа што не чека сакам да кажам уште нешто. Имено, сега се покажа дека времето не работи за ВМРО и Мицкоски и дека додека ВМРО го трча мачниот маратон, Заев не трча тој стопира попат и така коцкајки се се надева дека прв ќе стигне до целта со помош на автобусот на ЕУ, а багажот од рекети, корупции и друго ќе го фрли некаде по пат во заборав. Само да си знаеме дека СДС никогаш нема да признае дека владите на ВМРО го отворија пред пристапниот процес, дека девет пати по ред добиваше препорака за почеток на преговорите, но секогаш беше блокирано поради името на државата МАКЕДОНИЈА, затоа и оваа политичко решение на ЕУ го препишуваат на нивно конто и секако формално со полна уста народ, а не како борба на генерации со многу падови и на крајот национално понижување.

Суштинското прашање е всушност составено од два дела и тоа:

Прво: „Кога ќе биде датумот за заедничка меѓувладина средба со што ќе се започнат преговорите?“

Ова е енигма и тоа пред се поради состојбата со Корона вирусот, а второ и поради Француската методологија која не врзува со Албанија, а Албанија доби некои дополнителни задачи. Веројатно почетокот на преговорите нема да се случи подоцна од Септември можеби уште во Јуни, а во однос на политичките прашања останува само тоа дека доколку некој внатре во ЕУ не го сопре процесот, тогаш може да очекуваме на внатрешен план СДС да ја подесува состојбата со вирусот согласно почетокот на преговорите за да може да се употреби ова политичко прашање (кое несомнено е стратешко) за изборни цели во „амбарот“ на Заев.

Второ: „Колку сме подготвени за отворање на поглавјата и кога ќе се отворат тие?“

Ова е поважниот дел од суштината, отколку од политичките бенефити добиени од решавањето на политичкото прашање. Имено, први задолжителни поглавја кои се отвараат се поглавјата 23 и 24, а се однесуваат на „владеење на правото“ и “внатрешните работи“. Тоа значи дека фрлените од Заев по пат рекети, корупциски скандали и слично, некој од „чистачите“ на ЕУ ќе ги извади на маса. Тоа значи и дека толку е максимумот друже Заев што како награда и ветер во грб можеш политички да го добиеш од ЕУ. Понатаму започнува нашата Голгота кон ЕУ, а неа треба да ја води некоја друга влада која нема да се срами од твојот валкан веш.

Тука се поставуваат многу прашања на кои сум сигурен дека нема одговор ниту Манџурискиот ниту Муртинскиот кандидат. Најпрво, „како ќе започнат преговорите за владеење на паравото кога правниот систем е до крај девастиран?“ Ова не е флоскулата на Ордановски, туку фактичка состојба, ако сакате и конкретно видливо преку намерното уривање на Уставот и со последново прогласување на вонредна состојба и не свикувањето на Собранието, а со Уредба на владата измени во Законот за избори и откажување на изборите. Намерно не сакам да пишувам за криминалите и корупцијата на власта на СДС, бидејќи амбарот им е полн и преполн со криминали и корупција, па секое пишување би било свртување на друга тема и обемна работа на потсетување. Понатаму, „како ќе докажувате во пракса дека во Македонија владее правото, кога само во еден пример ви покажав како го заобиколувате правото на сите нивоа и сите столбови на власта вклучително и Уставниот суд?“ Следно, „како ќе ја докажете еднаквоста на сите пред правдата кога евро ваму-евро таму си мина како ништо да не било?“ Да не наведувам безброј примери за кои конкретно ќе бидете прашани.

Дури потоа доаѓаме до прашањата за внатрешните работи, а тука ќе има безброј други прашања, од азил, мигранти, FRONTEX до закони и уредби кои се однесуваат на јавниот ред и мир и борбата против илегална трговија со дрога, а кои активности се под голем знак на прашање, бидејќи нема да бидеме прашани само за формалните законски одредби туку и за конкретните резултати „владеење на правото и внатрепни работи’ нели поврзани поглавја се.

На крајот од целиот овој сет прашања кои се отворени пред нас како држава, се поставува клучното прашање: „Имате ли воопшто тимови за започнување на преговорите барем во овие први две поглавја?“ Знам дека ќе ги склопите на две на три, само да покажете дека нешто се работи, а за тоа дека тие луѓе таму ќе треба да се срамат кога на маса ќе им бидат ставени многу прашања со докази, бидејќи тоа не е прашалник во кој ќе може да се лаже туку ќе се преговара со администрацијата во Брисел, нема потреба да се зборува, се надевам дека барем малку сте свесни. Дополнително е тоа што не сум сигурен дека имате изготвено стратегија за преговори, односно ги имате детерминирано нашите цели и позициите каде нема да отстапиме од домицилните законски решенија поради нашите сопствени специфичности, а знам дека сте докажани како цврсти преговарачи кои не отстапуваат дури ни за милиметар кога се во прашање националните интереси или личните интереси беше.

Како за крај, дали ќе им кажете на граѓаните колку очекувате да траат преговорите додека ги затвориме сите поглавја, со оглед на обврските кои ги преземавте кон Бугарија и Грција?

Кога Манџурискиот кандидат Спасовски ќе излезе пред јавноста и сериозно ќе одговори на овие прашања, тогаш ќе можеме да кажеме дека работите се поместуваат од политичко прашање кон суштинско, дотогаш впечатокот ќе остане дека Муртинскиот кандидат навистина ќе го полни својот, но исклучиво својот амбар и помалку на Османи за зло не требало по изборите.

Чекајќи да се качиме на возот за ЕУ и да се подготвиме за долго патување.

 

На денот на Св.Григориј Двоеслов

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коронавирус