петок, 22. октомври 2021. Вести денес: 171
Во живо

ВО ЖИВО: Мини митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар

home Колумни

Поинакво мислење од  мислењето на  „Властелинската фарма“

Поинакво мислење од  мислењето на  „Властелинската фарма“

Дали  Македонија преку милитаризација на власта оди во тоталитаризам? Во овие судбоносни денови го минуваме ли патот низ променливите политички и морални лавиринти на наметнатото ни вонредно секојдневие? Свесни ли сме дека наводно добрите намери на вонредните политички елити се следени и придружени со сеопшта контрола, првин полициска, а еве сега веќе и воена?

Ако според логиката на Џорџ Орвел, ја споредам мојата татковина Македонија со едно големо семејство, тогаш се повеќе и повеќе ми се наметнува ставот дека, со семејството, во наметнатата вонредна состојба, раководат погрешните членови. Зошто го мислам тоа? Па како може припадници на Армијата на Република Македонија да раздаваат хуманитарни пакетчиња, само на одбраните од Зоран Заев и СДСМ? Само во Куманово и Прилеп?! Каков е менталниот склоп на врховниот командант кој дозволува припадниците на неговата армија така бескрупoлозно и неетички да бидат искористувани? Што? Тие така помагаат? Ма ајде ви се молам! Па зарем ќе наседнуваме на ступидните цаки на неспособниот градоначалник на Прилеп? Па не видовте ли каква мизерија од локален функционер се покажа кога не знаеше што да и одговори на новинарката Васиќ во “Топ-тема“, на пеашањето како тоа армијата е способна, а локалната самоуправа не? Каде се тука волонтерите? Каде е тука Црвениот крст? Каде е тука фалениот невладин сектор? Барем оној од хуманитарниот сегмент и сегментот за човекови права? Не можеше ли некој од кризното тело да ги организира? А да ги споменувам ли не/постоечките проценки на ЦУК(Центар за управување со кризи) и некорисната оператива на ДЗС (Дирекција за заштита и спасување)? На што личат сликите на војници пред банка? – Сеедно дали се со оружје или без него. Која е првата асоцијација што може да му дојде на умот, кој е отворен, слободен, добронамерно и критички настроен? Не треба ли министерот за одбрана да биде првиот кој ќе ги заштити војниците од ваква срамна бламажа, која е и понижувачко искористување на воена сила за лични и партиски цели и бенефити. Ајде да се потсетиме што зборуваа сегашните милитанти на почетокот на кризата.

Не велеа ли Зоран Заев, владеачката СДСМ и техничката влада, во која тие имаат мнозинство, најпрвин дека владините и државните институции се целосно подготвени да се справат со пандемијата (“херојот“ Филипче и техничкиот премиер Спасовски)? Иако реалноста го покажа спротивното, ама тие тоа упорно го повторуваа. Потоа не уверуваа дека нивните експертски тимови  подготвуваат ефикасни мерки, кои сигурно ќе ја спречат пандемијата, а всушност добивме  задоцнети, несоодветни, недоречени, со строги и  рестриктивни критериуми за примена, за кои безмалку никој позитивно не се изјасни. Значи, уште на самиот почеток на пандемијата видовме дека власта и државните институции се неспремни и неорганизирани. А одозгора на тога не лажеле и се уште не лажат! Апла бевме сведоци на неорганизирано, неопремено и збунето здравство, чии поедини сегменти, наместо да ја спречуваат пандемијата, ја генерираа со недисциплина, неодговорно и неморално однесување (сите грозни случаи од првиот, со директорката на кожна клиника до последниот деновиве, на повторно не примање на пациенти во болница).

Од старт беа прекршени две основни правила: првото, стратешко и превентивно – првин опреми ги луѓето од здравството, а потоа пушти ги “во огин“ да се соочат со евентуалната зараза, да заштитат здравје и спасат животи на многу од нас; и второто, стриктно експертско, од здравствен аспект, тестирај, тестирај и понатаму тестирај. И сега, после овие стратешки и експертски грешки, се поставува прашањето: каква е состојбата во Македонија? Еве поразително жални факти и констатации: Но, првин да потсетам на две изјави. Првата на, Дафина Сојаноска, која на 09 03 2020г најпрвин опомена дека: “Здравјето на граѓаните поради неспособноста на владата и министерот Филипче е доведено во прашање. Се доведовме во ситуација неспособноста на Филипче да се плаќа со животите на граѓаните. Оние кои треба да ги заштитат граѓаните од ширење на корона вирусот се главен извозник на корона. Ова може да биде почеток на целосен колапс на здравствениот систем. Ако падне Клинички центар „Мајка Тереза“, паѓа целиот здравствен систем. Граѓаните ќе останат без заштита. Жариштето се шири. Освен Клиниката за кожни болести, под надзор е и Клиниката за стоматологија, каде се проверуваат вработените поради јавен случај за кој постои сомневање дека е заболен од корона вирусот“. Втората изјава е на министерот Филипче од  11. 03. 2020г.: „…Во секое време сме достапни за информации. Жал ми е што излегоа и бевме сведоци на некои лажни вести и шпекулирања. Сметам дека треба да се избегне тоа и да не се создава непотребна паника… и додава: “…. Уште еднаш ги повторувам мерките а тоа се: задолжителна 14-дневна изолација доколку некој доаѓа од ризичните региони, одржување лична хигиена, често и темелно миење на рацете и дезинфекција на рацете….“. А уште тогаш самиот ги спомнува болниците во Скопје, Дебар, Прилеп, Штип, Кочани, со пациенти кои дошле од Италија. А еве го и вториот дел од изјавата на пратеничката Дафина: „Неажурноста и неподготвеноста на институциите доведоа да биде загрозено здравјето на граѓаните. За ова мора да има санкции веднаш. Со право се поставува прашањето дали епидемијата во меѓувреме  зафатила и други вработени во други клинички центри? Колку од вработените кои биле во контакт со директорката денес се тестирани? Бараме сите вработени во клиничкиот центар да бидат смирени, но пред се одговорни и секоја манифестација на симптоми да се провери. Здравјето на граѓаните е пред се“.

Ајде да видеме што се случи кај нас во меѓувреме? Еве го пописот на институции и луѓе во нив заболени од корона вирус: Клиника за кожни болести, Скопје; Клиника за кардиологија, Скопје; Клиника за инфективни болести во Скопје; Итната медицинска помош во Скопје; Здравствен дом во Скопје; Завод за рехабилитација, Скопје; Приватна болниц “Плодност“ Битола; Педијатриска болница, Дебар; Болницата за белодробни заболувања и туберкулоза во с. Лешок; Кумановска болница,  Гинеколошко-акушерски оддел; Здравствен дом, Кавадарци; Поликлиника Чаир; Поликлиника Скопје; Болница во Прилеп; Болница во Гостивар; Болница Штип, инфективно одделение; И Здравствени работници од болници во Охрид, Демир Хисар  и Тетово. А еве ги  државните институции надвор од здравството, зафатени од корона вирус: Агенција за храна и ветеринарство; Истражен затвор, Шуто Оризари; Локална самоуправа, општина Чешиново-Облешево; Гранична полиција, Куманово; Полицајци од Петровец; Министерство за одбрана, касарна Илинден, војничка кујна. Треба ли уште да набројувам? Не! Тука само ќе ги спомнам лекцијата на д-р Добрила Андоновска до несериозниот и неколегијален д-р Караџовски од кризното тело и оправданиот револт на д-р Боби Трајковски до  лицемерниот и некоректен министер Филипче. А такви примери има безброј. Базата, теренот, каде гори од вирус и зараза, каде се гине, предупредува, опоменува и моли за коректност и помош, ама врвот, центарот на вонредната состојба, го боли уво и за мир (ама привиден) воведува милитаризам. Срамота! Бруки невидени!

И треба ли сега, да цениме, кој кажува вистина, а кој лаже; кој е лукративен демагог, а кој морален ретор; кој е одговорно медицинско лице, а кој ноншалантен лаик; и нај на крај, кој се грижи за етика, а кој е скаран со моралот? Мислам дека не треба. Се е јасно. Ама дали некои ќе се опаметат? Изгледа не! Деновиве читаме и гледаме дека државниот апарат расте (нови вработувања во десетина општини и голем број државни институции). Тоа значи и множење на бирократските апаратчици, кои веќе ги отфрлија моралните вредности, и се впуштија во бескрупулозно елиминирање на оние кои поинаку од нив размислуваат. Не стигна ли проклетството од мрачните предупредувања на Џорџ Орвел, упатени до иднината, која еве за нас е денешна реалност? Дали ова што не снајде е враќање на „Илјада деветстотини осумдесет и четвртата“? Тропа ли корумпираната пропаганда на владиниот пи-ар на нашите домови? Влегува ли таа црна пропаганда секојдневно во нашите домови преку тв-екраните, или дисплеите на сите модерни играчки од “и-револуцијата“, кои безобразно ги држиме в рака, дури и кога појадуваме, ручаме, ужинаме или вечераме? До кога ќе ги слушаме паролите на таа пропаганда, кои секојдневно се преиначуваат и прилагодуваат за да им служат на македонските вонредни властодршци?

Во овие судбоносни денови го минуваме ли патот низ променливите политички и морални лавиринти на наметнатата ни вонредна секојдневност? Свесни ли сме дека наводно добрите намери на вонредните политички елити се следени и придружени со сеопшта контрола, првин полициска, а еве сега веќе и воена? Дали со полициската и воената компонента на вонредното управување, нашите властодршци конечно ќе се здобијат и со толку посакуваниот авторитет? Или пак, директно, без авторитет, не воведоа во авторитаризам? Дали преку милитаризацијата на вонредната власт не запаѓаме во милитаризирано општество? Дали со молкот кој ни се наметнува не ризикуваме да живееме опасно блиску до “Животинската фарма“, или можеби денес посоодветна е “Властелинската фарма“?

Дали ова претворање на добрите намери во милитантна диктатура, е еднакво на државно и национално предавство? Дали сме предадени од тие што требаше да не спасуваат?

Повеќе од потребна ни е општествена, социолошко-политиколошка, правно-политичка и пред се психолошка анализа, како од теоретски, така и практичен аспек, на се што ни се случува, поточно на се во што сме втурнати од некого (суптилно и прорачунато). Ама да се разбереме: Силјановска, Цуцуловски, Ванковска и Апасиев не се доволни. Потребно е да се пробуди и активира многу поголем квантум на ствар/суштество(res cogitans), дух(mens), душа(anima), разум(intellect) и ум(ratio). Оваа клима на недоверба, несигурност, неизвесност, притисоци и закани предизвикана од Големиот Страв само така ќе ја надминеме и ќе ги победиме злонамерата и злото. Во спротивно, не ни гине неврендинг вонредна состојба, со полициски шмек и во воен стил, каде слободата ќе ја сонуваме, а кучешкиот живот ќе ни биде реалност.

Колумна на аналитичарот Сотир Костов.

Локални избори 2021