вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 7
home Колумни

Почеток на старо- новата влада

Почеток на старо- новата влада

После солидно изведениот политички маркетинг на предвремените парламентарни избори, масовниот поткуп на граѓаните во политички цели, политички мотивирани Уредби со законска сила и ред други неправилности дојдовме и до старо- нова влада. Резултатот не излезе баш според предвидувањата, бидејќи како што најави сегашниот премиер вечерта по изборите, владејачката партија требаше да победи со три пратеника повеќе од опозицијата, но кога се прави инженеринг тоа не е секогаш многу прецизно. Исто така, слушнавме дека ДУИ нема да има ни десет пратеника, но тие на терен си направиле друга математика. Затоа не се остварија предвидувањата, но се направи влада. На почетокот само слушаме кои ќе бидат главните залагања на старо- новата влада и секако изјавите се розови. Но ако ги анализираме ќе видиме дека поголем дел се нелогични. На пример, за четири години ќе сме затвореле 60% од поглавјата за влез во ЕУ. Тоа е фикција, бидејќи се уште немаме ни датум за преговори. Сега се зборува за некаква „рамка“ за преговори, а таков инструмент не постои во ЕУ. Ниедна држава членка не добила рамка, пред да добие датум за преговори. Значи, треба да работиме на тоа да добиеме датум, а кога ќе се случи тоа ќе видиме колку проценти од поглавјата ќе отвориме, а колку ќе затвориме.

Она што може да се согледа е дека од вториот ешалон тивко се сменети најкоруптивните политичари, како Рашковски, Дончев, Ременски и Кирацовски и други, што представува мудар потег, бидејќи сите тие беа тесно поврзани со најтесното раководство. Сите ветувања треба да се остварат со далеку послаби кадри од предходните, со исклучок на двоецот Заев-Шеќеринска, за кои нема кривични пријави во аферите „Рекет“, но како што виде и слушна целокупната македонска јавност, на еден или на друг начин се  инволвирани во тие афери. Од тие  но и голем број други афери, видовме дека целокупната политичка гарнитура на старо новата власт е корумпирана, но и длабоко е поткопано македонското правосудство, кое судеше врз основа на двојни стандарди и селективна правда. Како ќе се врши тој толку споменуван ветинг на власта ќе видиме. Сметам дека имплементацијата на реформите во правосдудството треба да ја спроведува РСС, а судиите и обвинителите кои се во спрега со власта помалку или повеќе ги знаеме. За тоа не треба да се проверува потеколото на имот, туку да се поведат постапки пред РСС врз основа на факти и докази.

Дека составот на оваа старо- нова влада е многу полош може да се заклучи од компарацијата на министрите. Рената Треневска- Дескоска не може да се пофали со некој успех ниту во МОН ниту во Правда, напротив таа спроведуваше груби политичко- партиски решенија. Но тоа во никој случај не може да ги стави неа, како универзитетски професор и невладиниот Бојан Маричич досегашен советник на премиерот за евроинтеграции, без ниту еден ден работно искуство во правосудството, во иста положба. Нешто слично стојат работите и во другите министерства. Можеби, да речеме, министерот Арбер Адеми ништо не направил во Образование и наука, но елоквентната Мила Царовска, директно од НГО секторот, односно ХЕРА која се занимава со здравствените и други права на маргинализираните заедници, смени три сектори за три години. Од тоа не видивме никаков резултат освен гола елековентност и сервилност, кон политичката опција на која и припаѓа. Или, Јагода Шахпаска, која е лекар по професија, да оди во министерството за труд и социјала. Тоа се или болни амбиции или високо ниво на сервилност. По се изгледа дека е ова второто, имајќи предвид дека најблискиот човек на премиерот стана негов заменик, токму во делот за борба против корупцијата, па оттука јасно е како и кој ќе ја спроведува таа борба. Вториот заменик на Претседателот на влада за европски прашања Никола Димитров, се занимавал со се освен со тие прашања. Тој имаше многу повисоки амбиции, па затоа ова место од секретаријат ќе стане министерство, а тој покрај министер и заменик на претседателот на владата. Но не се завршени сите домашни задачи кои се поставени од надвор, а тој е експерт за тие прашања.

Венко Филипче, за кој целата јавност знае дека беше замешан во сите валкани тендери, со милионски суми, склучувани во четири очи, со кривична пријава за аферата „Рекет 2“ и други коруптивни дејствија, а кој не излезе од влада за време на пандемијата, која благодарение на неговиот тим се прошири и Македонија дојде во врвот на светските листи на заболени и починати сега се поставува повторно на истото место, како ништо да не било. Анонимниот двоец Стефоска / Бочварски, веројатно е ставен од истите причини. Единствена допирна точка со културата на Стефовска е тоа што била била Претседател на собраниската комисија за култура, во време кога културата била во најголем пад од осамостојувањето до денес. Таа ќе остане позната по изјавата дека културата треба да блесне, како што блеснала “Медена земја” во светот. Тоа треба да се случи во време кога поради штетните договори кои ги склучи истата влада, треба да бришеме делови од нашата култура. Бочварски пак, бил заслужен за пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци-Свети Николе, кој беше направен од претходната влада, а требаше две години да се стави патна сигнализација. Сепак, колку и да е неискусен во извршната власт, веројатно ќе биде подобар од целосно неспособниот Сугарески.

Слична е состојбата во составот на министрите од ДУИ. Таму фалеше уште невладиниот Артан Груби, кој предизвика меѓуетнички конфликт на Калето, поранешен претводник на навивачката група „Шверцери“, која во негова организација го демолираше МНТ. За да биде парадоксот поголем, тој треба да биде Заменик на Претседателот на владата за политички систем, кој меѓу другото ќе ги решава етничките прашања. Без негова согласност нема да може да се донесе ниедна одлука. Правило што го нема во ниедна друга држава. Асоцира по малку на неограничена власт, која води во друга насока. Но да причекаме и да видиме како ќе функционира тоа.

Конечно, економијата која е во најтешка ситуација е дадена во рацете на ДУИ, во време кога таа е во слободен пад. Тимот во тие сектори не ветува многу, во време кога имаме 40000 ново отпуштени од работа, најголем долг во историјата на државата, цените вртоглаво растат, а платите не само што стојат, туку во повеќе дејности не се ни исплаќаат. Економијата ќе биде таа поради која народот ќе излезе на улици оваа есен. Проблемот е што има само мали теоретски шанси да не банкротираме како држава, а тоа ќе значи и ограничување на суверенитетот, бидејќи со земјата ќе управува валутен борд.

Флоскулата дека сме ги решиле проблемите надвор од државата, па сега останува да се посветиме на работа внатре, е смешна. Проблемите надвор од државата никогаш не биле поголеми. Бугарија сака да не блокира за почеток на преговорите, а Грција во текот на преговорите. Не можеме да влеземе во ниедна држава членка на ЕУ поради најлошата состојба со корона вирусот во Европа. Во политиката овие работи не се делат на внатре и надвор, едноставно оваа влада нема капацитет и нема стратегија да ги реши прашањата од витално значење на граѓаните.

Коронавирус