среда, 15. јули 2020. Вести денес: 103
home Колумни

Победнички лидершип за Македонија

Победнички лидершип за Македонија

Парламентарните избори 2020, закажани на 12 април, 2020, на своевиден начин се Битка за Македонија. Битка за наш опстанок. Опстанок на државата – Република Македонија, и на македонскиот народ. Битка за македонската историја, култура и традиција. Тоа ќе биде жестока политичка битка. За такви битки потребни се лидери. Борци. Пожртвувани. Самопрегорни. Историјата покажала дека во периодот кога нема лидери, општествата стагнираат. А таков период поминавме последните три години, кога на власт во Македонија е ненародната власт предводена од Зоран Заев. Три години неговата власт распродаваше се што е македонско: Име, Идентитет, Култура, Античка Македонија, Цар Самуил, Гоце Делчев….Срамно. Јадно. Бедно.

Прогрес настанува кога смели, млади, но и искусни, лидери ќе ја искористат можноста да ги променат односите, состојбите и нештата кон подобро. За мене такви се д-р Гордана Сиљаноска-Давкова, Владо Мисајловски, Игор Јанушев, Александар Николовски, Игор Дурловски, Дафина Стојаноска, носителите на листи за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од кандидатот за Премиер на Влада на Република Македонија, д-р Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Но, и сите останати кандидати од листите и членовите, симпатизерите и раководство на ВМРО-ДПМНЕ.  Сите ние кои искрено си ја сакаме Татковината – РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА –  сме со вас. Сите, заедно со вас, сложно ќе се бориме за Македонија. На вас, е да покажете ЛИДЕРСТВО. Политичко водство.

Секогаш имајте во предвид дека примарна улога на политичкиот лидер е да ги култивира доблесните и моралните одлики на граѓаните. Лидерство значи ставање на интересите на кои им служиш, над личните – своите интереси.  Целта на лидерите е подобро утре за сите. Лидерите водат за да служат. Водат со чекор напред, употребена вредност, создадено добро, а не со празен збор. Затоа, бидете вистински водачи: морални, мудри, инспиративни, сталожени, доверливи, емпатични, едноставни, и волни. За овие карактеристики неопходно ви е да го активирате сиот ваш интелектуале, духовен и физички капацитет. Вашиот етос, вашиот патос и вашиот логос. Етосот е вашиот морален карактер, сидрото на вашата способност и убедување. Патосот е вашата способност да допрете до чувствата на другите, емотивно да ги придвижите,  да инспирирате.  Логосот е вашата способност да понудете рационални причини со цел да ги придвижете луѓето интелектуално. Вие тоа го можете. Ви веруваме и ве подржуваме.

Храбро мајсторувајте со интелектуалното, почитувајте го емотивното и владејте со волното. Но, никогаш, ама баш никогаш,  не го запоставувајте моралното. Само така ќе имате доверба од сите нас кои веруваме во вас и ве следиме. Запаметите ги следните работи: За лидерите најбитно е да имаат доверба од тие што ги следат. Кога ќе ја стекнат довербата, нивните следбеници ги охрабруваат, поддржуваат и инспирираат. Истовремено тие слушаат, разбираат, решаваат и подучуваат. Во најкомплицираните ситуации, енергично одлучуваат. Вистинските лидери споделуваат, а не грабаат. Креативни се и одговорни, постојано како водачи црпат мудрост и сила од заедницата. А македонската заедница е моќна.

Секој од нас исто така може да биде лидер, во било која област. Тоа значи дека и учениците и студентите и работниците, и активистите, и професорите, и уметниците, и спортистите, заедно со вас политичарите подеднакво можат да бидат лидери. Потребен е постојан труд и концентрација, да се има срце на слуга(на народот) и да се поседува сила да се љуби. А кога се љуби, лидерот се жртвува, служи, значи води.

Лидерот управува со рамнотежа, процеси, промени, стратегии, напредок и рамнотежа. За такво нешто треба сите да имаме визија! А и потреба да поставеме реални цели! Јасната визија поткрепена со конкретни планови, ви дава прекрасно чувство на самодоверба и лична моќ. Ајде, во изборната кампања, до победата, а и по неа,  да се фокусираме на можностите! На можностите за решавање на работните и животните проблеми на нашите граѓани – на секој еден Македонец. Да дадеме и донесеме решенија, а не проблеми. Ајде да создадеме култура во која идеите се препознаваат и ценат. Да ги наградиме добрите идеи. Да бидеме личности за пример. Да поставиме стандарди. Харизматичните лидери се моќен пример за луѓе со ставови и вредности. Првични нивни залагања се и нивните следбеници да ги усвојат истите.

Махатма Ганди беше против насилство и претставуваше вистински пример за граѓанска непослушност. Имаше милиони следбеници со кои и заедно на крај победија голема империја – Велика Британија.

Харизматичните лидери нивните следбеници ги гледаат како компетентни личности. Тие артикулираат идеолошки цели, со кои се опфатени моралните вредности на општествената заедница. Познатиот говор  „Имам сон“ на Мартин Лутер Кинг е пример за овој вид харизматично однесување. Но, мислам и на Александар Македонски, Гоце Делчев, Ченто, Че Гевара, Нелсон Мендела. Тие покажале дека знаат, дека можат, дека умеат. Обидете се и вие!

Во предвечерието на парламентарните избори, ве охрабрувам да се обидете и да се приближете на овие светли ѕвезди на македонската и светската историја. Имајте стил. Искористете го талентот и потенцијалот ваш. Имајте искра на оригиналност која ќе ве одвои од вашите противници кои ја изневерија Македонија и ни нанесоа национален срам. Само треба да се однесувате примерно. И да бидете свои. Тоа што треба. За Македонија вечна и каузата што го овозможува тоа.

Методот кој носи успех е: Мислете поинаку од вашите противници и бидете визионери! Покажете храброст! Бидете силни! Сетете се на Илинденската епопеја и Крушевската Република. На саможртвата на Питу Гули и на Мечкин Камен. Нека ве водат АСНОМ-ските  идеали и одлуки. На тој пат за враќање на македонското државно достоинство и национален дигнитет, поддршка ви се Референдумот од 08. 09. 1991година и Референдумот од 30. 09. 2018 година. Во нив е сета харизма на македонскиот народ и огромниот суверенитет на Република Македонија, кој произлегува од народот и му припаѓа само на него. Сета енергија што ја поседувате употребете ја за просперитет на Македонија и добробит на македонскиот народ. Бидете Македонци со големо “М“ –  со големо срце и моќен дух. ДНК код на нашиот македонски род.

 

Сотир Костов