понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 96
home Колумни

Пластелин Владата на Заев направи егзодус и етноцид на македонците

Пластелин Владата на Заев направи егзодус и етноцид на македонците

Егзодусот на македонците од Егејска Македонија од страна на грчката војска се уште е контроверзна тема за Европа, но не и за нас македонците кои имаме корени од Егејска Македонија. За нас е болна тема, бидејќи наместо заштита од Владата добивме само понижување и негирање поголемо дури и од оние кои го извршија егзодусот на егејците во 1941 година.

Денес е 18 ноември, денот кога во Битола во 1944 година од страна на Леринско-Костурската Народноослободителна Бригада, Воденскиот Македонски Баталјон и Бригадата „Гоце Делчев“ била формирана Првата Народноослободителна Бригада од Егејска Македонија. Денес треба да им оддадеме почит на луѓето кои се родени во Егејска Македонија, луѓето кои ги оставиле коските таму и на кои не им се знае вечното почивалиште, луѓето кои се убиени за слободата на Македонија и македонскиот народ и вечно да се сеќаваме на нив. Како соодветно да им оддадеме почит кога денес како народ сме негирани и понижени низ цела Европа, кога нашите малцинства се избришани од соседните држави, кога нашиот јазик, идентитет, култура и традиција се ставени на коцка?

Мојот татко е дете-бегалец од Егејска Македонија и никој, никогаш не може да ме убеди дека голготата која тој ја изодел била не за да се спаси себеси, туку за да им наштети на оние кои го убиле неговиот татко и неговата сестра, оние поради кои морал да го напушти своето родно огниште. Република Македонија е неговата земја, земјата во која нашол засолниште после егзодусот, земјата која го прифатила и му дала можност да се школува, да твори, создава и направи свое гнездо кое го пренесува на своите поколенија. Мојот аманет е да ја пренесувам неговата борба и борбата на сите кои го биле протерани од своите домови во Егејска Македонија.

За жал, денес во Македонија имаме Влада која ја користи вековната историја на македонскиот народ како алатка за поткусурување и задоволување на нечии болни амбиции, ќе потенцирам и посочам не со амин на македонските граѓани, туку со насилнички методи и со уривање на Уставот, законите и деловникот на Собранието. Со различни конструкции се успеа на недемократски пат да се заземе власта и сега ширум е отворена вратата за клекнување на колена на македонските граѓани благодарение на СДСМ заедно со личноста која не случајно е поставена за лидер на СДСМ и не случајно е протуркан до Премиер, напротив е многу внимателно и вешто одбрана личност која треба да го зададе најголемиот удар на Република Македонија и нејзините граѓани, за сите граѓани кои живеат во оваа земја. Сите премиери на држави вклучувајќи го и нашиот премиер, пред да седне на премиерското столче пред Уставот на Република Македонија во собраниската сала на се уште непрекрстена Македонија и пред цела македонска јавност положи заклетва и се заколна дека совесно, чесно и одговорно ќе ја извршува функцијата претседател на владата и дека нема да дозволи загрозување на македонскиот идентитет, јазик и култура.

Денес и покрај целата распродажба, виткање на кичмата и исполнување на желбите на сите нарачатели гледаме дека сме понижени, омаловажени и уништени како никогаш досега. Македонија, од земја со повеќе вековна историја, богата културна ризница, традиција со свои обичаи и адети, свој македонски јазик, Заев сега создаде генетски модифицирано новороденче кое е вештачка творевина и кое ниту има корени ниту има идентитет полно со сите вбризгани отрови на овој свет кои донесоа раздор во националното ткиво и меѓусебна омраза. Зоран Заев е истиот тој кој ветуваше, убедуваше и се колнеше во најмилото дека нема да се менува Уставот, нема да му се наштети на идентитетот, на јазикот, дека името ќе се реши на начин кој нема да предизвика ниту за грам болка на ниту еден Македонец, а за неговите црвени линии даде одговор дека националното име, идентитет и националната жичка никој не смее да му ја гибне.

За жал, видовме дека денес имаме една пластелин Влада која лесно се обликува во форма погодна на нарачателот. Сензационалноста позната под името Заев и неговата СДСМ после спроведената агенда ќе остане само лошата слика во историјата на земја која го изгубила својот идентитет, јазик, култура, државноста за неколку месеци или години власт и секако многу пари. Парите ги потрошија, славата за успешно (?) завршената работа веќе спласна, но затоа засекогаш ќе остане безимениот македонски народ со променет идентитет и име, заборавени малцинства, растргнати национални херои и продадена историја.

Лилјана Затуроска

Коронавирус