понеделник, 16. декември 2019. Вести денес: 11
home Колумни

Плачко

Плачко

Ништо не остана од ароганцијата на Заев кога треба да се води европска политика во интерес на Македонија. Не дека ова не го знаевме, туку напросто привлекува внимание и вреди да се потсетиме на неговата ароганција и да направиме паралела со неговото моментално однесување и тоа на меѓународна сцена.

Ова е вистинското лице и на сегашниот и на оној Заев кој во 2016 година зборуваше за виткање на кичмата и се додворуваше во разни европски и светски центри на моќ, а во 2017 и 2018 и се обраќаше на опозицијата во Македонија со зборовите „да не мрчи“ и „да не паламуди“ уверен дека е надмоќен во сенката на своите газди.

Сега истиот тој Заев повторно го покажува сопственото грдо лице и моли и коли и писка до небо кај газдите му да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Не да добие датум Македонија, туку токму како што напишав, лично Заев да добие датум, бидејќи Македонија одамна работи на тој проект и се надеваше на чесно постапување затоа што во 2008 година ги исполнивме условите за прием во НАТО, а од 2009 година имавме позитивна препорака за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тогаш во 2009 година проблемот беше името, но денес кога Заев го продаде и предаде името и идентитетот, очигледно дека проблемот е во корумпираноста и не реформскиот капацитет на владата на Заев, а дека и препораката која со последниот извештај ја добивме е повеќе од формална. Токму затоа, Заев бара или поточно плаче за датум за почеток на преговорите како негово лично барање, како милост за се она што им „учини“ на неговите ментори, како награда за ударот врз сопствениот народ и држава и продолжување на неговиот личен политички живот. Во тоа е суштината кога Заев вели дека ако не добие датум за преговори ќе падне владата. Колку е тоа лигаво, малоумно, нечесно, понижувачки и тоа за целата нација. Плаче кутар Заев пред ЕУ и моли исто како во неговите стари времиња кога виткаше кичма, се лигавеше и ветуваше дека се ќе стори само и само да дојде на власт, а всушност се нудеше нам да ни ја скрши кичмата, бидејќи тој никогаш и немал кичма.

Сепак, поважно е да анализираме зошто Заев толку многу рида што пискот и плач се слуша од него дур до небо. Тригерот што го откочи неговото плачење не е ДУИ и опасноста дека ќе му откажат љубов. Ниту тоа е резултат на некаков си Ел Чека и бомби, тоа е дел од фолклорот за замајување на народот. Нема ДУИ да го растурат бракот од интерес, и како што веќе неколку пати тврдам, тие се во цврста љубов (а во секоја љубов мора да има малку искри кои во овој случај ќе доведат до прочистување кое е однапред договорено), љубов која ќе ја крунисаат со заеднички листи на следните избори. За таа љубов ќе паднат неколку глави функционерски и од кај ДУИ и тоа токму за да си го кренат рејтингот по терктипот на случајот со Павле Богоевски (патем кажано него никој не го гони за сторено кривично дело туку го прикажуваат како морална големина, повторно за извртените слики на СДС кои ни ги подметнуваат). Едноставно, превртливоста и политичката и етичката неморалност на ДУИ на македонската политичка сцена веќе приближно 20-тина години го наслика ДУИ во неговите вистински коруптивни, манипулаторки, националистичко-шовинистички бои кои се неприфатливи не само за Македонците, туку и за Албанците кои секојдневно живеат со истите животни тешкотии како и Македонците при што заедно се борат за воздух.

Тоа што го исплаши Заев ( или подобро дефинирано, го мотивира за плачење со однапред пресметана политичка математика) е избликот на национален понос и отворено искажување на несогласувањето со политиките на Заев, особено во врска со промената на името претставено во текот на дочекот на ракометарите на Вардар со слоганот „никогаш северна, само Македонија“.

Кутар Заев, сепак успеа да прочита дека Македонскиот народ не е пасивизиран како што се надеваше и сега веќе покрај обезбеденото членство во НАТО и најавената очекувана метла и во владата (повторно напоменувам дека Заев прво себеси треба да се измете), а во недостиг на конкретни економски резултати, Заев едноставно плаче за политички спас (и не само политички…).

Нема да има ништо од пад на владата и брзи предвремени избори доколку не добие цврсти политички резултати, а како што го знаеме дека е маткач и лови во матно се надева дека со плачење ќе добие лижавче од ЕУ. За жал колку и да е кутар и недостоинствен Заев со неговиот настап пред ЕУ како премиер (па дури и аболициран и октроиран), сите нас не понижува.

Тоа што може да го очекуваме како политичка реалност е сигурен влез во НАТО, но уште поважно е цврстото зближување на СДС и ДУИ и избори кога тоа на Заев ќе му одговара, па така доколку добие било каква политичка порака за датум за почеток на преговори ќе имаме и предвремени избори, што нема да биде резултат на демократскиот напредок и реформите на СДС-то и Заев, туку како резултат на неговото молење и снисходливоста на ЕУ со цел да го остават во политички живот за не дај Боже.

Затоа за очекување е Заев сега да се расплаче и пред македонските граѓани (по теркот на онаа „не ме оставајте сам“) дека тој се сторил за напредок и членство во ЕУ, но ете не го разбираат. Веројатно дека пораката кон народот ќе биде дека уште повеќе ќе треба да ја свиткаме кичмата и колективно да викнеме во плач за да се слушне до Брисел и да ни се смилуваат. Толку големо понижување и срам за Македонија и нејзините граѓани никој досега не приредил како што тоа плачкото Заев го прави во последниве две години.

Во меѓувреме додека Заев не занимава со плачење и молење, Спасовски (кои реално и со факти треба да се најде на трансфер за заминување од владата) дели решенија во МВР и тоа надвор од законот за внатрешни работи и системот за кариера, а се како подготовка токму за евентуални избори и онеспособување на функционирањето на МВР во техничката влада. Во овој контекст само ќе напоменам дека нема да им помине незабележано оваа гнасотија и беззаконие, а за кршење на законите и злоупотребата на службената должност и овластувања се одговара кривично. Колку да си знаете дека тука плачењето нема да ви помогне.

Ги охрабрувам колегите од МВР кои противзаконито се засегнати со новите решенија да поднесат тужби. По добивањето на истите и исплата на отштетата лично ќе се заложам да има одговорност од Спасовски заради нанесена штета врз буџетот на Република Македонија и извршениот мобинг врз вработените во МВР кои се присилуваат да потпишат незаконски решенија за нивно прераспоредување.

Плачењето нема да помогне да се заборават неправдите, малтретирањето, понижувањето и штетите кои оваа влада на СДС-то ги прави врз сите македонски граѓани. Одговорноста од која најмногу се плашите и која е основен мотив за плачењето на Заев пред ЕУ е вистинската причина, а не национализмот. Проблемот кој го има Заев и дружината му од СДС-то и ДУИ не е национализмот и ВМРО-ДПМНЕ, туку корумпираноста, не владеењето на правото и не спроведувањето на законите, а тоа беше и порака на ЕУ во препораката за што веќе пишував.

 

Честит именден на сите оние кои го носат името Спасе или Сотир.

 

На Вознесение Христово – Спасовден, 2019 лето Господово

 

Оливер Андонов