Нов ден, нова „радикализација“ на Али. И така, веќе 11 месеци. Нема ден, а Ахмети да не се „радикализира“. Утре пак. И пак. И пак…
За „дивно“ чудо, нон-стоп да ти се пишманел пустиот. Од првиот ден по избори, од 9-ти мај лето Господово 2024-то, се’ до денеска. Тогаш, првпат се радикализираше и „излезе“ на улица. Се закани, де. И остана на таа, веќе бајата, ветва закана, која стана потресителна исто како ланскиот снег. Кој, каков-таков, оваа зима и го имаше. За разлика од „улицата“ и „радикализацијата“ на Ахмети.
Дали, овојпат го одоброволи Апелација, која го заеба Кривичен и го пушти Пуцко Јуниор на слобода, па Али затоа нема да се РАДИКАЛИЗИРА? Тикви варени со расол, ќе рече народот. Апелација е создадена за тоа, за отстапница за криминалците од ДУИ и СДС. А, Ахмети, тој и онака никогаш нема да излезе на улица. Чуму? Затоа што нема поддршка од еден рид, височинка која уште од поцрнувањето листашко и отпишувањето на посинокот и десна рака Артан ГРУБИ веќе не е така НЕЖНА со криминалната банда од Мала Речица. Географски поим и главен фактор во светот, кој, од друга страна, е во одлични односи со сегашната владина номенклатура. Ту, јаз’к. За голема, неизмерна жал на Артан, Прпарим, Крешник и останатите 37 разбојници на Али Баба.
Да не сме јанлаш? Да не, не е баш така? Јок, така си е. Ако не верувате и се’ уште сте Неверни Тома, прашајте ја Сања Лукаревска. Да, онаа која прва од СДС јавно и во емисија се откажа од „ѓаволот“. Следувале уште двајца комуњари кои ќе го сторат истото, за да биде со сите нишани. Така де, од сатаната се откажуваш три пати. Кладилниците типувале на Венко и Цаци, следните есдесовски чеда кои ќе се откажат од Ахмети. Башка, ќе го набедат дека тој за се е виновен. Тој и неговите „несташни“, аздисани момчиња. Не дека не е „крив ко Грчка“, ама нешто не штимало во квази-катарзава на Бихаќка. Народов не пие нафта, одамна. 50-50 било учеството во распродажбата на името, јазикот, историјата, затворањата, тероризирањето, 7-годишниот резил на секое можно поле. Затоа и СДС ќе си го јаделе стапот на следните избори. И на следните. И на следните…
Сепак, една работа е позитивна во целата оваа прикаска. Кога една комуњара така галантно се откажува од услугите на довчерашниот соиграч, соучесник и партнер, останува да виси фактот дека дури и СДС, конечно, сфатиле дека од ДУИ играч на македонската политичка сцена веќе не бива. Башка знаат дека поддршка странска – „СКА“, нема ни за лек. Па, удри по лузерот, макар и ти бил полузер, најлузер. Аха, Али да ти имал скоро дупло поголем рејтинг од оној микронскиот на Венко, што одамна не го гледале ни со лупа. „Морално“ било со микроскоп, Пиги…
Улогите се сменија. Ама одамна. Само што некој никако да сфати дека е во опозиција.
На Али му се „паднало“ да ја игра рољата на детето кое викало „Волк! Волк!Волк!“. Тој, пак, ко расипана плоча верглал: „РАДИКАЛИЗАЦИЈА! РАДИКАЛИЗАЦИЈА! РАДИКАЛИЗАЦИЈА! “ Пута сто…
И замисли. Никој, ни Македонец, уште помалку Албанец, веќе одамна не му верувал.
Патетичен таксират на еден пишман-радикал од кој одамна сите чекале да смени лента. Бадијала. Атавизам од едно време кога викавме: „Уште организираниов криминал да го уништат, па ништо во државава да не функционира…“