петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 146
home Колумни

Пишман Аџија

Пишман Аџија

Некако не сум изненаден од небулозите на Заев, а во врска со нашето членство во НАТО, односно ратификацијата во Шпанскиот парламент, а потоа и во Собранието на Македонија.

Како и вообичаено, Заев (за кого веќе одамна утврдивме дека е без компас) се обидува да најде очекуван изговор како да ги избегне изборите кои тој самиот ги наметна како прашање и решение за излез од кризата во која повторно тој самиот ја внесе Македонија. Со кои зборови да го именувам или какви ли епитети да му дадам на Заев веќе е излишно. Понекогаш мислам дека не постои доволен број на метафори преку кои би можеле да се претстават карактерните недоследности на овој лик под илјада маски, неговите политички манипулации кои го надминаа баронот Минхаузен или пак уништувачката сила на еден Левијатан.

Сепак, не сакам во оваа колумна да се занимавам со психо-анализа на менталните, духовни и морални аномалии на овој лик. Впрочем, намерата ми е да направам кратка анализа на неговите последни „пишман“ изјави и тенденции кои повторно ги разбираме како комедија, смеејќи му се на КЛОВНОТ во неговиот јавен настап. За жал на крајот ќе испадне дека „тој последен ќе се смее“, бидејќи се докажа дека овој лик под маска многу вешто ја наврува маската на изгубен, недоветен па дури и „искрен“ лик, а потоа вешто не измамува сите и се она што ќе го каже и вети престанува да важи. Сега ќе ги натне железните опинци и како секој пишман Аџија откако виде дека ниту „кожни гаќи“ не го спасуваат, се реши да манипулира под изговор дека не сака сега да си ги аби железните опинци, сетне има време за избори и аџилак.

Целта на овој пишман Аџија е многу лукративна. Имено, по направената проценка и сондажа дека нема шанса да ги добие изборите на 12-ти април и дека не му се доволни 5-6 месеци за подготовка, а не пак два и пол месеци да направи подготовки за отстапување од власта и посебно немањето на време да се фати за некаков си успех, се реши да направи саботажа. Во таа негова саботажа му се придружи и ДУИ, свесни дека овој пат нема да можат да ги измамат Македонските граѓани од Албанско етничко потекло (таму го бараат својот извор на гласови преку истрошени фрази за етнички права). Сето ова би било и разбирливо и политички оправдано, но секако истото да се случуваше пред лидерската средба на која се согласија за избори, а по која Али Ахмети се однесуваше доста нервозно, што повторно укажува дека го фатија неподготвен. Свесни за оваа состојба, посебно по видливата промена на политичкиот курс на ВМРО-ДПМНЕ кој колегата Мицкоски јавно го кажа во својот говор во Прилеп, при одбележувањето на 126 годишнината од Македонската револуционерна борба. Настапувајќи со нови идеи и концепт Мицкоски го персонализираше овој политички дискурс на ВМРО-ДПМНЕ искажувајќи подготвеност за негова практична реализација, забележливо  и со акламација прифатен од граѓаните на Р. Македонија. Следствено на ова, нашите политички пигмејци, решија да ја отворат политичката партија шах со “Руска одбрана“.

Во оваа своја политичка манипулација СДС и ДУИ лажат, и тоа безочно, користејќи се со итар пејовски патрдии околу членството во НАТО, но и околу уставните рокови за распишување на договорените избори во Македонија. Со овој настап на најмизерен начин се обидуваат да ги одложат веќе договорените избори за барем месец или два, доколку се може, за да си ја реализираат нивната (малициозна) агенда, (обид за барем) еден „аргумент“ или „позитивен поен“ на нивната празна сметка.

Целта јасно се гледа. Едноставно, Заев лошо се пресмета и сега ќе испадне дека зачленувањето во НАТО формално-правно ќе го потпише техничката влада а не Заев, и со тоа ќе му се одземе еден според него, значаен аргумент во предизборната кампања, а тоа е дека ете тој не внесол во НАТО (како пред него да не постоеше ништо, а за тоа пак како влеговме во НАТО е друга приказна). Тоа е, на Заев му треба голема приказна за да се прикаже успешен. Во овој контекст е и неговата тенденција за некои поситни „успеси“ поврзани со некое зголемување на платите и слични социјални пакети со кои сака да ќари некој глас. Но, најмногу го тишти неисполнетото ветување кон ДУИ, за спроведување на попис според закон и методологија непознати во аналите на статистиката, алхемија за добивање на резултати според нивните планирани бројки. Ете, затоа Груби е нервозен, Али стресен, а ДУИ се бори на страната на СДС, преку овој криминален попис требаше да се позиционираат некои долгорочни политички прашања договорени и утврдени  меѓу Заев и Ахмети уште во 2017 година.

Така, имајќи повторно заеднички интереси, машинеријата на СДС и ДУИ координирано започнува да не убедува дека доколку има избори на 12-ти Април, нема да влеземе во НАТО. Очајно лош римејк на холивудскиот блокбастер, „Русите доаѓаат“, или можеби орсонвелсовиот „Марсовците напаѓаат“.

Тоа е продавање магла, и пишман Аџија може да бара оправдување во измислици, но ние не треба да му го дозволиме тоа. Состојбата со Уставните одредби е јасна. Избори се одржуваат најмалку 45 дена, а најмногу 60 дена од денот на распуштање на Собранието. Изборите не се поврзани со оставката на Премиерот и паѓањето на владата (доколку не може да се состави нова влада, односно никој нема мнозинство во Собранието, па тогаш Собранието мора да се самораспушти). Згора на се, според договореното, на 3-ти јануари, односно според Законот за Влада, на 100 дена пред одржување на изборите се формира техничка влада, која до распуштање на Собранието, односно распишувањето на изборите ги врши сите функции според Закон, а и потоа со определени ограничувања исто така утврдени со Закон. Собранието до своето распуштање, односно распишување на избори (најмногу 60 дена пред денот на избори) ги врши сите работи утврдени со Устав и Закон. Одтука, нема место за „паника“, доколку Шпанскиот парламент на почетокот на јануари или февруари го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО нема да се стигне Собранието да го потврди завршниот протокол. До 12-ти февруари, Собранието на Македонија може слободно да ратификува договор за членство во НАТО кој би го потпишал техничкиот Премиер.

Во краен случај, доколку и тоа не се случи, по завршување на изборите најдоцна до мај може да очекуваме формирање на новото Собрание и Влада, по што веднаш можат да завршат сите формалности околу членството во НАТО.

Така, пишман Аџија нема потреба да биде загрижен за НАТО-иднината на Македонија и европските намери за кои нема дилеми. Самиот тој треба да биде загрижен за себе како и за неговата погубна национална и економска политика која ја спроведуваше врз Македонија во изминативе години. Да бидам искрен, мислам дека треба што побрзо да си заминете, какви „малери“ сте може и НАТО, како и ЕУ да ни избега. Јазик прегризал!

Згора на се видлива е нервозата не само кај пишман Аџија и неговиот коалиционен партнер, туку и кај апологетите на ѓаволот кои во недостиг на нормални размислувања зборуваат глупости во медиумите. При тоа, сите им се виновни само тие самите никогаш за ништо не се виновни и одговорни. Очигледно дека во нивното дипломатско искуство нешто било многу наопаку поставено и дека никогаш не требало да бидат на местата каде што биле. Се поставуваат две логични прашања и тоа:

1.Чии интереси треба да штити амбасадорот на една држава акредитиран во друга држава?

Секако интересите на сопствената држава која ја претставува и само тие интереси, а што логично од ставот на апологетите на Заев и политиката на СДС може да се заклучи дека не е нормално, бидејќи амбасадорите поставени од редот на СДС секогаш ги бркале-реализирале исклучиво нивните лични интереси.

2.Дали сега е јасно кој  штети на угледот на Македонија и ја става државата во состојба-опасност на/од „изолација“?

Кога СДС е опозиција ја клеветат сопствената држава по сите меѓународни институции и наштетуваат на угледот на државата, а пак кога се на власт во тоталитаристички манир би сакале да протеруваат амбасадори кои само ги заштитуваат интересите на државата која ја претставуваат во Македонија, реално согледувајќи ги состојбите.

Ех, што ли се ќе излезе од дневникот на Грофот Сен Жермен доколку продолжи со евоцирање на неговите спомени од убавиот град Скопје и земјата Македонска.

И железни опинци и кожни гаќи да натнеш на себе пишман Аџија и сто пати ДУИ да те притиска за нереализираните ветувања кон нив нема бегање од избори, а со тоа и нема бегање од тоа дека ќе ги изгубиш изборите.

11:59 – (преземено од Фајненшл тајмс) Македонското радио  на Бени и Златко им пожелува убаво попладне на Али и Зоки, со хитот „Генерале, генерале“.

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов