четврток, 15. ноември 2018. Вести денес: 58
home Колумни

Пирејот и македонскиот народ никогаш и никој не може да ги сотре

Пирејот и македонскиот народ никогаш и никој не може да ги сотре

„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

Се појави еден лик во државава и се осмели и пирејот да го откорне, да го сотре.

Нема право – да, но има смелост, има дрскост, има невиден потценувачки однос кон Македонскиот народ. Досега не е роден ваков изрод. Ваков предавник не се памети. Немало досега.

Македонијо! Срами се од овој човек. Не знае што прави. Продава мајка и родна куќа, а се колне во истите. Се колне во сопствените деца. Не ќе да е ова Македонец. Или не заслужува да биде. А, повеќе и не е. Тој е граѓанин на Република Северна Македонија. И, да, се гордее со тоа што го направил.

Да згрешиш несвесно, несакајќи, немислејќи, можеби и да е за простување. Но, да згрешиш свесно, знаејќи што правиш, тоа не е за простување. Колнат многу Македонци денес. Не им е за замерка. Колнат, зашто им е продадена земјата, зашто им е продадено името. И, не, ова не е за простување. Никако не е.

Зарем татко на деца може да се колне во истите и да го прави ова? Каков пример е тој за сопствените деца? Каков пример е тој за неговите сопартијци и гласачи? Кога се осмели името да го продаде, зарем може некој повеќе да му верува?

Да, ја доби поддршката (не толку од сопствениот народ, колку од надворешните „помагачи“ ), но никогаш нема да ја добие прошката за ова. Не дури дише, туку и потоа. Да те проколне сопствениот род е најтешката казна. Нема мир да има дури е жив и потоа. А, тоа потоа, значи дека клетвата ќе ги гони и неговите поколенија. Зашто, тој упропасти цели идни поколенија на Република Македонија. Зашто, тој ја поништи Република Македонија без око да му трепне.

Од говорот на телото добро ја совладал само онаа здрвена насмевка, онаа дрска здрвена насмевка која му се потсмева на Македонскиот народ, онаа дрска здрвена насмевка која ја имаат и луѓето околу него. Зарем сите се негови истомисленици, зарем сите се предавници на сопствениот народ? Цинични се сите нивни насмевки во однос на ова велепредавство. Се смеат, а те продаваат. Се смеат, а те уништуваат.

Народе мој, народе македонски, срамете се од денот 12 – ти јуни, лето господово 2018 – та. Тоа е најцрниот ден за македонскиот народ и македонската историја. Тоа е денот кога престана да постои Република Македонија.

Но, ако Петре М. Андреевски го споредува македонскиот народ со пирејот, ако некој си мисли дека успеал да го откорне пирејот, гадно се излажал. Пирејот и македонскиот народ никогаш и никој не може да ги сотре.

Петре М. Андреевски, и 12 години по неговата смрт, живее со неговото слово и неговите дела за Македонија. Тоа е Македонец кој живеел, творел и создавал за Македонија. Ваквите великани живеат и по нивната смрт. За разлика од нив, живите предавници ги проколнуваат уште на живот.

Слава му на овој Голем Македонец, а срам и арам на предавниците на Македонија.

„Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е, ести голем, ако останеме без името наше, од кое уште се плашат ко од чума. А без име, векутуми, а без него и гробовите ќе ни бидат празни…„

Дафина Стојаноска