недела, 19. јануари 2020. Вести денес: 83
home Колумни

Петок 13ти да биде државен празник

Петок 13ти да биде државен празник

Утрово еден мој пријател ми вели: „Братче, да се пазиме денес, Петок 13ти е!“ Му велам: „Не знам дали приметуваш, ама на државава секој ден и е Петок 13ти!“

Искрено, веќе станува напорно да на дневна основа се следи што се случува. Веќе со години 90% од медиумите функционираат на ниво на пи ар агенции кои лиферуваат нарачани информации, и оние малкумина кои ни ги пренесуваат будалаштините на вршителите на јавни функции ни потврдуваат дека се отидени во неповрат.

Не ми е јасно како лик кој е цел живот во политиката, е вицепремиер и министер, ќе проба да го лаже и манипулира народот дека Америка во наша чест ги направила опашките на авионите на носачот за авиони со нашето знаме, затоа што сакале да ни посакаат добредојде во НАТО?! Се уште не ми се верува за овој кикс, или потценување на народот, што и да е!

Дека актуелната висока политика очигледно се опкружила со шупелки, аматери и дилетанти, говори и фактот што можеби десет пати до сега грешат знамиња, химни и што да е. Според мене, доволно е да вработат деца кои се осмо одделение и имаат петка по географија, и нема да им се случуваат овие глупости.

Форсирањето на закон за избори, на 20 дена пред избор на техничка влада е смешно, несериозно, тенденциозно и играње на карта на бојкот, незадоволство и злоупотреба на власта. Како што веќе во два наврати пишував, промена на изборен модел по предлог на власта со една изборна единица и отворени листи е смешен, лош и неприменлив. ЌЕ треба да има на ливчињата по илјада и кусур имиња, а дур се најде името на тој кој го барате ќе помине 10 минути. Плус, како ќе постигнете и етничка и родова застапеност? Ризикувате (доколку таква е волјата на граѓаните) да се случи да нема ниту една жена пратеник (доколку се гласаат и надвладеат машките кандидати, можно е иако се на листите, да не пројде ниту една жена или претставник на помалите заедници). Друго, дали би имало изборен праг? Дали, ќе оди секој слободно, затоа што според мене во таков изборен модел, нелогично е да има пред изборни коалиции. Нека си одат сите посебно. Многу нејасности, многу недоследности.

Само на македончето може да му се случи во светот да има соседи кои му велат имаш јазик кој не постои, имаш црква која не постои, имаш идентитет кој не постои… и така се во бескрај. И ако се побуниш, си националист, иредентист, и анти европеец, а про руски настроен. Која шизофрена реалност.

Предлагам Петок 13ти да ни биде државен празник, поради неколку причини.

Направив ТОП 10, зошто Петок 13ти треба да е државен празник:

Прво, никогаш нема да е во ист месец, ротирачки празник. Забавно ќе е!

Второ, знае да падне и два пати годишно. Екстра продолжен викенд.

Трето, ќе ги обедини сите околу него, ќе се сплоти нацијата. Колективно ќе џаболебариме.

Четврто, и так едвај чекаме изговор за продолжен викенд да тркне до негде вон државата. Соседните држави ќе тријат раце од нас. Добрососедски односи. „Аут гоинг“ туризам.

Петто, ќе биде наш „бренд“, и така сме живи несреќи. Место Македонија вечна, ќе бидеме Северна Македонија, баксузна.

Шесто, и така се „филмаме“ на карта алтернативен туризам, ќе бидеме атракција, и така ни се смеат сите, бар ќе дојдат да не видат. Повторно карта туризам, овој пат „ин каминг“.

Седмо, со оглед дека „културњаците“ земаат плата до 15ти, Петок 13ти им е и така празник затоа што тогаш земаат плата.

Осмо, ќе го актуелизираме денот и брендот, па можеби некое продолжение од истоимениот филм ќе се сними тука. Одличен мотив даваме, топ копродукција би било. Нели развиваме и филмска дејност.

Деветто, и така сите се „нафилмаа“ на БЛЕК ФРАЈДЕЈ муабетот, и македонските лажни попусти, кај има по „блек“ петок ов Петок 13ти. Лепота. Све на црно. Играјте ко Премиеро, „ол ин“!

Десетто, до пред две три години бевме барем пред Босна и Албанија, сега сме по мизерни од нив. Заслужуваме титула: Земја во која Петок 13ти ти е секој ден.

 

Александар Ристевски

 

#колумни #Александар Ристевски #петок13ти