понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 122
home Колумни

Патот кон ЕУ, како Македонци или нешто друго?

Патот кон ЕУ, како Македонци или нешто друго?

Навистина не знам што попрво да помислам кога ќе ми текна на се она што Македонија преживува како притисок од соседите во изминатите 30 години.

Се согласувам и свесен сум дека не така мал дел од вината е и наш, како нација. Тоа што се ставивме во ситуација да сме внатрешно разединети, народот да е контаминиран со небулозности, но и да има вршители на државни функции (актуелни и поранешни) кои поддржуваат ставови кои се косат со ставовите на народот, но и со севкупните национални интереси. Нај интересно е што се токму тие носители на функции се ликови со „црно под ноктите“, со бројни случаи и обвинувања во фиока.

Навистина е болно кога тројца од вкупно пет македонски Премиери плукаат по се она што е корен и основа на државата. Навистина болно и потценувачки. Се има впечаток дека единствено што сакаат е да си ги покријат сопствените задници, ништо повеќе. Класичен макијавелизам. Терајќи го сопствениот интерес, го газат сопствениот народ и ја трујат македонската нација.

Политиките кои ги води бугарската држава, се очекувани. Имено, се она што повоена Бугарија во првите 10тина години во Втората светска војна го прифати и примени, во изминатите 60тина години го контаминира и погази. Треба да се гледа и од нивните појдовни позиции и причината зошто се поставени сите овие барања.

За кои барања всушност зборуваме?

  • Барање да окупацијата во Втората светска војна всушност била ослободување, а дека присуството на Бугарија тука било административно.
  • Дека македонскиот јазик не е засебна јазична целина, туку западна дијалектна форма на бугарскиот јазик.
  • Дека историјата помеѓу бугарскиот и македонскиот народ пред АСНОМ е заедничка, во смисла дека Бугарите и Македонците се едно, т.е. дека до тогаш сите сме биле Бугари.
  • Националниот идентитет на македонските револуционери, преродбеници, интелектуалци да се прогласи за бугарски.
  • Откажување од борбата за своите права на македонското население на територија на денешна Република Бугарија.

Оваа современа форма на инквизиција, овој хибриден фашизам кој сега се искажува, само ги поткопува и на долг рок нарушува односите помеѓу Македонија и Бугарија. Да се разбереме, обичниот народ меѓу себе нема проблеми. Македонецот и Бугаринот слободно патуваат, летуваат, зимуваат, јадат, пијат, водат бизнис, склопуваат бракови. Ова што сега го прави Бугарската држава е повампирување на некои идеи за големи држави и нации, а ускратување на основните човекови права на луѓе со македонска свест и идентитет, токму во нивната држава.

Зошто токму сега, зошто баш вака? Патот за македонското интегрирање кон Европската унија е трновите процес кој во најмала рака би траел меѓу 5 и 7 години, а објективно околу 10 години. Попатно Бугарија ќе има можност да преговара, разговара или блокира доколку нема одредена усогласеност. Со ваков ригиден и ултимативен став тие само прават да се сее омраза помеѓу обичниот народ и да се поларизираат односите.

Треба да престанеме да бараме непријатели и да се генерира конфликт,а македонските власти за почеток треба да престанат да ја дефокусираат јавноста од тоа што се случува во државата, бројните афери и недоследности во владеењето, и партизираното и поделено општество. Со најави дека ќе рушат споменици и слични будалаштини кои не престануваат, напред, нема одење.

Очигледно е дека со сево ова што Бугарската држава го прави во моментов е обид да се прикријат многубројните историски вистини, но и да не се разниша митот за етничката монолитност, исто како што е случајот со Грција. Националните митови за големи и силни нации, етнички чисти, поготово на Балканот е смешен. Се согласувам дека има теми за кои може да се анализира и зборува, да се бара говор на помирување, но Бугарија е таа која ќе мора да ја прифати и етничката и националната и јазичната реалност. Анализирањето кој што бил етнички во историјата е во најмала рака смешно. Видете што зборувал и за што се борел. Како стои во документите неретко е ирелевантно.

 

Александар Ристевски

Коронавирус