вторник, 19. октомври 2021. Вести денес: 160
home Колумни

Оставки, ама под итно!

Оставки, ама под итно!

Четиринаесет семејства завиени во црнина, 12 повредени. И кој е резултатот? Тридневна жалост ли е? Толку ли се измачија срцепарателните Филипче, Стојанче и Заевче? Да, ова е нивниот максимум. Од кого е, и многу е…

А, зарем некој навистина очекуваше нешто друго? Оставки на пример? Одговорност? Јок, тој филм не го гледате, со овие неспособни дилајли без трунка гордост, чест и достоинство, оперирани од сочувство и емпатија за сопствениот народ, никогаш. Поверојатно, за пожарот ќе обвинат некој сиромав електричар или инсталер на цевки. Уште поверојатно, двајцата. И толку. Коче, е него нема да го чепнат, тој е финансиер на партијата, таму не смее да се пипа, ама никако. Оти пипците на СДССССС октоподот тендерашки  не се осум, туку 8.000.000…

Па ќе глумат ожалостена влада, ќе сронат и некоја солза насила и со драчевски кромид изнудена само и само на пи-ар експертите непрокопсани да им удоволат, ќе пишуваат долги, срцепарателни соопштенија нивните „професионални“ новинари, оти само за тоа и ги бива. Им прилега, ама скроз. А Павле Трајанов ќе измислува саботажи, за да ги испере неспособњаковиќите коалициски. Одамна пишувам дека требаше да се крстат Република Срцепарателна Македонија, можеа и само срцепарателна, оти вакви подли, патетични никаквеци и актери за популистичко-демагошка златна малинка светот ретко видел, мајка Македонија пак, никогаш…

И бадијала медиумите ќе ги потсетуват како ова функционира во светот, како по вакви настани на сите страни фрчат оставки и летаат функционерски глави. Ние, за жал, одамна не сме дел од тој нормален свет, ние сме саде еден заборавен од светот, хунташки остров со кој владејат инсталирани суртуци со Данинг-Кругеров ефект. Биљмези кои мислат дека се најубави, најумни и најспособни, а тие пустите понеспособни и посуртуци здравје… Ама упорните и желни за власт, пари и моќ фатени ко пит-бул за гума, ќе гризаат, клоцаат, штипат, плукаат, р’жат и гребат до бесвест и нема да се предаваат.

Само присетете се дека пред два дена истиот тој Стојанче, кој се „грижи“ за нашата безбедност, животи и добробит и кој наместо да чисти тоалети по пожарите кои ја пеплосаа Македенија, беше унапреден, изјави забегано дека очекувал пожарот на Галичица да го изгаси утринската роса?!?!?!

Или Филипче кој прогнозираше надмено саде 2.000 заразени со корона, за да денеска имаме околу 6.200 починати и 181.120 заразени! И од него очекувате оставка? Или од она хихи-хаха човече Заевче (за да биде посоодветен во друштвото на другарчињата Филипче и Стојанче) кој насила смени име на држава, Устав, донесе двојазичност, направи марихуана-плантажи и испозатвори дузина Македонци на правдина?

Јок, од овие тројца аморални другарчиња и деминутиви по филантропија на ЧЕ (значи другар во превод) не очекувајте ништо човечко, политички коректно или искрено. Штетниците и паразитите немаат такви особини, инаку не би преживеале толку милиони години, постари и од диносаурусите на Шилегов. Соодветно им е тоа ЧЕ, зашто и онака се ЌЕ влада.

Единствено чаре за одговорност е јасно. Ама тие нема да ја „дадат“, факт. Затоа, одговорноста да си ја земеме самите. На избори, на улица ли. А потоа, е потоа доаѓа време за плаќање сметки, а зулуми многу. Аха, чувствувам дека нешто многу-многу не се разнежнивте, растреперивте и расплакавте од тажнава прикаска и судбината на трите прасиња, трите ЧЕ ли беа, нели…

Локални избори 2021