вторник, 1. декември 2020. Вести денес: 25
home Колумни

Општество базирано на знаење – Зошто на Македонија и се случуваат парадокси?

Општество базирано на знаење – Зошто на Македонија и се случуваат парадокси?

Она што на почеток сакам да го предочам, а веројатно заеднички ќе се сложиме, е дека меѓу почесто експлоатираните синтагми во јавниот простор е синтагмата „општество базирано на знаење“. Се обидов со едно пребарување по интернет да се информирам кој се во државава се залага за општество базирано на знаење. Резултатите отприлика изгледаат вака: во реториката на политичарите “Реформите се основа за општество базирано на знаење…“, во делот на економијата постојат тврдења дека„..за општество базирано на знаење иновацијата е движечката сила на економијата на сите нивоа и во сите видови организации„, наидов и на публикации од типот „Настава за компетенцијата учење како да се учи за општество базирано на знаење“и „Долг е патот до општество базирано на знаење“….

Не треба да должам уште повеќе за да заклучиме дека потребата од имплементација на знаењето во решавањето на проблемите од сите сфери на општественото живеење е евидентна и прифатена. Како определба е имплементирана и во многу стратегии за развој, акциони планови, општата реторика на јавните личности, аналитичари, политичари, експерти и сл.

Истовремено следејќи ги актуелните случувања во повеќе сфери, би сакала да прашам дали градејќи општество базирано на знаење се изгради чудовиште од едно „декларативно општество“ кое почна да си ги јаде сопствените деца?!

Не треба да се оди подалеку, еве да се задржиме на примерот со проблемите во текстилната индустрија. Да почнеме од перманентните покачувања на минималната плата. Дали секогаш „повеќе пари“, значи „поголема благосостојба“ за граѓаните? Можеби Да (во општ контекст), но кога станува збор за конкретна ситуација сочинета од бројни фактори во меѓусебен каузален однос јасно е дека покачувањето на платата не е и не смее да биде прашање на желба, туку е и ќе остане прашање на можност. И тоа можности кои треба да бидат креирани од мерки базирани на знаење. Предупредувањата за несаканите последици не се само голи флоскули од некаква опозициона политичка партија, вистината е дека ваквите предупредувања во целост се совпаѓаат со препораките на научната фела креирани врз основа на истражување, наука и компаративни искуства. Имено, повеќе од јасно е дека без зголемување на продуктивноста, платите не можат перманентно да се зголемуваат, во спротивност ќе доведат до погубни последици.

Некои од тие последици се нарушена мотивација на оние работници кои беа платени малку повисоко од минимална плата, а овде е и неодржливото финансиско оптоварување кое може да доведе до затворање на фабрики и нагло зголемување на бројот на невработени (момент кој на многумина им се чини многу драстичен и далечен). Но затоа пак, другите несакани ефекти се одликуваат со зачудувачки молскавична брзина, па така надевајќи се на повисоки примања, ефектите од предложената владина мерка испровоцираа реакција кај работодавачите оптоварувањето да го компeнзираат повторно врз грбот на работникот преку продолжување на ефективниот работен дел од работниот ден и продолжувањена работното време, односно директно укинување на оној половина час платена пауза на работникот најчесто користена за топол оброк.

Или со други зборови кажано наместо решенија базирани на знаење, имаме инстант квази решенија, кои наменети за подобрување на правата и состојбата на работниците може единствено да не доведат до инстант нарушување на работничките права и експресно враќање во историјата. Веднаш по ваквите размислувања се појавија и барања на дел од работодавачите за увоз на работна сила. Ваквиот увоз користејќи го изговорот за амортизирање на дефицитот на работна сила, во суштина претставува одличен пат до поевтина работна рака….итн.

Текстилниот сектор е само една од жртвите на ваквата изместена матрица на функционирање, а истата се провлекува и во останатите сфери на општеството. Еве на кратко можеме  да се осврнемена последново случување околу носењето на новите законски регулативи, поточно Законот за висока раководна служба. Универзитетски професори на јавна расправа во срцето на законодавниот дом гласно обвинија за тотално непознавање на системските закони од страна на креаторите на Законот и грубо мешање на извршната и законодавната власт, поделена според Устав.

Во овој контекст е и обидот да изградиме ЕДНО општество за сите преку замена на ЕДНИОТ службен јазик што не обединуваше, со ДВА службени јазика кои ќе направат разликите помеѓу нас да бидат повидливи и со тек на време да престанеме да се разбираме.

Ние или имаме лажни цели, или лажно се бориме за целите….

Ова ли е знаењето кое го користиме за градење на нашето општество?!

Зошто во Македонија и покрај сите настојувања никако не може да профункционира спрегата помеѓу стопанството, владата и универзитетите? Состојбата е иста и во делот на креирање решенија, и на пазарот на труд, развојот на иновации, слабиот проток на резултатите од истражувањата во академските кругови и нивна  имплементација како решенија во делот на стопанството итн.

Можеби најлесно ќе дојдеме до одговор ако се послужиме со веќе споменатиот пример на вештачко зголемување на минималната плата спротивно на препораките на експертите и се запрашаме кој имаше корист од вака предложената мерка?

Работниците се на работ да го изгубат и она што го имаа гарантирано како право, а работодавачите се соочуваат со сериозни финансиски оптоварувања кои можат да прераснат во егзистенцијално загрозувачки. Единствено задоволна од ваквата мерка ми личи дека е партијата на власт која се надева на глас повеќе изнуден од краткорочната насмевка на лицето на работникот кога ќе ја види покачената минимална плата, без притоа да забележи дека во меѓувреме сите цени се покачиле и единствено што добил е опасност да му се укине паузата за оброк која досега беше платена, а од сега па понатаму може да треба и неа да ја плати, се разбира со разликата од покачувањето на платата која наводно ја добил.

За крај само да потсетам, работникот заслужува многу повеќе од МИНИМАЛНА плата, а граѓаните очекуваат многу повеќе од МИНИМАЛНИ решенија!

 

Д-р Христина Серафимовска

Коронавирус