вторник, 25. јуни 2019. Вести денес: 46
home Колумни

Опасно загрозувачка неспособност

Опасно загрозувачка неспособност

Епидемијата на морбили која трае повеќе месеци по се изгледа нема да заврши. Очигледно е дека проблемите ескалираат до тој степен што сега започнаа да се исфрлаат од функција и цели одделение во болниците, а тоа е патот кон исфрлање од функционалност и на цели болници, односно поголем дел од медицинскиот персонал кој би требало да биде во потполна состојба да дава помош на населението.

Оваа констатација не е политичка, туку едноставно само конкретна практична и вистинита, а се темели на случувањата во нашето здравство. Состојбата е вон контрола и здравствените власти во Македонија не се во состојба да се справат со епидемијата на морбили која ја зафати целата територија на државата. Видлива е неспособноста на СДС во раководењето со државата, секако доколку ги изземеме способностите за тендер комбинации, лаги, манипулации и малверзации од лукративни и политички причини.

За жал во однос на конкретна заштита на населението нема никакви резултати. Кога зборувам за заштита на населението не зборувам за негова економска и заштита од сиромаштија, тоа е веќе апсолвирана тема и видлива во пракса која сите ја чувствуваме на своја кожа. Мислам и тоа со право на веќе опасно загрозувачката неспособност на СДС-то да се справи со заканите кои директно влијаат врз здравјето на населението во Македонија. Замислете до каде оди нивната неспособност за справување со заканите, кога во болниците имаме појава на епидемија на морбили и се исклучуваат од функција цели одделенија.

Не дај Боже да не задеси сега и некоја природна катастрофа па да ни се појават уште некои заразни болести и животно загрозувачки состојби за населението или проблем во снабдувањето со вода за пиење и храна. Со вака подготвената влада на СДС не ни бегаат загуби од катаклизмични размери, односно на ниво на доведување на населението на биолошки минимум за опстанок на нацијата. Испадна дека овие од СДС-то се полоши од воена состојба и тоа во мирнодопско време.

Состојбата не е за мајтапење и ова со морбилите само ја покажува целосната неспособност на една безидејна и катастрофална власт и тоа на еден „бенигнен“ пример на заразна болест. Што да се случеше епидемија на големи сипаници (Variola vera) како некогаш во поранешната СФРЈ на што се сеќеваат повозрасните? Веројатно досега ќе имавме голем број на загубени животи и преполовување на медицинскиот персонал во целата држава. Доколку на власта на СДС и на надлежните институции не им е јасно што треба да прават, еве ќе се обидам да им појаснам, не поради нив, туку поради граѓаните кои страдаат поради неспособноста на оваа власт.

Имено, постои Центар за Управување со кризи (ЦУК), постои и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), постои и Министерство за здравство (МЗ)и во негов состав Републички завод за здравствена заштита, а дал Господ имаме и Министерство за внатрешни работи (МВР). Исто така, постои и Стратегија за заштита и спасување на Република Македонија Службен весник бр.23 од 2009 година (иако годинава требаше да се обнови, но оваа власт нема време да размислува за народот зафатени се со исполнување на сопствените лукративни цели), потоа постои Закон за заштита и спасување Службен весник на Република Македонија 36/04 од 10.06.2004 година (посебно внимание да обрнете на чл.2 став 2, став 5, став 9, став 11, 12, 14 и всушност се што предвидува овој закон), а постојат и Планови за заштита и спасување во секоја општина и град Скопје и СОП или стандардни оперативни процедури за постапување во разни ситуации и состојби на ризици и закани од природни техничко-технолошки катастрофи и нивно влијание врз населението, животните, растенијата вклучително и епидемии, епизотии и епифотии.

Вклучително постои и план за дејствување во случај на појава на заразни болести врз луѓето, животните и растенијата или именувани како епидемии, епизотии и епифотии. Многу е едноставно доколку некој (а тоа би требало да биде ЦУК-от) во координација со Владата донесат одлука и го активираат Републичкиот кризен штаб и Општинските кризни штабови во подрачјата опфатени со епидемијата (болеста-заразата) и ги активираат Плановите за заштита и спасување на општинско ниво.

Тогаш се донесува одлука за стапување на сила на мерките и активностите (сега веќе не превентивните) туку оперативните функции и активностите за време траење на епидемијата за справување со истата, но и активностите и мерките за отстранување на последиците. Согласно плановите треба да се применуваат строги мерки и активности кои опфаќаат задолжителна и ригорозна превентивна и актуелна заштита на населението, односно казнени мерки за секој кој не се придржува кон обврските и наредбите на Министерството за здравство, а поддршка во спроведувањето дава МВР. Едноставно треба да ги спроведете предвидените мерки за заштита и спасување, особено на мерките за заштита од радиолошко, хемиско и биолошко загрозување.

Тоа е накратко што треба да преземете на терен и во пракса другари-недругари од СДС-то за да го заштитите здравјето на населението, а што е една од примарните функции на владата. Очигледно дека малку сте ги измешале брзините, не ви е примарна функција остварување на вашите алчни пориви.

Се останато во детали ви е предвидено во Законот за заштита и спасување, споменатата Стратегија (мерките и активностите при заразни болести и епидемии) односно во Уредбата на владата за спроведување на мерките за заштита и спасување од радиолошки, хемиски и биолошки загрозувања од 2010 година и секако Плановите за справување со заразни болести односно епидемии. Само треба да ги прочитате (доколку најдете време) и да постапувате согласно нив (доколку знаете како тоа треба да се прави), но тоа да го направите сериозно, ефикасно и брзо, а посебно да не гледате да при нивно спроведување заработите некоја пара на набавки и ангажмани од секаков вид, туку едноставно да имате срам од народот и страв од Бога дека оваа лудило со морбилите кое трае со месеци мора да престане.

Навистина се прашувам дали воопшто имате претстава вие од владата на СДС-то и коалициониот ви партнер ДУИ каде живеете. Во буквална смисла дојде животот во Македонија, но само за вас, ние останатите исклучиво со молитви и Божја помош и милост ќе се надеваме дека нема да фатиме зараза и ќе преживееме, ако ништо друго за инат на „способниот и проевропски“ Заев и еманципираното СДС.

Со ваква опасно загрозувачка неспособност за витални прашања и животот на граѓаните воопшто да не се прашува Заев зошто нема да добие датум за преговори. Видливо е дека треба да почне да чисти, но препорачувам да почне од себе самиот.

Господ на помош да ни е.
Христос Воскресе!
Навистина Воскресе!

Вонреден професор д-р Оливер Андонов