вторник, 14. јули 2020. Вести денес: 119
home Колумни

Она, кога Заев зборува за ТАТКОВИНА

Она, кога Заев зборува за ТАТКОВИНА

И додека цела Македонија беше во дилема околу изборите и се мислеше дали да излезе на брзо самоубиствено соочување со короната во своето избирачко место, се случи моментот кој ги одоброволи и убеди сите… Така апансас и во избран тајминг се појави ЗЗ и го употреби волшебниот збор. Да, чедото црпнато од нива кажа ТАТКОВИНА!

И сите во земјата која пред тој лично да ја прекрсти се викаше Македонија силно воздивнаа и рекоа – ЌЕ ГЛАСАМЕ, ЗЗ РЕЧЕ ТАТКОВИНА, НЕ СЕВЕРНА! Абе ајде, сиктер…

Простете на интрото, но јас сум се’ уште под силни импресии од вчерашниот изблик на патриотизам кај Барон Муртинхаузен, кој соочен со непримерното одложување на изборите за да се спасат животи, ја жртвуваше дури и својата северштина, се’ и се’ само за да оди на избори, што побрзо, макар не биле на пустиот му 21 јуни. Сега се ценкал за почетокот на јули…

Така, во ден кога Македонија рушеше рекорди и во ден кога во Кина немаше ниту еден заразен, а кај нас 38, Зоки смогна сили и рече ТАТКОВИНА! Се наеживте, нели…

Ај тоа, па уште промрморе и НАШАТА ТАТКОВИНА! Уууууу, колку прекрасно срочено од фејкерскиот пи-ар тим на демагошкиот политикант, ве трогна и вас нели, ве насолзи.

Уште повеќе што веќе следниот ден имаме 4 мртви и рекордни 58 заразени, кои онака чудно станаа „само“ 52,  а резултатот на прерано укинатиот полициски час заради лажна розова слика за кандис за избори непрокопсани штоттуку ќе следува…

Да, реченицата „Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот наесен целосно подготвени“ се уште жално одѕвонува во ушите на Македонецот.

Која пуста „НАША“ татковина?! запрашаа илјадници луѓе на социјалните мрежи, а повеќето не штедеа ни пцовки и ред други грди, но искрени изрази.

И што сега, чедото црпнато ги убеди сите мозочно НЕМИЕНИ во добрите намери со фактот што не ја кажа северната идиотштина која самиот ја стокми и реализираше? Па уште врдаше со заменки и татковини спомнуваше? Бедно и евтино е кога СДССС игра на патриотска карта, башка грдо, на страна што не им прилега. Изгледаат ко слон во пижами. Но, што е следно, ќе се запрашате?

-Ќе му се испушти ли на Зокија вистината дека Делчев не е Бугарин?

-Ќе каже ли ЗЗ дека имаме малцинство во Грција и Бугарија?

-Ќе ја врати ли преамбулата во Уставот?

-Ќе ја поништи неаргументираната двојазичност?

-Ќе ги искрши ли таблите на институциите?

-Ќе ги мине со графити оние северштини на влез и излез на РМ?

-Ќе ги изреже ли пак сонцата на шахтите?

-Ќе каже ли Заев Македонија без трулата придавка?

И ред други дејанија кои се научна фантастика за неговиот лик и недело.

Хмммммм….

Нормално дека нема, иако толку многу му се оди на избори, но мора да признаете дека интересна слика е како ЗЗ со граверка в раце во работничка облека ги враќа сонцата по македонските шахти, нели. Може да се размисли така да отслужи дел од казната за Рекет, Глобал, Пуч, Северна, Поткуп и други дејанија. Во некои други времиња, разбира се…

Му дошло до татковината колку и до народот кој го става на корона-изборниот жртвеник. Башка, самиот си кажа што мисли за народот. Претходно и за името. Ви текнува…

Сепак, не ќе да е истата татковина која ја споделуваме со Зокија. Можеби и тој не знае за која таковина зборува. Ако се сеќавате, талентот ненадминлив еднаш во интервју рече „Моите татковци и чичковци…“ ГМО лидер, исто ко и политиката која ја терааат… Следствено на тоа, уникатниот црпнат лидер има повеќе татковини поради мноштвото му татковци.

Македонија не е на списокот. Не нашата…