четврток, 9. јули 2020. Вести денес: 100
МЕГА БОМБА

АУДИО: Заев вели дека се договарал со Мијалков и знаел дека Шилегов бил криминоген

home Колумни

Оглед за трулежот

Оглед за трулежот

Ете и тоа го дочекавме и имаме „вонредна состојба“ во Република Македонија и што сега, во водата дупка што би рекле. Имаше ли потреба за прогласување на вонредна состојба или пак се можеше да помине со кризна состојба?

Ова не е дилема, бидејќи за нас кој се занимаваме со кризен менаџмент и справување со ризици и закани од секаков вид и кои на научно и практично ниво се занимаваме со прашања од областа на одбраната, во потполност е јасно дека немаше никаква потреба за прогласување на вонредна состојба. Немаше потреба затоа што со само еден хазард, односно со загрозувањето на населението од само еден ризик – здравствениот, можеше да се прогласи кризна состојба на територијата на Републиката и да се активираат мерките во однос на здравствената платформа согласно Законот за Управување со кризи.

Тоа што го тврдам ќе го поткрепам и со цитирање на именуваниот закон иако во претходната колумна не сакав да бидам досаден со цитати на законски одредби, очигледно е дека е неизбежно да се потсетуваме на конкретни работи. Во спротивно премногу е очигледно кога поедини таканаречени авторитети исклучиво политички мотивирани се обидуваа да не убедат колку е неопходно прогласувањето на вонредна состојба. Токму затоа ќе ги цитирам законските одредби за да се биде појасно, а потоа ќе се надоврзам на појаснувањата на колешката Каракамишева во врска со свикувањето на Собранието, а како спротивставување на очигледната политичка игра која власта ни ја прави, а опозицијата необјасниво не реагира.

Законот за Управување со кризи во член 30 вели:

„(1)Кризна состојба се прогласува заради справување со кризна состојба која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на нејзин дел.

(2)Сериозноста на ризикот треба да биде од таква природа на зафатеност на подрачјето или добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на дел од неа, за која не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба.“

Од тука може да заклучиме дека:

Прво, постои ризик по здравјето и животите на луѓето поради што можеше да се прогласи кризна состојба

Второ, дека кризна состојба се прогласува на територијата на Републиката или нејзин дел

Трето, не постојат услови за прогласување на воена или вонредна состојба затоа што се работи само за една платформа на загрозување и тоа не е во драматичен обем.

Не случајно законодавецот согласно со Уставот на Македонија направил дистинкција помеѓу кризна состојба и воена или вонредна состојба. Тоа е направено од причина што при кризна состојба државата функционира нормално во однос на демократските функции на државата и контролата врз извршната власт со употреба на сите расположливи ресурси за справување со настанатата криза, а тоа значи дека и во кризна состојба не се ограничени ресурсите кои се ставаат на располагање на владата за справување со кризата. Суспендирање на демократијата, особено суспендирање на работата на Собранието е исклучиво регулирано со Уставот и тоа како времена мерка преку воена или вонредна состојба кога Собранието од објективни причини неможе да се состане. Во оваа ситуација многу сум заинтересиран да се обиде Спасовски или Пендаровски да ги објаснат конкретните причини за прогласување на вонредна состојба, а тие да не бидат политички какви што се во моментов. Впрочем ние имаме на дело таканаречена „мека диктатура“ под превезот на законско постапување.

Со прогласувањето на вонредната состојба прекршени се Уставните одредби, бидејќи вонредна и воена состојба прогласува Собранието, а доколку тоа не може, односно е спречено да се собере (поради катастрофи од големи размери, прекин на комуникации, зафатеност на територијата на Републиката со воени дејствија и сл) за полноважно да одлучува тогаш тоа го прави Претседателот на Републиката, но при прва можност да се свика Собранието тоа ја потврдува или отфрла одлуката на Претседателот. Така доаѓаме до клучната поента покрај онаа дека Владата прогласува кризна состојба на територијата на Републиката или нејзин дел не повеќе од 30 дена, но за тоа го известува Претседателот на Републиката и Собранието, а доколку сака да ја продолжи кризната состојба треба да побара одобрение од Собранието. Клучната поента на оваа колумна е токму улогата на Собранието кое од вчера е брутално суспендирано, а на тој начин е суспендирана и демократската волја на граѓаните, односно суспендирана е контролата врз извршната власт. Во меѓувреме извршната власт си лицитира со економските последици од кризата без конкретни мерки за заштита на населението од економски удар, но со план за задолжување на државата.

Како мисли Талат Џафери да објасни зошто не го свикува Собранието или пак Пендаровски да објасни како тоа тој ја поништува одлуката на Собранието за избори? Двајцата нема да можат да ви дадат законски и уставно издржано објаснување.

Имено првиот ќе тврди дека пратениците „ги вратиле мандатите“, Бог да чува, а според законот за избори мандатите на пратениците траат се до верификација на мандатите на следните пратеници по завршување на изборите, но не подолго од четири години. Еве една тривијално логична паралела. Доколку пратениците не можат да се повикаат на седница на Собранието, односно „ги вратиле мандатите“ се самораспуштиле или самоукинале како што имаше деновиве употребени термини, тогаш што бара Талат на Совет за безбедност како Претседател на Собранието? Ами јасно е друже Џафери, противуставно дојде на тоа место и до крај се однесуваш противуставно, не верувам дека не знаеш туку дека така сте договорени.

Вториот, ќе ви тврди дека со прогласување на вонредна состојба автоматски се откажуваат изборите или можеби дека за нивно откажување се договориле лидерите на политичките партии. Не постои логика овде, бидејќи по овие прашања правно и уставно исправниот пат Ви го кажа колешката Каракамишева и тоа е на душа на уставните судии. Што и да договориле лидерите на политичките партии тие тоа мора да го поминат низ Собранието за да биде законски уредено, во спротивно покажуваме дека функционираме како племе, а не како уредена држава која е членка на НАТО и се стреми кон ЕУ.

Од тука заклучокот е јасен, а тоа е дека пандемијата предизвикана од Корона вирусот кај нас се користи како политичка приказна преку која на мала врата ќе имаме диктатура, односно владеење на Владата на СДС. Онаа маркетиншка приказна дека и опозицијата преку министерот за внатрешни работи учествува во владата е само најмизерна лага, бидејќи се виде моќта на Чулев кога Спасовски му ги укинуваше решенијата и наредбите. Во овој контекст на работата на МВР еве и еден совет до Чулев. Бидејќи, изборите се откажани на неодредено време сега имаш можност да функционираш во МВР исклучиво согласно Законот за внатрешни работи, Законот за полиција и Законот за раководење со органите на управата, а што значи дека немаш никакви ограничувања во врска со кадровските решенија кој можеш да ги поставиш согласно систематизацијата и секако во насока на поуспешно извршување на обврските на Министерството во спречување и решавање на кризата, со што законот за влада во однос на функционирањето на техничката влада е вон сила. Зошто да не, кога Спасовски може да именува судии со Уредба на Влада, тоа е таа иста влада во која е министер и Чулев.

Што се однесува до Собранието, доколку Уставниот суд не реагира, а Талат не сака да го свика Собранието за да може да расправа за укинување на одлуката за самораспуштање, односно прогласување избори на 12-ти Април, тогаш актуелните пратеници да го повикаат Уставниот суд да реагира и во исто време самите тие да побараат свикување на седница, односно да ја разгледаат можноста некој од подпретседателите на Собранието да свика седница. Ова е неопходно пред и над се за да ја задржиме демократијата во државата и да го почитуваме Уставот и законите затоа што само така се чува и гради државата. Собранието ја има моќта добиена од граѓаните и нема никаква причина да не се состане и одлучува за сите прашања кога веќе нема да имаме избори кои пак ги суспендираше Пендаровски незнам по кој законски основ.

На крајот уште еден совет, но сега до Филипче здравствениот министер, а на размислување и на Спасовски. Дали воопшто некој во владата ви која од милост ја нарекувате техничка, а незнам зошто и по кој закон сте сега сеуште техничка, размислува за тоа што ќе правиме доколку ни се случи некоја катастрофа и техничко – технолошки акцидент или пак поголема сообраќајна несреќа. Во случај на земјотрес или некоја друга несреќа не дај Боже со многу повредени дали имате предвидено болнички капацитети за прифаќање и згрижување на настраданите и повредените, а во исто време да не се доведат во опасност да се заразат од Корона вирусот? Ова ви го посочувам за да размислувате за други решенија за справување со вирусот, а не да ги блокирате здравствените институции кои треба на терцијално ниво да даваат редовна здравствена заштита на населението и да бидат подготвени и за други активности во случај на несреќи и катастрофи.

Еве го советот. Постои една болница за белодробни заболувања и се вика Јасеново, а се наоѓа во близина на Велес на два километри од селото Јасеново. Благодарение на луѓе кои се упатени во здравството, а кои си ја сакаат татковината и својот народ како што е Илчо Захариев на кого сум му благодарен за споделените искуства и размислувања, ете јас ќе ви го пренесам искуството за тоа дека оваа болница е изолирана и опремена да може да прима заболени од белодробни заболувања. Така, доколку барем малку размислувате за здравјето на населението би било добро да сите заболени (досега 48) ги префрлите во Јасеново на лекување заедно со потребен број медицински персонал и каде што ќе се формира карантинска област. Втор карантин за оние кај кои не е потврдена болеста, а доаѓаат од кризните региони може да биде касарната во Пепелиште, но претходно Министерството за одбрана да изврши прилагодување на просториите,

На овој начин ќе овозможите останатите медицински капацитети како болницата 8-ми Септември која непотребно ја блокирате, со зголемени мерки на превенција да продолжат да функционираат редовно, а за многу краток период во нормала да се вратат сите институции и воопшто животот во Македонија за да се намалат економските штети. Секако, знам дека нема ништо да направите за да се изврши тестирање на целото население или пак да се бара модел за создавање на имунитет кај населението.

За жал вас ве интересираат други цели и затоа си поигрувате со демократијата, но знаеме дека цената на крајот сите ние граѓаните ќе треба да ја платиме, но вие треба да знаете дека „има утре“, а согласно тоа ќе има одговорност.

Реата на трулежот станува неподнослива.

 

На денот на 42-ца Аморејски маченици

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Парламентарни избори 2020