среда, 18. септември 2019. Вести денес: 73
home Колумни

Ода за новинарите

Ода за новинарите

Силна беше овогодишната конкуренција за Нобеловата награда. Награда за … ? Незнам за што тоа требаше да се додели, нешто се зборуваше. Нобел не го добивме, од само ним разбирливи причини, нели. Некои зли јазици велат дека Нобел, сеуште, не давал награда за областите „Нај инвентивен стил на геноцид над сопствениот народ“ и „Најинвентивните лукративни удари врз сопствената земја“. Не знам, може и да е така, ќе видиме!

Но, наспроти неуспешниот Нобеловец, многу сум сигурен дека оваа година „Пулицер“, нема каде да бега, ако има коректно жири и тоа на меѓународно ниво. Новинарската фела во Македонија конечно го зазеде, на голема жал на политикантите,  своето место во општеството – четвртата власт, или како би рекол Едмунд Берк „четвртиот сталеж“- новинарите извојуваа брилјантна победа. Политикантите никако да разберат дека новинарството, за разлика од 20-от век, е насочено кон интересот на граѓаните, впрочем и пазарните услови тоа го налагаат, не кон интересите на власта туку кон граѓаните правејќи ги сензибилни на општествените политичко-економски и финансиски случувања на разочарување на власта. Залудно од власта се обидуваат да ги симплифицираат нештата, новинарите да ги кооптираат во свои Пи-Ар стратегии и да ги претворат во свои апологети. Едноставо, тоа што треба да го знае јавноста мора да го знае.

Денешниот реален свет во кои работат новинарите, не ниту малку „розов“, го карактеризираат многу неприродни услови како: цензура, несигурни услови за работа, мобинг, прекувремена (се разбира неплатена) работа, принудна автоцензура, мали плати. Од „седма сила“, станаа жртва на силата и силеџиството на политикантите. Реалноста е далеку од оние романтични филмски стории, од типот на „Граѓанинот Кејн“ и  „Слаткиот мирис на успехот“ преку „Сите луѓе на претседателот“ до „Кинескиот синдром“, кога сите сакавме да бидеме новинари, заштитници на малите невидливи наши сограѓани од тортурата на власта, да бидеме преторијанци на демократијата.

Сепак и во такви „субстандардни“ услови за работа нашите новинари, (сега следува стереотипното клише) – без разлика на национална, верска, политичка и сексуална определба, ја исполнија својата општествена улога, „watchdog“ контролор на власта, заштита на граганите од власта, заштита на демократијата. Го заштитија правото на слободен збор, јавен говор и мисла како врвен дострел во едно демократско општество.

Секако за властодршците, кои кога се бореа да дојдат на власт, пееја елегични песни за новинарите и ограничената слобода на говор, денес полесно им е да се „убие гласникот“ одколку да се прифати реата на нивните глупости и девијации, за кои пишуваат новинарите, која реа се шири од владеачкиот организам во распад. Дополнително, стигматизирајќи ги новинарите со непримерни изрази во реченица од типот: „Суетен новинар, неколку криминалци и еден педер“, што беше јасен сигнал за апологетите на власта и опскурни лица да се закануваат со ликвидација, навреди и пизма кон новинарите.

Знаете, со некои новинари не се согласувам, но тоа нема да ме спречи „да сторам се за да го кажат својот став“, токму да го кажат и тоа јавно, јасно и гласно со сите аргументи, анализи и коментари за општествените аномалии. Не сум многу наклонет ни кон следбениците на „Гонзо“ новинарскиот стил, но понекогаш токму новинарските натписи во тој стил ми се најзабавни. Сепак, никако не можам да прифатам новинарите меѓу себе да се напаѓаат и навредуваат, а тоа да е како резултат на нивниот „избор“ да бидат колатерала на перверзната политичка игра. Наместо тоа, потребно е да ги сплотат силите во нивно конечно законско утврдување на местото во општеството, согласно цивилизациските придобивки за апсолутна слобода без цензура на информирањето и пишаниот збор, секако без манипулации и измислувања во стилот на „жолтиот печат“ и сензационализам и злонамерност. Потребно е да отворат расправа и да го „растргнат“ правниот систем, кој некој го отвори како пупка, по однос на случајот Кежаровски. Ступиден случај, еклатантен пример за неправда во кој го убиваат гласникот не свртувајќи се кон оној кој го прекршил законот и издал „државна тајна“, загрозил нечии животи или незаконски штител нечиј криминал. Спротивно од ова, се отвара расправа – со наслов: „Дали на вработените во МРТВ треба да им се дозволи да доаѓаат на работа во куси панталони“? Да не е жално би било смешно или можеби токму тоа е целта, да се сврти вниманието и да се занимаваме со ступидни теми.

Потребно е да станеме и да се поклониме на новинарите за последните разоткривања на со канцер (РЕКЕТ) метастазираното тело, во годината која ја изедоа скакулци и хермафродити. Да искажеме благодарност што ни овозможија, како во филмот „Под лупа“, да ја видиме сета беда на властодршците. Да им дадеме целосна поддршка на новинарите во нивната борба за новинарство без цензура и притисоци, а тоа е единствен начин да ја спасиме демократијата од рацете на насилниците.

Мојата прогноза за крајниот исход на оваа „борба“ меѓу политикантите и „четвртиот сталеж“ би бил во стилот на Генерал Жофр, за битката на Марна – Не знам кој победи, но добро го познавам тој што загуби!

За да не бидеме загубени, да ги препознаеме новите импулси на новите ветришта, ветришта на војната на новинарите со политикантите и да ја поддржиме слободата на говор. Верувам дека новинарите ќе знаат да се изборат со притисоците, а во исто време ќе ја сочуваат и промовираат новинарската етика не само во својата фела туку во целото општество за секој човек и за заштита на основните човекови права, правото на слободно изразување.

Благодарност до новинарите во Македонија, тие кои секој посебно, заедно или секој на свој начин повеќе или помалку во изминатиов период се покажаа како гласот на совеста во државата и сеуште повикуваат на разумност во трошењето на власта, заслужуваат честитки и поттик за понатамошна работа. Многу е важно да знаеме кога некој белосветски преварант, нарко бизнисмен ни се шета низ државата и договара „бизниси“ со премиерот, или кога некои светски мајтапчии се мајтапат со државата поради недоветноста на премиерот, или кога некој во занесот на власта е инспиратор и движечка сила на коруптивна мрежа наместо на државен економски и секаков друг развој, или пак кога некој наместо правда дели неправда, малтретира и прогонува единствено поради политичките и идеолошки различни ставови свои политички противници. Сите овие болести на општеството треба да бидат соголени пред јавноста, но најпрво препознаени, истражени и потполно разоткриено прикажани на граѓаните и пред нивниот суд, проследени со сериозна новинарска анализа или осврт, не со нарачан текст од политикантски центри на моќ. Ете тоа е вистинската сила на „четвртиот сталеж“ кои од се срце ги поддржувам во нивните напори за демократско и одговорно општество со загарантирани слободи и права и право на јавно искажан збор изразување без било какви последици. Тоа е вистинската одбрана на уставните и демократски вредности на Македонија заради самите нас и нашето чисто лице пред меѓународната заедница. За она кој зборуваше за грдото лице и чие лице сега од оваа дистанца се покажа грдо и нечесно има многу можности да истражуваат и анализираат новинарите, но и да согледа јавноста.

Што и да се случува во иднина, какви ли да се прават обиди за геблсовски настап врз информирањето и работата на новинарите, ништо повеќе нема да е исто. По последната битка на новинарите во Македонија, и тие самите, и јавноста се доведени до фаза на демократска сензибилност, така што нема да има „прочка“ или „забошотување“ на палавостите на власта и политикантите, односно патократорите. Сите се пред судот на јавноста, особено во однос на криминалните и антидржавни постапки, благодарение на тенденцијата на четвртата власт да излезе од сенката на дневно-политичките и политикантските игри. Од сега натаму, искрено се надевам дека сметката за „забава“ ќе си ја плаќаат тие кои ја организирале и учествувале во забавата, не јавноста и гласниците.

На денот на Св.маченик Мирон

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов