понеделник, 10. август 2020. Вести денес: 75
home Колумни

Ода на примитивизмот(Заевизмот)

Ода на примитивизмот(Заевизмот)

Најчесто поставувано прашање, во последниве три години, е – Што ни се случи, како успеавме да го допреме дното? Од држава која некако опстојуваше, минувајќи низ семожни сцили и харибди, да се заринкаме во канализацијата на цивилизацијата.

Секој народ ја изнедрува во себе, како и секој жив организам со сопствената автоимуна болест, сопствената негација, вирусот на кој ќе му дозволи да го уништи. Вирусот, за кој се правевме слепи дека не го гледаме, се разви до степен да го уништи сопственото тело (сите нас, нашата Македонија), што секако е најголем парадокс, паразитот се уништува себе си гонет од поривот да го уништи домаќинот. Нашиот вирус, кој го поседуваат сите народи, но превземаат разни методи и средства, кога веќе не можат да го уништат, да го стават под контрола недозволувајќи му да се вообрази во својата значајност и создаде канцер во општественото живеење, се нарекува ПРИМИТИВИЗАМ.

Според Вујаклија примитивци се прости, сирови, груби, нецивилизирани, еднострани, некултурни луѓе. Карактеристично за примитивците е што како паразити седат притаено во недрата на општеството,чекајќи го својот момент на слава. До овој момент нив тешко ќе ги препознаете, со неколку напамет научени фрази, скромно облечени, културни во своето однесување чекајќи го моментот кога ќе метаморфозираат од ларва во штеточина. Моментот кога ќе нанесе несогледливи штети по општеството, едноставно, примитивците уништуваат се што ќе допрат.

Примитивците имаат свои тајни знаци (по примерот на секое окултно здружение) по кои се препознаваат, наспроти сите бои со кои се премачкани, солидарни се и сѐ подржуваат во ширењето на мрежата на примитивизмот. Нивното опстојување е во правопропорционален однос со големината на мрежата на привитивизмот и оние кои ќе се вплеткаат во неа. Внимавајте, примитивизмот е заразен, вкалкулиран во конформизмот и опортунизмот.

Простаклукот, sui generis на примитивизмот, во ова време, тероризирани од разно-разни „Фарми“, многумина ги маѓепсува. Простакот-примитивецот ќе го препознаете по тоа што тој нема недоумица, грижа на совеста, траума, тој е убеден дека светот постои само поради него. Светот во неговите очи е едноставен, праволиниски, без морални дилеми. Неговото гесло е „или ќе биде како јас ќе кажам или никако“, поткрепено со удар по масата, со широка, лицемерна, насмевка покажувајки ги искривените заби потрошени и пожолтени од консумирање големи количества на алкохол и никотин, но сепак спремни смртоносно да го касаат општественото тело во кое тие самите живеат.

Во периодот кога се качуваат на скалилото на општествениот систем, примитивците се олицетворение на простаклукот и служат за подсмев на околината. Но, тие се прават дека тоа не го забележуваат, како одговор на оние кои им се подсмеваат, со блажена наивна насмевка го трасираат патот, во себе трупајќи омраза и жед за одмазда. Примитивците создаваат своја култура, свои идоли, идеали, креираат сопствена држава во држава, секако по нивна примитивна мерка и со исти такви „вредности“. Се до моментот кога ќе се пробијат на врвот на општествената скала, тогаш сите ќе го почувствуваат духот на примитивизмот, нивната култура и нивните идоли, вредности и идеали ќе ги наметнат врз масите станувајќи државна култура, идоли на масата. Фамата на примитивизмот лебди над општеството, креира мислење, создава „морални“ норми, диктира (манипулира) со секој сегмент во општеството. Креирајќи го (како во огледало) својот одраз во општеството (кој и не забележуваме колку е грд, како впрочем нели грдото лице на Заев за што порано пишував). На тоа се надодава простаклукот на кој му се воодушевува, безобзирноста со која се самозадоволува, грубоста која го маѓепсува, насладувајќи се на плодовите од својот интелект – тоталното безумие.

Во политиката, ПРИМИТИВЕЦОТ, го почитува само начелото на силата, кога не е на врвот на скалилото тогаш е понизен и се умилкува. Штом се добере до врвот, тој секогаш е во право, го уништува секое мислење кое е различно од неговото, слеп и глув за било какви аргументи и факти. Се што ќе допре примитивецот го претвора во својата спротивност, идентитетот е срам, патриотизмот несватлива глупост, верата станува бласфемија, буџетот простор за лично богатење, високо-образовнтие институции параван за глупоста, високо-научните институции непотребен товар, власта се претвора во гнездо за примитивизмот и примитивците, националните интереси можност за богатење и одмазда кон оние кои се подсмеваа на примитивецот, основен идеал и цел кон која се стреми примитивецот е уништување на домаќинот (државата) од која се изродија како несакана последица на нашиот молк.

Примитивецот нема способност за било каква визија за иднината, минатото (историјата) за него се важни неколку, напамет научени, стереотипи со кои ја разрешува целокупната светска и национална историја. Вирусот на примитивизмот може да создаде пандемија. Дури и  Коровид-19 е безопасен грип во однос на примитивизмот, со тенденција да се претвори во наследна болест од која ке боледуваат генерации и генерации. Неговата моќ за самоодржување и (наспроти интелектуалната хермафродитност) саморазмножување е неверојатна.

Во благопријатни услови, какви што се денес во Македонија, масите опфатени во мрежата на примитивците стануваат фанатични подржувачи и целосно го имитираат Врховниот Примитивец, претворајќи се во аморфна маса. Тие услови овозможуваат примитивците да станат опасни по своето постоење, фанатично следејќи го Врховниот Примитивец насочени се кон сопственото уништување, па единственото решение да бидат сопрени е примена на брутална сила (пред се интелектуална) пандан на нивната со која се насочиле кон уништување на сопствената (заедничка) држава.

ПРИМИТИВИЗМОТ е Нашето „Диво месо“, прекрасно искажано низ устата на Горан Стефановски, односно неговата Марија. Не е легенда неговото постоење, тоа е нашата суштественост, она што не оневозможува да создадеме „Оптимистичка теорија за мојот народ“. Требаше одамна да превземеме чекори , во стилот на Димитрие од истото „Диво месо“ на Горан Стефановски: „Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша“.

Можеби се уште не е доцна, на 15-ти јули имаме шанса да ја исполниме мечта на Димитрие, секако: „Европа ве бара! И се прди на Европа за Вас…“

 

Во прашање сме ние самите и нашата Македонија која испушта задушени крици под бремето на примитивизмот (Заевизмот).

 

На денот на Светите маченици Леонтиј, Ипатиј и Теодул

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коронавирус