петок, 24. јуни 2022. Вести денес: 57
home Колумни

Од регионални лидери, до најголеми лузери

Од регионални лидери, до најголеми лузери

Она што ни го кажуваат странците изминатите неколку денови само ви кажува дека од ден на ден, се повеќе тонеме и пропаѓаме, а некој ја убедува јавноста дека само доколку уште некоја отстапка направиме, и ќе влеземе во ЕУ и ќе потече мед и млеко.

Да се разбереме, во ЕУ не влегуваме, барем не во следните 10 до 15 години. Не име, историја и идентитет, се да продадеме, робови да станеме, џабе ќе е. На крајот на краиштата, политичките и добрососедските односи не се основниот критериум. Треба да се има функционална, правна држава, со корупција и непотизам сведена на минимум, со почитување сечие индивидуално или колективно право. Ова што го имаме сега, е една збирштина на полтрони кои се трудат да им се вовлечат на странските амбасадори и меѓународната заедница, да фингираат настани, манифестации цицајќи странски проектни средства, да го сатанизираат сопствениот народ и целата опозиција, и да глумат космополитство, иако во голема мерка и самите го презираат тоа што го прават за да бидат прозападно допадливи.

Дојде Нобеловецот во Охрид и ви кажа, со вакви патишта, напред нема. Цели пет години само гребете асфалт, и велите нови патишта. Нов пар е ново проектирана, ново пробиена траса. Се што наследивте не знаете ниту да довршите. Последната вест е дека 30 отсто од германските инвестиции се спремни да си одат од тука. Ниту се вложува во кадри, ниту во инфраструктура. Минималните плати ги кревавте од ѓутуре, за да се додворите на гласачите кои и така за вас не гласаат, отворивте инфлациска лавина која кој знае кога и дали ќе запре.

Нивите се празни. Ниту има кој да ги обработува, ниту има репроматеријали, семиња, „зелена нафта“, сточна храна… Но затоа фирми кои никој никогаш за нив не чул, преку Фонд за иновации здраво наплатија. Вистина е дека имате ‘иновативни’ начини да државните и јавни пари ги направите приватни и со нив да глумите чорбаџии. Не знам ни зошто постои антикорупциска, и зошто се бара од функционерите да прават анкетни листови, кога еден куп кои се на власт, немаат доставено (ги нема на сајтот) или фиктивни информации даваат, или пак сето ќарено е убаво складирано кај најблиските. Во Скопје се искреира целосно нова елита, а интересно е дека имот купуваат пред се струмичани и кумановци, но ништо не е послаба и новата полошка, тетовско гостиварска елита во Скопје. Чаир е посебна приказна. Тој функционира како град во град, иако сферите на интерес на моќниците се шират кон Гази Баба, Бутел и Карпош.

Еден мој пријател неодамна убаво ми рече: „Нема повеќе ни политика, ни идеологија, ни ваши/наши. Се е сведено на корист и личен интерес, и секој секого кодоши и мести. Пази се од секого!“ Е во таква држава живееме. Тоа е тоа „Едно ‘опшесво’ за сите!“

Се нема ниту план, ниту концепт, ниту идеја како понатаму. Со потпросечни министри објавуваме војна на светски сили, зимава едвај ја поминавме, а не знаеме што ќе правиме од есен. Немаме гас, немаме нафтени деривати, немаме ископано јаглен, водените ресурси минатата зима ги доведовме до еколошки минимум. За храна станавме целосно увозно зависни, цените рипнаа до плафон, а народот секој ден е посиромашен. Се задолжуваме како луди, а ефект од задолжувањето нема. Парите се пласираат кај подобните, раст нема, а каматите ќе не уништат.

За крај, иако можеби требаше да почетокот, распродавањето, раскрчмувањето на националните интереси. Тоа, ама апсолутно никој, никогаш нема да ви го прости. Имам впечаток дека народот е резигниран, разочаран, депресивен и во континуитет наклукан на апчиња. Дијазепами се голтаат како бомбони. Да не заборавиме што се претрпевме со короната, и начинот на кој оваа власт се справи со истата.

Да не заборавиме: запалена модуларна болница, автобуси без лиценци со патници, пратеници побегуљи кои се продаат за власт или се киднапирани, патишта со дупки, одрони на автопати и какви ли не катаклизми, кои веќе човек не може да ги запомни, а жртвите да ги преброи.

Искрено, како човек, веќе ми станува сеедно дали и опозицијата почува да се дели, дали некој влегува или излегува од коалицијата. Крајно време е да престане делбата, народот да излезе на улица и да не се прибере дома додека оваа ненародна одродена власт не падне! Нема веќе простор за компромиси! Шанса оваа владејачка структура имаше. Цели 5 години. Да, денес се живее многу по лошо отколку пред 5 години. Доволно беше!

 

Александар Ристевски

Коронавирус