Со години наназад, после потпишувањето на договорот со официјална Атина и воведувањето на Република Македонија во период на “гарантна“ окупација, постојано предупредувам на очекуваниот удар врз последниот столб кој го крепи македонското постоење – Македонската Православна Црква. И, еве, не се знаеше денот, но, точно се знаеше од каде ќе биде зададен ударот – од грчката црква во Цариград, преку нејзините платеници во државава.
Па така, она што некој наивно сака да го прикаже како обична битка за востоличување на еден или друг кандидат на испразнетото место после упокојувањето на Владиката Тимотеј, односно, оркестрирано незадоволство од одлуката на Архиепископот Охридски и Македонски во изборот на кандидат, всушност, претставува длабоко осмислен потег, наметнат однадвор. Па, после световната шарена револуција со која се урнаа првите два столба на македонското постоење – нацијата и државата, сега се изведува духовна шарена револуција во обид да се урне и третиот столб – Светиклиментовата Македонска Црква.
ЦАРИГРАДСКИОТ ПЛАТЕНИК НА ХИЛАРИ КЛИНТОН
Следи кратка историја на Цариградската Патријаршија.
Цариградската Патријаршија е создадена по расцепот на Римското Царство во 395 година на чело со Епископ. Во 451 година станува Патријаршија, за да веќе во 596 година се самопрогласи за Вселенска Патријаршија.
По паѓањето на Цариград под османлиска власт, во 1453 година, заради општествената поделба по религиозен карактер во Империјата, на Вселенскиот, односно Цариградскиот Патријарх, му е дадено правото да биде духовен водач на источните христијани во самата Империја.
Што значела општествената поделба по религиозен карактер во Османлиското царство? Имено, османлиското општество било поделено на Милети, со верски водач Милет Баша, со свои верски судови, верски училишта и други верски институции. Привилегиран Милет, секако, бил муслиманскиот Милет, за муслиманските “правоверници“, а, постоеле и Милети за “неверници“, кои биле од втора категорија. Меѓу нив биле Франкискиот Милет, за сите католици; Ерменско-Грегоријанскиот Милет; Еврејскиот Милет и, Рум Милетот, источнохристијански Милет со Цариградска Патријаршија и Цариградски Патријарх како Милет Баша за православното население во Османлиското царство.
Во првите векови на османлиското владеење, Цариградската Патријаршија играла улога на потпомагач на црковното и училишното дело, но, на почетокот на 19 век, кога, под влијание на Франција и Британија, се развиваат идеи за создавање национални различности внатре во православниот Рум Милет во османлиското општество, Цариградската, или самонаречената Вселенска Патријаршија, започнала да се трансформира во политичка институција и да се идентификува со грчкиот народ. Од тогаш ја започнува својата борба за грцизирање на Балканот преку таканаречената “Мегали идеја“.
Денес, Цариградската Патријаршија има околу 5.000 верници во Турција, околу 3.800.000 верници во Грција, претежно во северниот дел и, околу 1.500.000 верници во дијаспората, од кои најголемиот дел во САД, во 525 парохии. Така и потпаѓа под целосно влијание на ЦИА и, за нејзе го одработува расколот и уништувањето на Православието.
Во 2018 година, добивајќи 10 милиони долари од Хилари Клинтон, а во име на западните марксисти, либералите, самопрогласената Вселенска Патријаршија, наспроти веќе постоечката Украинска Православна Црква, даде афтокефалност на новосоздадена Православна Црква на Украина, патем, признаена само од Грчката и Кипарската Православна Црква и, создаде нов раскол во православието.
СКРИЕНА ЦЕЛ – БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ПОСТОЕЊЕ
Се сеќаваме дека грчкиот Патријарх од Цариград инсистираше на исто решение како во Украина – МПЦ ОА да се преименува во Православна Црква на Северна Македонија, а во меѓувреме ја ословува како Црквата од Охрид.
Зошто нему и на неговите поддржувачи, или платеници, сеедно, им е потребно ова?
За да објаснам, по којзнае кој пат ќе се навратам на Вестфалскиот договор од 1648 година. Имено, после триесетгодишна крвава војна, во Минстер, Северна Рајна Вестфалија, се потпишува Вестфалскиот договор со кој, за прв пат, се дефинираат поимите држава и нација во оваа современа смисла во која денес ги знаеме.
И, во западнохристијанските држави создадени врз овој принцип, се создава двојството нација – држава. Кога кон крајот на 19 век, заради потребите токму на тие западнохристијански држави, а заради одземање на моќта на Отоманската Империја, инсталирајќи свои принцови и регенти, се формираат балканските држави и се создава двојството нација – држава, токму грчкиот Патријарх од Цариград, со својот обид за грцизирање на Балканот, кој за жал, се’ уште егзистира, придонесува во создавањето на таканаречени национални цркви, со што во источнохристијанските држави се создава тројството нација – држава – црква.
Откако после шарената револуција, се потпиша договорот со официјална Атина, преку прифатеното име на државата Република Северна Македонија и промената на македонскиот идентитет во граѓани на Република Северна Македонија, двете компоненти од тројството, нацијата и државата, беа избришани. Со тоа, се отвори пат за целосно бришење на македонската држава и народ и создавање нов државно-правен субјект во меѓународните односи, со целосно раскинати врски со македонската историја и идентитет.
Токму заради тројството нација – држава – црква и, постоењето на Македонската Православна Црква, пеколниот план не е завршен. Токму затоа, оние кои стоеја зад световната шарена револуција и ја нанесоа најголемата штета на македонското постоење, денес, злупотребувајќи ги верниците, што е злосторство самото по себе, ја организираат оваа духовна шарена револуција. Тие кои на своите плакати пишуваа “Црквата да од-ебе“, денес, како најподобен, промовираат платеник на агентот на ЦИА од Цариград, глумејќи загриженост за иднината на нашата Света Црква. Знаат дека доколку успеат, ќе внесат раскол и недоразбирање, а, утре-задутре и прифаќање на барањето на грчкиот Патријарх од Цариград за промена на името.
Со тоа, после бришењето на членот 49 од Уставот на РМ и световното откажување од Македонците од соседството и, затворање на македонското постоење само внатре, во границите на државава, сите имоти, цркви и манастири надвор од државава ќе му бидат дадени на владение токму на грчкиот Патријарх од Цариград и, државава ќе се откаже и од своите духовни чеда ширум светот. Така, оние кои од Букурешт 1913-та не можат да се помират со македонското постоење, преку шарените револуционери, би го завршиле подмолниот план за целосно бришење на македонското постоење и создавање нов државно-правен субјект без никакви заеднички точки со македонската историја, традиција, црква и идентитет.
Конечно, наспроти западното христијанство кое е човекоцентрично, па енцикликите на Папата, како “врховно божество“ се единствени валидни и беспоговорни, нашето источно христијанство е богоцентрично, па, ниту едно човече, од кој и да е манастир, не смее да биде над Божјата волја и неговата творба Македонската Православна Црква. Црква, која, давајќи безрезервна поддршка на нејзиниот Поглавар и Светиот Синод, ние, македонските верници мораме да ја заштитиме.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК