четврток, 17. октомври 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Обединувачката магија на спортот

Обединувачката магија на спортот

Македонија се препороди! Вистинска бајка беше се’ она што му се случуваше на ракометниот клуб Вардар оваа сезона.

Преноси на натпреварите само преку еден кабелски оператор, заминување на речиси целата прва седморка (Канељас, Македа, Марсениќ, Милиќ, Абутовиќ, Штербик, Циндриќ…), намален број спонзори, и што ли уште не! Многумина зли јазици велеа дека е прашање на време, кога Вардар ќе „рокне“, и дека се ќе се респадне како и женскиот тим, која сезонава настапува со млади, повеќето малолетни девојчиња.

Македонецот е гладен за успех, за мотивација, за нешто што ќе му ја крене националната гордост. Живееме зачмаени на ова мало парче земја кое може да се заобиколи за неколку часа, редовно јадеме ќотек од сите, на сите полиња, очигледно спортот и културата се и можат да бидат опиум за овој наш демотивиран народ.
Начинот на функционирање на Вардар покажа и докажа како се работи.

Што е потребно за успех?

1. Инфраструктура
2. Правилна селекција
3. Менаџмент (организационен и стручен)
4. Пари (оптимален буџет)
5. Атмосфера за успех

Сево ова, и тоа баш по тој редослед, и ништо од наведеното не е помалку битно. Треба се да има, да си легна работите, и колективот да гази, неподложен на сопките, опструкциите и се на што попатно ќе налета.

На помало, микро ниво, како слични позитивни примери ќе ги споменам Академија Пандев во фудбал, и Блокотехна од Гевгелија (поточно од Негорци) во кошарка. Ако продолжат правилно да работат, и со план и стратегија, прашање е на време кога и тие ќе почнат да остваруваат разултати на повисоко европско ниво.

Еурофарм Работник во ракометот ќе биде следното големо нешто во ракометот. Верувам во Битола, битолчани, тренерот Алушовски и сопственикот Мицевски. Посакувам искрено и Пелистер да биде конкурентен. Дури тогаш ќе процвета ракометот во Македонија. Да не го заборавиме Металург, главниот кривец која ја извади повеќе од пола актуелна репрезентација.

Државата НЕ ТРЕБА да дава пари во клубовите и спортот. Државата треба и МОРА да овозможи услови спортот да се развива. Да изгради објекти, инфраструктура, да донира опрема, да ослободи од давачки, царини, да смени законска регулатива околу стимулирање на приватниот сектор да инвестира во спортот. Државата и политичарите кои се на власт, се првите кои сакаат да се сликаат до спортистите, до најдобрите, да украдат дел од славата и да си припишат дел од успехот. За тоа да им биде дозволено од навивачите и публиката, мора да имаат минат труд. Не може да напаѓаат, плукаат, дисквалификуваат, а ако се постигне успех, да се натопорат во први редови. Народот памети!

Апсолутно е недозволиво кога спортот се користи во политички цели, и кога државата се обидува да го затскрие незадоволството, кога се обидува да го репресира искажувањето на родољубието и патриотизмот јавно. Се што е потиснато, некаде и некогаш ќе експлодира.

Пред месец и кусур, точно еден час пред ракометниот меч Македонија-Исланд, од еден мој другар ги добив неговите 4 влезници на мечот, претходно барав, сакав да купам, немаше. Отидовме јас, мои двајца пријатели и синчето на едниот од нив. Често ги пратам натпреварите на репрезентациите во сите спортови, но на овој меч за прв пат се осетив толку бедно. Публика која не ја познавам, сите кои го носеа македонското етничко знаме на врата им беше одземено, а аплаудирање како во театар.

Почнав да се вртам наоколу, во салата имаше луѓе кои очигледно прв пат одат на ракомет. Еден куп лица по 70-80 години. Ги немаше Комитите. Немаше навивачки групи. Цело прво полувреме, никој не скандираше ништо, само аплаудирање. Во второто полувреме за прв пат, почнаа скромно МА-КЕ-ДО-НИЈА да скандираат. Си отидов разочаран и погоден од целиот амбиент и едвај извлечениот нерешен разултат.

Викендов Македонија ќе игра ракомет во Струмица со Грција. „Генијален“ избор. Градот е познат по фудбалот, по одбојката дефинитивно, едно време имаше и добра кошарка, но со ракометот нема ништо заедничко, ако не ја сметате авантурата наречена Зомимак.

Во ред, прифаќам. Ги активирате сите можни центри и сали. Каде се билетите? Јас и еден куп други луѓе спремни сме да одиме и во Струмица за да гледаме ракомет. Да навиваме и да ја бодриме МАКЕДОНИЈА. Ракометната федерација со постапките во последно време и покрај вложениот труд логистички, со вакви постапки многу брзо ќе го сврти народот против себе.

Фудбалската федерација од друга страна, паметно одигра, иако организационо делумно потфрли (непуштање на сите трибини, лоша дистрибуција на влазници и слично), но со популарните цени ги наполни трибините на последните два меча со Полска и Австрија. Народот си кажа што си има од трибините, пораката е испратена, за жал фудбалерите и стручниот штаб не испорачаа што се очекуваше од нив. Не се страшни поразите, но лошата игра не се простува. Хаотичен настап. Лошо е кога играш дома, а на двата меча најдобар играч ти е голманот Столе Димитриевски. Очигледно нашите на знаат да играат добро пред полн стадион домашна публика.

Пак ќе повторам, оставете им го спортот на спортистите, спортските работници и на народот. Државата е лош газда, лош менаџер, и секој пат кога спортот е ставен со политички цели и кога некој пробува да го менаџира, повеќе прави лошо отколку добро, а енергијата некаде и некогаш ќе се ослободи, многу посилно.

Македонија во срцето. Напоред јунаци.
Не викале ФИРОМ, Скопјани, Бифши, сегашни идни, ќе издржиме и ко Северни.
Една е МАКЕДОНИЈА!!!

Александар Ристевски