четврток, 19. септември 2019. Вести денес: 117
home Колумни

Нулти рекет

Нулти рекет

Умберто Еко, во својот роман „Нултиот број“ демонстрира колку многу нешта во нашиот живот или во нашата историја е одредено од приказни, без оглед дали тие се измислени или вистинити. Дури, ни предочува и алати, како голем мајстор на својот занает и голем ерудит, како да се одбраниме од подметнувања, лажни информации и теории на заговори.

Кратката фабула на Умбертовиот роман се однесува на една фиктивна новинарска редакција како дувло од кое се лансираат спинови. Всушност, станува збор за весник, кој што не постои заради информирање, туку заради манилупирање и дискредитација и најважно, замислен е да постои заради можноста да биде употребуван како идеално оружје за уценување и како влезница за влез во одбраниот круг каде одлично се заработува кеш.

„Нултиот број“ на Умберто Еко е една одлична приказна напишана со многу мајсторство на високо едуциран литературен теоретичар, но она што кај мене побуди интерес е секако еден аспект од неговата многузначност, а тоа е веднаш и од прва топка истата намена со аферата „Рекет“, која силно ги подгреа и така најтоплите летни македонски денови до точка на вриење.

Умберто Еко дури и би можел да е жив и да знаеше за нашиве национални срамови и да ја надгради и развие приказната, секако тука вклучувајќи го и СЈО (СДСМ) и целата операција на Боки 13, а јас само сум многу љубопитна какво име ќе му дадеше на Заев, а улогата покрај предавничка, кловновска и дворско – шутовска, сигурно ќе ја зачинеше и со некој чин на егзекуција, не дај, Боже!

Така, овие момчиња овде, во државава со две и повеќе имиња (Македонија, Северна Македонија, БЈРМ) – безимена, си го „присвоија“ СЈО за да владеат и уценуваат (за да владеат мораа да ја обезименат Македонија или да ја прекрстат, како сакате, секојдневно да се обидуваат да го закопаат колективниот дух на народот, да им го втераат стравот в коски, да ги доведат до безизлезна апсолутна апатија), ама поважното да се збогатат, да опљачкаат се, како во некој средновековен турски заборавен вилает, да соберат арач, да опустошат, а за „непослушните“ секако се применува рецептот „данок во крв“. Апсења, зандани, небулозни пресуди, обвиненија по мерка и што уште не.

Ама, во природата и во животот, се се случува во циклуси, ништо не е бесконечно и вечно, а цикличните процеси од најголем победник, ловец и судија, Заев и СДСМ полека, ама сигурно ги сместуваат во позицијата на плен и жртва.

Штетата е огромна што успеаја за многу кратко време да ја нанесат на сите процеси, правила, норми. Тоа неминовно доведе до колапс на системот, колапс индивидуален, но и колективен, од кој што Македонија и нејзините граѓани, ќе мора да смогнат сили и да излезат.

Ќе мора брзо и итно да се сменува ракурсот, реториката, чекорите, ќе мора да направат голем широк договор и коалиција со најсилната опозициона партија и нејзините партнери и да ја добијат битката за себе, за родените деца, за своите внуци, за родната Македонија. Но, ваквата широка акција, подразбира широка обврска, пактот, сојузништвото со народот и граѓаните на Македонија, покрај што е чест прво е и обврска, навистина иако можеби премногу доцна, во првата деценија на 21 век, да започнат бескомпромисни, одлучни и недвосмислени битки за достоинството на индивидуата, за честа на човекот, за номиналнот повик да се чува и гради земјата која те родила, а се именува како татковина.

д-р Анита Ангелевска
советник ВМРО ДПМНЕ, Битола