среда, 27. март 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Нобеловец

Нобеловец

Македонија е земја на чудата. Ова ми се потврдува многу често во последно време. Чудни типови се појавуваат како разузнавачко-контраразузнавачки величини и судски сведоци, а немаат никакво стручно познавање од безбедноста, се прават реформи во безбедносниот сектор а не знаеме која е таа фамозна експертска група која определува (советува) каков модел на реформи во безбедносните служби да се примени. Излегува ген-секот на ѓон СДС-то предавничко и ни соопштува дека 2018-та била успешна година, а ние јадните само пораз по пораз нанижавме годинава и тоа пред се како нација. Ни објаснуваат дека економијата цвета и дека има зголемен број на странски инвестиции, а никако да прогледаме во перспективата од толку цвеќиња или можеби смрдеата од цвеќињата не обзема па ни лути околу очите и не тера на плачење, па ни маглат штом не можеме да ги видиме успесите на ѓон СДС предавничка. Згора на се, предвидуваат дека идната година ќе сме доживееле економски „бум“, а на граѓаните на Македонија им се тресе душата како ќе преживеат идната година со урнисана држава и економија.

Нема ништо од шарените лаги и ветувања дека ќе има „живот за сите“, веројатно се работеше за лапсус лингва, тие мислеа „живот за сите нив“ од раководството на ѓон СДС предавничка.

Така, ќе се нагледаме ние уште глупости со кои ќе не замајува ѓон СДС предавничка, а се со цел да некако си ги протнат нивните лукративни и лични интереси, односно комотно да си владеат трошејќи ги удобностите на власта без ни најмала грижа за државата за граѓаните, затоа што тие се предодредени да владеат нели?

Сепак, најголемото чудо е идејата за номинација за доделување на Нобелова награда за мир на ѓон Црпко предавнички (оној узурпаторот што се претставува како претседател на владата на Република Македонија), лицето со иницијали ЗЗ кое одработи и е во завршна фаза на одработување редефинирање на државата за чии премиер се претставува. Очекувам ова чудо да стане и вистинско, бидејќи во наша Македонија се е возможно, па така според познатата народна песна „Излези Ѓурѓо мори чудо да видиш“, нема да се изненадам доколку се изнагледаме чуда, а веќе го видовме „зајакот со чалма“, нема да бидеме далеку и доколку лисицата со венец ја видиме или можеби, венецот ќе му го дадат на зајакот? Но, како и да е Ѓурѓа (народот наш напатен), веќе се излага и да се надеваме дека на претстојните претседателски избори нема повторно да се излага. Затоа што, само будалиот двапати од исти камен се сопнува.

Оваа промоција на ѓон Црпко предавнички е јасна. На овој лик под маска му тргна работата „сите да го сакаат“ (по онаа српската – Сви ме воле, тако ме и зову) и како што Бог (Бог да чува) го црпна од нивата за да ја „спаси“ Македонија, така сега како докажан миротворец го црпнуваат-номинираат за Нобелова награда за мир. Сето ова со оваа несреќна номинација ми наликува на еден огромен мајтап со Нобеловата фондација. Мајтап во интерес на политиката и „промоцијата“ на лице под маска за нешто што ниту е ниту ќе биде. Едноставно овој лик со ѓон образ нема основ да биде номиниран, секако во нормални услови и процедура, но како што ние сме чудесна земја, така и ова чудо може да се случи, пу пу пу скраја да е.

Но, целата оваа операција за нобеловецот не е ни најмалку случајна и колку и да изгледа и навистина здраво разумски гледајќи ја претставува мајтап, воопшто не е наивна. Таа треба да послужи за неколку работи и тоа:

1.Да го исчисти ѓон Црпко предавнички од епохалното предавничко недело кон сопствената нација и држава Македонија. А, како подобро да се „измие“ од предавството ако не преку претставувањето на предавството како доблест, бидејќи миротворството е доблест (примерот со Мендела кој целиот живот пострада и страдаше за својот народ и остана доблесен и како претседател, или пак со Ганди и неговиот пацифизам). Така, ова е проѕирен обид ѓон Црпко да биде исплакнат од предавството на сопствената нација преку негово преобликување од предавник, аболициран криминалец во миротворец.

2.Да се сврти вниманието на македонските граѓани кон нешто што во овој историски и економски миг воопшто не е важно за граѓаните. Имено, по номинацијата во јавноста ќе се занимаваме со ѓон Црпко предавнички и неговите „миротворни успеси“ како наводно национално достигнување, а не со националниот пораз кој ни го нанесе и економската беда со која се соочуваме сите ние секојдневно.

3.Да му се отвори или олесни патот на ѓон Црпко предавнички кон неговата очекувана кандидатура за претседател на Република Македонија (со него Северна Македонија). Секако дека во сите порази и црнила кои ни ги направи, но особено во неговата нималку чиста лична и политичка биографија, самата номинација за Нобелова награда му дава материјал за водење на предизборната кампања. Всушност тоа е нивната анализа (SWOT) во која ќе ја потенцираат „силната“ страна на ѓон Црпко предавнички како меѓународно признат и заслужен политичар и тоа би придонело за подобрување на меѓународната позиција на Македонија. Ова се приказни за мали деца и немојте потоа да наседнувате на веќе започнатата кампања на про СДС медиумите кои пишуваат дека Христијан Мицкоски го „турка“ лицето ЗЗ да се кандидира за претседател. Прилично сум сигурен дека на Мицкоски му е сеедно кој од ѓон СДС-то предавничко ќе се кандидира за претседател, пред се затоа што му е јасно дека целата кампања ќе ја бутка ѓон Црпко предавнички со неговите удбашко-криминални инсталации на Спаосвски и со валканите пари. Затоа тврдам дека лицето под маска ЗЗ го „турка“ некој друг, а со лична согласност на именуваното лице под маска и тоа како „награда“ за сработеното. За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во секој случај победата над ѓон СДС предавничка на претседателските избори ќе биде победа врз политиките на ѓон Црпко предавнички и ѓон СДС предавничка, а тоа ќе отвори пат за можни предвремени парламентарни избори.

4.Да се остави отстапница секако позитивна и за Ципрас како соучесник во овој процес против Македонија и Македонскиот народ, а како резервна варијанта дека тој лично се сторил, но ете во грчкото собрание не минала ратификација или како план Б, дека ќе ги изгуби изборите, но извојувал лична победа и сатисфакција на меѓународен план. Оваа сатисфакција ќе му овозможи да се одржи во политички живот за евентуално повторно враќање на сцена во Грција, а тоа значи дека некој има план за негова повеќекратна употреба, за разлика од другиот спотер кој е за еднократна употреба.

Така дојдовме до крајот на оваа елаборација на целите и интересите за прогласување на нобеловец во ликот под маска и (не)делото на ѓон Црпко предавнички. На крајот, останува да кажеме уште дека евентуалното прифаќање на неговата номинација и не дај Боже доделување на Нобелова награда за мир ќе биде срам за сите оние кои некогаш добиле Нобелова награда од било која научна дисциплина, а најповеќе за самиот Алфред Нобел. Како би изгледало тоа кога ѓон Црпко предавнички би требало да се нареди до Динан (првиот добитник на Нобеловата награда за мир-основачот на Црвениот крст), Вилсон, Келог, Хамаршелд, Мајка Тереза, Мендела и други, а со што тоа би се пофалил? Со беспрекорен неколку деценски труд на создавање на корумпирана семејна империја, со евро бизнисот, со аболицијата за сторените криминали, со соработката со странски служби и неговиот Верушевски, со „шарените“ револуционери кои ги изработи за еднократна употреба, со неговото Кате и СЈО, со Кацарска судството со чии реформи раководи, со прислушувањето на ОЈО и судовите, со нарушената лична и јавна безбедност на граѓаните и неговиот Спасовски кој се прави дека паднал од Марс, со семејните марихуана бизниси, со Вицето, со тендер приказните и бомбона бизнисите, со уривањето на македонската економија и осиромашувањето на сопствените граѓани или со најголемото (не) дело – предавството на сопствената држава и нација.

Ова се делата на ѓон Црпко предавнички и нема да побегне од нив. Промовиран или не, добил или не добил Нобелова награда, лицето под маска ѓон Црпко предавнички (алијас ЗЗ) еден убав ден кога во наша Македонија ќе завладее правото и правната држава, а тоа наскоро ќе се случи, ќе си одговара за велепредавство по сите основи, како и за сите криминали и ќе си лежи. Шведската Кралска Академија на науки која е носител на фондот на Алфред Нобел и доделувач на Нобеловата награда има многу елементи за размислување и одлучување по евентуалната номинација на лицето под маска, а поврзано со нејзиниот углед. Претпоставувам дека Шведската Кралска Академија на науките е спротивност на нашата (сеуште ли е наша?) МАНУ. А за МАНУ и нејзините чуда и глупирања во друга прилика.

На чудата во Македонија никогаш крај, но веројатно на крајот ѓон СДС предавничка и несудениот Нобеловец ќе останат зачудени.

Честит Божиќ на сите наши сограѓани од Римо-Католичка вероисповед

Вонреден професор д-р Оливер Андонов